Скулпторот Сашо Саздовски ќе промовира монографија по повод 25 години творештво

Во „Бруталиск“ (нов концепт простор и центар за мултимедијални проекти, архитектура, уметност и дизајн) во Скопје на 30 декември (петок), со почеток во 19 часот, ќе се одржи промоција на монографија објавена по повод 25 години творештво на македонскиот скулптор Сашо Саздовски. Проектот е поддржан од Министерството за култура на Северна Македонија.

Монографијата „25 Години творештво“ на Сашо Саздовски ги презентира актуелните визуелни истражувања на авторот во скулптурата, паралелно со цртежот во период од 25 години творечка работа. Текстот во монографијата е на историчарот на уметност Златко Теодосиевски.

– Сашо Саздовски е несекојдневен, типичен скулптор кој перманентно истражува во формата, во материјалот, најчесто мермер или комбинации на материјали, вложувајќи се целосно и безрезервно во својата уметност. Саздовски во неговата творечка посветеност е еден од малкуте македонски уметници кој, сѐ уште, успева мануелно да ја оживува „душата“ на мермерот. Зашто, во принцип, и мермерот е само уште еден камен кому му треба уметничка рака да му ја извлече перфекцијата на „битието“! И тука настапува скулпторот, кој ги познава сите својства на тоа битие, дури и неговите најскриени тајни, а низ творечкиот процес се одвива величествен дијалог којшто резултира во – уметност!

Скулптура „Еквилибриум“

Делата на скулпторот Сашо Саздовски имаат за цел да го презентираат научно-истражувачкиот процес во кој авторот, спојувајќи ги различните материјали, се обидува да ја открие суштината на единство на спротивностите. Огромните, апстрактни димензии надвор од нашето разбирање секогаш го поттикнуваат уметникот во потрагата по сопствени, уникатни одговори. Постојаниот проток на енергија е доста провокативен во неговото континуирано патување низ скулптурата – потенцира Теодосиевски во текстот објавен во монографијата.

Скулптура „Инверс инфинити“

Сашо Саздовски е скулптор и истражувач. Во 2000 год. дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, Катедра за скулптура и графички дизајн, а во 2002 година магистрира на Катедрата за скулптура на Факултетот за ликовни уметности во Скопје под менторство на проф. Драган Попоски – Дада.

Уметничката практика на Сашо Саздовски е научно-истражувачка. Тој досега има изложувано во музеи и галерии за современа уметност, вклучувајќи го Центарот за современа уметност во Абу Даби, ОАЕ, уметничкиот центар „Марк Ротко“ во Латвија, фондацијата „Хејдар Алиев“ во Баку, Азербејџан, Националниот музеј во Индија, Центарот за современа уметност MECA во Алмерија, Шпанија, и на други места.

Скулптура „Нуклеарна енергија“

Најзначаен сегмент во неговата креативна кариера е реализацијата на монументални скулптури во јавен простор. Досега има реализирано над 20 јавни скулптури во Аргентина, Оман, Катар, Азербејџан, Словенија, ОАЕ, Турција, Косово, Босна, Србија, Црна Гора, Латвија, Русија, Италија, Австрија, Германија, Данска, Чешка, Португалија и Македонија. Тој е професор по ликовна уметност во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје, Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот