„Слободен печат“ дознава: Кривична пријава за приватна болница во Тетово – на хирурзи, сестри и инструментарки не им исплатила илјадници евра плати!

Десетици доктори специјалисти, медицински сестри, инструментарки, акушерки и друг кадар на болницата „Оне Хоспитал“ во Тетово со месеци не одат на работа откако болницата почнала нередовно да им плаќа надоместок за плата. Моменталната состојба во Централниот регистар на болницата, покажува дека две трансакциски сметки ѝ се блокирани повеќе од 45 дена.

„Слободен печат“ разговараше со повеќе од пет вработени, од кои еден рече дека „Оне Хоспитал“ му останала должна над 30 илјади евра, а друга медицинска сестра ни посочи дека не зела пет плати. Поранешна вработена на позицијата инструментарка спомена дека не зела осум плати, за кои работела во операциона сала.

Загрижувачки е што сите тврдат дека дел од парите примале на рака, но дека се решиле да се простат и од тие пари и од бонусите и ги интересира само да ја добијат платата за која со месеци работеле.

Според нашите извори, поранешни вработени во „Оне Хоспитал“ – Тетово, проблемот почнал кога се сменил менаџментот на болницата. Постепено почнале да доцнат исплатите, за на крајот сосема да останат без пари. Дел од нашите извори велат дека се разочарани од Финансиската полиција, од Управата за јавни приходи и од Трудовата инспекција, затоа што се чувствуваат незаштитени од државата.

– Излегува дека јас, којашто го пријавив случајот и во Финансиска полиција и во УЈП и во Трудов инспекторат не сум заштитена и немам механизми да ги добијам моите плати, а некој странски инвеститор има таква опција да нема никаква обврска кон нас и со месеци да ни кажува дека нов купувач на болницата само што не се појавил. Кога го пријавив случајот во УЈП, добив само повратен мејл, дека адресата на која треба да се обратам е Трудов инспекторат, а јас им пријавувам плаќање на рака – вели поранешен вработен чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата.

Друга вработена на позицијата инструментарка ни посочи дека е вработена во „Оне Хоспитал“ – Тетово од самото отворање на болницата. Во времето на првиот сопственик, како што вели, платите биле редовни, но од мај 2023 година тоа се променило.

– Последните 8 месеци немам земено плата, ниту на сметка ниту на рака. Лаги еден тон. Не даваа фискални, наплаќаа на рака. Не плаќаа минат труд, К-15, прекувремени часови и имаме неискористени годишни одмори. Поголем дел од вработените си заминаа малку по малку. Сега е останат само мал дел. Оштетени сме сите – вели таа за Слободен печат.

Најтрагично е што еден поранешен вработен лекар специјалист за Слободен печат процени дека нему „Оне Хоспитал“ – Тетово му должи 30 илјади евра. Сево ова заминување на кадарот од оваа болница кое било принудно, поради егзистенција, објаснува зошто таму повеќе нема ни хирургија ни гинекологија.

– Во моментов во болицата функционира само амбулантно-поликлиничкиот дел со ординации по општа медицина, педијатрија и општа стоматологија. Болничкиот дел не функционира заради немање кадар – велат од Државниот здравствен и санитарен инспекторат за Слободен печат.

Трудовиот инспекторат е преплавен со пријави против болницата од вработените што си ги бараат платите и придонесите. Редакцијата на Слободен печат поседува неколку од нив во кои се наведува неисплаќање на 5 плати, три регреси (К 15), неисплатен минат труд, неисплатен вишок работни часови, неисплатени повици на вработените (24-7), неисплатен годишен одмор.

Медицинскиот кадар оштетен за илјадници евра не може спасот да го бара ни во Министерството за здравство. „Слободен печат“ го праша министерот за здравство Арбен Таравари дали има механизми да им помогне на неговите колеги во Тетово, но тој одговори негативно. Рече дека дури не ни слушнал за проблемот, но вети дека ќе се заинтересира.

-Немам точни информации, но ќе се заинтересирам и можеме како Министерство да ви дадеме дополнителни информации. Ако направиле договор со приватна болница, не верувам дека можеме нешто да направиме – изјави министерот Таравари.

До Државниот инспекторат за труд биле поднесени претставки и од анонимни и од познати подносители, при што од страна на државниот инспектор за труд Газменд Рауфи бил извршен вонреден инспекциски надзор во болницата. Констатирани биле неправилности и недостатоци во записник и издадено било решение во определен рок да се исплатат платите и придонесите од плати.

По изминувањето на предвидениот рок, Државниот инспекторат за труд пак извршил контролен инспекциски надзор и констатирал дека болницата не ги исплатила платите.

Тогаш инспекторот Рауфи донел ново решение за отстранување на утврдените неправилности и недостатоци констатирани на записник, а во врска со плати и придонеси од плати.

По изминување на рокот за постапување, Државниот инспектор за труд повторно извршил контролен инспекциски надзор,при што е утврдено дека од страна на субјектот не е постапено, односно не се исплатени плати и придонеси од плати за вработените, при што е издаден прекршочен платен налог.

Со оглед на тоа дека не се исплатени плати и придонеси од плати за период од декември 2023 година, од страна на Државниот инспекторат за труд ќе биде поднесена кривична пријава, велат од Инспекторатот за Слободен печат.

На нашите прашања за објаснување од болницата не добивме одговори. Прашањата што ги упативме беа: Зошто платите не се исплатени, На колку лица не им се исплатени, Дали е вистина дека дел од услугите биле вршени во болницата без да биде издадена фискална сметка и Дали болницата работи или не. Прашањата ги поставивме на официјалната мејл-адреса на болницата, но стапивме во контакт и со лице кое е близок соработник на директорот. Тоа лице најнапред ни рече дека ќе го контактира адвокатот на болницата за преку него да ги добиеме одговорите, но потоа не одговараше на нашите пораки.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот