Скопје го гнасат ѓубре и смрдеа, избледени пешачки премини, затнати шахти…

Пешачки премин/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Ова е срам за Градот и за општините, затоа што ништо не функционира и никој не се грижи, реагираат скопјани.

Скопјани се гневни поради тоа во што се претвори главниот град во последните години. Ѓубре и нехигиена може да се забележи на секој чекор, улиците се нефункционални и повеќето без атмосферска канализација, а реконструкциите што се спроведуваат, се само „шминкање“ со нов асфалт.

Среде најголемите жештини чешмички за освежување тешко се наоѓаат, а и кога ќе се наиде на некоја, обично не е во функција. Градскиот превоз е речиси пред колапс, почнатите проекти стојат недовршени, а на соголените фасади на неколку објекти во најстрогиот центар на градот граѓаните ќе им одбележуваат неславен јубилеј откако се така оставени и заборавени. Фонтаните на двата големи централни плоштади прскаат вода, колку да се рече дека работат, а од шахтите се шири непријатна смрдеа. Граѓаните алармираат и за појава на змии низ Скопје.

Пешачки премин/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Значи Скопје вакво навистина не го паметам. Гнасно, забаталено, каде и да се свртиш хаос невиден. Ова е срам и за Градот и за општините. Ништо не функционира, ништо. Не разбирам што им е проблемот на градските власти, зошто ништо не се работи. Толку ли никому не му е битен градот и граѓаните? – коментира Петар, жител на Капиштец.

Пешачки премин/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Освен нефункционалните улици, кои и послаб дожд ги претвора во езера, граѓаните забележуваат и на избледените и одамна необновени пешачки премини.

Во строгиот центар на градот на главните сообраќајници не се обновени пешачките премини којзнае од кога. Порано ретко такво нешто се случуваше на градските улици. Се обновуваше бојата ноќе, да не се пречи на сообраќајот. А сега, погледнете или се избледени или воопшто не се гледаат, да не знае човек каде да премине улица. Ретко каде се како што треба низ центаров. И тоа на главни улици, а што останува за општинските, по населбите – реагира повозрасна скопјанка.

ѓубре и трева/ Фото Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Скопје блокирано поради инает, политиканство или лошо менаџирање?

Но, од ЈП „Улици и патишта“ нема прецизен одговор на прашањето кога и дали се планира бојадисување на пешачките премини на улиците во централното градско подрачје. Велат дека пешачките ќе се боеле летово, но според предвидена динамика на работа, што значи дека на премините низ Центар сè уште не им дошол редот.

Екипите на ЈП „Улици и патишта“ почнаа со ноќно одбележување на градските сообраќајници во јуни. Во овој период се работи на улиците Благоја Стефковски, Маџари и Методија Андонов Ченто. Според нашата динамика, предвидено е во текот на летните месеци да ги одбележиме и пешачките премини во централното градско подрачје – одговараат од ЈП „Улици и патишта“.

Фото: ЈП „Водовод и канализација“

Проблем при секој дожд во Скопје е и тоа што улиците се поплавуваат, некаде поради тоа што нема атмосферска канализација, но и поради затнати сливници и одводни шахти. Тоа особено беше забележливо при неодамнешното невреме, па потоа екипите на „Водовод и канализација“ и на „Паркови и зеленило“ во очекување на најавеното ново невреме и обилни дождови, во текот на вчерашниот ден засилено работеа на чистење на сливниците, но и на расчистување гранки, лисја, откос и отпадоци покрај булеварите и главните улици за да се спречи застој на вода. Всушност, го работеа сето тоа што треба редовно да се прави, а не според временска прогноза.

Кога гори воздухот, човек нема каде вода да се напие, чешмички ни „за лек“

Од „Водовод и канализација“ соопштија дека тимовите распределени по реони работеле на рачно и машинско чистење на сливниците и шахтите, кои се дел од атмосферската канализациона линија, со цел овозможување нејзина непречена функционалност. Сепак, за ваквата состојба, вината ја префрлија на граѓаните.

Апелираме до граѓаните совесно и одговорно да се однесуваат кон канализационата линија, атмосферска и фекална, бидејќи таа не е депонија за одлагање секаков тип отпад, кој придонесува до затнување на линиите и при поголемо количество вода дури и поплави. Во текот на изминатите денови, при чистење на атмосферската линија се отстранети над 15 метри кубни отпад, што претставува дел од причините за намалување на протокот на вода во системот – соопштија од претпријатието.

Вардар стана депонија – матен е, гнасен и преполн со ѓубре

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот