Скопје – европска престолнина на културата за 2028

Даница Павловска Циги

Сериозните подготовки за овој слоевит и повеќедимензионален проект не се отпочнати или тие не се транспарентно пласирани во јавноста или, пак, не се достаточни.

Во македонското премрежие што го живееме, на конструктивен и јавен начин на обраќање до одговорните, почнувајќи од премиерот, министрите, градоначалниците, директорите, раководителите, сакам да го свртам вниманието на еден детектиран општествен проблем за да се направи ургентен пристап и постапка кон негово сериозно решение.
Имено, нема поубава афирмација за нашата древна Македонија од честа токму градот Скопје да биде Европска престолнина на културата 2028 година. Укажаната доверба годи, ласка и обврзува и е вистински предизвик за сите нивоа на управување во државата и градот, особено по поставениот постулат на доверениот проект што гласи „Културата над поделбите“. Значи, момент е за показ на неприкосновената автономија на културата во општеството, момент за создавање ново вредносно јадро, за ново сведоштво на феноменот солидарност, за промовирање на регенеративни урбани практики и сл. Препознатлива цел би била возобновување на духот на местата и на градските урбани симболи; би требало да дојде до вдишување нов живот во културата на градот.
Инаку, иницијативата Европски престолнини на културата (ECOC) е дизајнирана за да се подвлече богатството и различноста на културите во Европа, промовирање на културните карактеристики што ги споделуваат Европејците, зголемување на чувството на припадност на заедничкото културно подрачје на европските граѓани и поттикнување на придонесот на културата во развојот на градовите.
Познати ни се столбовите на културната извонредност на доделениот проект именувани како: Art4hope, Togetherness, rECOvering, CreARTing. Околу нив ќе се плетат програмските содржини.
Проблемот што го поттикна ова мое писание е што се чини дека сериозните подготовки за овој слоевит и повеќедимензионален проект не се отпочнати или тие не се транспарентно пласирани во јавноста или, пак, не се достаточни. Се мисли пред сè на потребната инфраструктура за негова реализација, односно максимално искористување на капацитетот и перформансите на просторот. Мора итно да се делува оперативно, организациски и паралелно на повеќе фронтови, не заборавајќи на етичките и на естетските хоризонти на културата. Мора итно да се делува институционално, стручно и финансиски на наведените приоритетни теми, а за полесно одредување на нивната динамика, еве една експертска процена и преглед на релевантни простори со куси осврти:

Историски симболи на градот

Скопската тврдина Кале тоне во повеќедецениски заборав иако е најмаркантниот простор на градот и најатрактивна туристичка дестинација. Игнорантскиот однос и плиткоста на делувањето на одговорните создава горко чувство на неорганизираност. Трите музеи што со обемната реконструкција беа планирани и посветени на неолитскиот, отоманскиот и средновековниот период можат во оваа пригода да станат нови содржини. Но, пред сè потребно е да се постави елементарната урбана опрема, инфо-табли, мапи, патокази, точки-видиковци, јавни тоалети. Мора да се смени ова лице на нашето летаргично постоење.
Реката Вардар со Камениот мост се значки на градот, кои бараат достоинствен третман, а тој подразбира уредување на кејот, чистење на коритото на реката (отстранување на галиите) и сл.
Старата чаршија со дваесетина културно-историски споменици, Аквадуктот и Скупи се специфични урбани целини на кои само високостручно може и мора да се интервенира. Тие се податливи како места за одвивање културни настани и особено важни и атрактивни како туристичка промоција.

Модерно Скопје

„Симбол на солидарноста“ е епитет на градот и тој се крепи со повеќе објекти, но модерното Скопје ќе се нагласи само ако блесне бруталистичката архитектура. Иако маргинализирана, нејзиниот доминантен дел е видлив. Тоа е материјално и духовно богатство што заслужува „нови читања“. Актуализирана е интервенцијата на Шалтер салата на Централната пошта како на загрозен пример на постземјотресното градителско наследство, која покрај визуелната перцепција нуди висока едукативна моќ, а постојат уште десетина во слична состојба (Универзитетскиот кампус, Архивот на град Скопје, Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Управата за хидрометеоролошки работи и редица други). Македонската академија на науки и уметности и Универзитетската библиотека со доградбата што не е во употреба и сите тие треба да играат круцијална улога во овој проект како простори со опции за културолошки случувања.
Универзална сала (во обнова) претставува посебен мемориски запис на модерниот живот на градот, а има капацитет, податливост и флексибилност за одржување на настани од културата така што е предуслов за случувањата во 2028 година.

Јавни простори

Со колку и какви јавни простори располага Скопје е осознаено преку проектот „Заедници за одржливост II“ (АФ,УКИМ) така што квалитативните и квантитативните особености на јавните отворени простори сочинуваат една квалитетна евалуација. Сето тоа треба да стане референца на градот за неговата улога на домаќин, а во таа смисла плоштадите се најзначајни. Со сите интервенции што се направија во изминатиот период на Плоштад Македонија, тој го изгуби првобитниот имиџ и избега од реката. Опкружен со кичести и недовршени зданија претставува чуден неодржуван простор, на кој мора да се интервенира. Доколку се има силна волја и авторска креативност, овој простор може да добие до 2028 година едно ново препрочитување. Плоштадот Скендер-бег има издржани архитектонски елементи, но дискутабилна урбана поставка. Тој најчесто е празен што значи не ја исполни функцијата за која е наменет – јавен социјален простор за спонтано собирање и заедништво. Неопходно е да се размисли за содржина со која просторот ќе заживее.

Музејска низа

Музејот на Град Скопје е исклучително важна точка со мемориски вредности и препознатлив симбол на катастрофата од 1963 година и со изградбата на комплексот Дајмонд е осквернавен, задушен и девастиран како вредност. Потребна е силна визуализација и тематско издвојување на објектот од комерцијалниот контекст.
Музејот на современа уметност е архитектонски бисер што побарува и заслужува особена нега и актуализирање (расчистување) на околниот простор, а Музејот на Македонија е во катастрофално лоша кондиција, па претставува опасност од уништување на материјалот што го сведочи македонскиот идентитетот така што тој објект треба да е од висок национален интерес. Природонаучниот и Етнолошкиот музеј треба да се иновираат за да влезат во понудата на 2028 година.

Зелена инфраструктура

Потенцијалот на зелената инфраструктура бара одредување одговорни управувачки субјекти за секоја целост како што се Градскиот парк, Парк-шумата Гази Баба, Кејот, Водно и конекторите. Секако тоа подразбира строго дефинирани надлежности, односно менаџмент планови фокусирани на 2028 година. Се очекува обезбедување на континуитет долж последните зелени упоришта на градот и нивна регенерација.

Театри

Театарската уметност што во изминатиот период имаше светли периоди, денес функционира со половина здив. Градот нема театар што ги задоволува современите стандарди. Старо-новиот театар во техничка и естетска смисла има многу пропусти што создаваат проблеми. Театарот Комедија функционира во руиниран објект. Детскиот театар функционира во изнудено решение. Турскиот театар мора да се заврши, а реконструираниот Театар на народностите во Стара чаршија мора добие соодветни пристапи и паркиралиште. Неопходно е да се изгради нов објект на Драмскиот театар, кој е во распаѓање.

Алтернативи, можности

Постојат иницијативи за обнова и пренамена на напуштени објекти и создавање хибридни центри во служба на културата како старите објекти на Славија, напуштената фабрика Купрум во Хром, кои треба да бидат поддржани. Всушност, постојат „парчиња“ во градот кои чинат силен историски наратив, мемориски точки, простори и објекти што будат емотивни чувства од кои може да се направи прекрасна приказна за минатото на градот. Патем, за спомнување дека нема резултати од сериозни анализи за димензионирање и диспозиција на мегаструктури што се неопходни, како, на пример, Културен центар, Конференциски центар или Мултифункционален центар или само една пристојна концертна сала со поголем капацитет и модерна архитектура.
Ова укажување добронамерно потсетува на факторот време во подготвувањето на градот за Европска престолнина на културата; Скопје не е само град, туку и симбол на вербата во подобар свет. Овој текст како компилација на мисли, идеи и од други автори, меѓу другото, нека послужи како бесплатен патоказ за властите во нашиот град и државава за да не се срамиме од светот. Сѐ уште имаме време да ги смениме нештата во нашиот град.

(Авторката е архитектка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот