Скопје блокирано поради инает, политиканство или лошо менаџирање?

Плоштад „Македонија“ во Скопје
Плоштад „Македонија“ во Скопје / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Во изминатите две години нетрпеливоста помеѓу градоначалничката и советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои се мнозинство во Советот, е толку голема, што речиси ниеден предлог не поминува на седница, што за Арсовска е одлично оправдување за несработеното.

Лоша инфраструктура, урбанистички хаос, нехигиена, нередовен јавен превоз, незавршени почнати проекти, незапочнати ветени проекти, тоа е општата слика за Скопје во изминатиот период. Граѓаните велат дека градот никогаш не бил во полоша состојба, но она што е најпоразително е дека очигледно работите нема набрзо да тргнат во позитивна насока, барем не до следните локални избори.

За реализација на проектите во надлежност на Град Скопје задолжена е градоначалничката Данела Арсовска и актуелната градска администрација, но за да може да почне реализација на некој проект или програма, најпрво треба да добие „зелено светло“ од Советот на Градот.

Тука, всушност, се чини и дека лежи и најголемиот проблем, затоа што во изминатите две години нетрпеливоста помеѓу Арсовска и советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои се мнозинство во Советот е толку голема, што речиси ниеден предлог на Арсовска не поминува на седница.

За градоначалничката, која ретко се појавува на седниците и тогаш обично доаѓа до жестоки расправии помеѓу неа и мнозинството советници, неизгласувањето на предлог-одлуките е извонредно оправдување за несработеното. Од друга страна, советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат градоначалничката дека направила „пустош“ од градот, дека е незаинтересирана и дека и изгласаните одлуки не ги спроведува.

Градските и општинските советници земаат месечни паушали и кога на седницата се изгласал само дневен ред

За хаосот во Град Скопје и во Советот најдобро говорат случувањата на последната седница, кога освен верификација на мандатите на новите двајца советници и прифаќање на одлуката за примање донација од УНДП, буквално ниедна друга точка од дневниот ред не беше изгласана, главно без никаква дискусија и објаснување.

Така, и по пет изминати месеци од оваа година, сѐ уште не се донесени предложените програми за активности од областа на локалниот економски развој на град Скопје, потоа програма на активности од областа на заштитата на животната средина, од областа на сообраќајот, сите за 2024 година, потоа не е усвоен ниту Развојниот план за јавен превоз на патници на подрачјето на градот Скопје за периодот 2024-2026 и други предлог-одлуки. Новитет на седницата беше што претседателот на Советот Трајко Славески од веќе изгласан дневен ред, ги симнуваше точките за кои немаше овластен претставник.

Координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, поради ова го обвини Славески дека го крши Деловникот на Советот.

Претседателе, ве молам надминете се себеси и почитувајте го Деловникот. Демонстрирате сила? Врз основа на кој член од Деловникот симнувате точка од дневен ред откако дневниот ред е усвоен? – праша Јанчева.

Според Славески, пак, претседателот на Советот го толкува Деловникот.

Не мора сѐ да е предвидено во Деловникот, но елементарната логика налага дека тука има 45 советници и тие на поставените прашања имаат право да добијат квалификувано мериторно мислење од овластен претставник – е ставот на Славески.

Полемика предизвика и гласањето по којзнае кој пат за воведување брз автобуски превоз, како и за кредитно задолжување на Град Скопје за набавка на еколошки автобуси, предлог за кој Славески категорично рече дека додека е претседател на Советот, нема да дозволи повторно да се најде на дневен ред на седница.

Дали сте свесни дека дел од приватните превозници штрајкуваат? Главен проблем во Скопје е градоначалникот. Во јануари на ЈСП му дадовме субвенции од 11 милиони евра. Три недели подоцна Арсовска рече – а кој тоа зема плата до 15-ти. Го уназади градот 10 години, тешко на тој градоначалник што ќе дојде по вас, пустош оставивте. Плати на 30 април исплаќате за март. Ако имаат плата, немаат нафта. Толку се способни вашите менаџери. Затоа, дајте си оставка и ние како советници веднаш потоа ќе поднесеме оставки. Спасете го градот – рече од говорницата Филип Јаневски од ВМРО-ДПМНЕ.

Арсовска во нов обид да набавува автобуси, иако Советот „стопати“ ја одби

За советничката Ирина Витина, пак, виновници за целата состојба во која се наоѓа Скопје, се советниците од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што, според неа, го блокираат Скопје само поради терање инает. Со сличен став на говорницата излезе и Катерина Јовановска од Левица, која порача дека Скопје е заложник на војната помеѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката.

И додека трае „војната“, Скопје навистина пропаѓа, а граѓаните без вина ги трпат последиците бидејќи на овој начин не им се решаваат основните проблеми со кои се соочуваат во градското живеење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот