Скопјани не знаат колку дрвја се сечат низ градот, не работи сајтот со издадени решенија

Фото: ЈП „Паркови и зеленило“

Доколку се направи обид да се отвори на интернет страницата https://resenija.mk, каде што до неодамна се објавуваа решенијата на Градот се добива известување дека „хостинг акаунтот е суспендиран“, како и можните причини зошто тоа се случило. Но, објаснување за тоа зошто не работи оваа страница и кога повторно ќе биде во функција, од Град Скопје засега нема.

Граѓаните не можат да имаат увид, па според тоа, не можат ниту да поднесат жалба на решенијата кои ги донел Град Скопје за сечење дрвја низ градот, затоа што официјалниот сајт каде што се објавуваат решенија за интервенција врз зеленило, односно за сечење и кастрење дрвја не е во функција. Доколку се направи обид да се отвори на интернет-страницата https://resenija.mk, каде што до неодамна се објавуваа решенијата на Градот се добива известување дека „хостинг акаунтот е суспендиран“, како и можните причини зошто тоа се случило. Но, објаснување за тоа зошто не работи оваа страница и кога повторно ќе биде во функција, од Град Скопје засега нема.

 Со ваков потег, намерно или ненамерно, се сокриваат сите решенија што мора да се јавни согласно одлуката на советот на Град Скопје. Ниту некој има увид каде Град Скопје издава решенија за сечење дрвја, ниту некој граѓанин може да реагира и поднесе жалба за да се стопира дадено решение. Наместо транспарентност, ние се враќаме назад во добата на затвореност на институциите. Во град чие зеленило константно се намалува, има далеку од 25 м2 по жител зеленило и често се „сади ради реда“ за да се исушат новите садници, а сега и ова – реагираат од „Зелен хуман град“.

Од почетокот на минатата годината, токму на барање на советниците од „Зелен хуман град“, Секторот за комунални дејности на Град Скопје почна да ги објавува решенијата што ги издава за сечење, кастрење или пресадување дрвја, па скопјани во секое време можеа да имаат увид во тоа кој побарал такво нешто и каде Градот дозволил да се спроведе барањето. Притоа, секој граѓанин има право и можност во рок од 15 дена да го обжали решението пред Министерството за животна средина. Во моментов таква можност нема, затоа што не се знае каде Градот дозволил сечење и кастрење.

Дрвјата низ Скопје можат да се кастрат и сечат само со решение, усните наредби не се „важат“

Во Скопје никој не смее да исече дрво ниту во сопствениот двор без дозвола, а особено не дрво засадено на јавна површина. За секоја интервенција врз дрвјата и тоа не само за сечење, туку и за кастрење гранки и пресадување, Секторот за комунални работи при Град Скопје мора да издаде решение, кое потоа екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ треба да го спроведат во рок од 30 дена. Притоа, дрвјата што се стари и исушени, се обележуваат со буквата Ц со црвен спреј, а оние што се за кастрење со К.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ ја објаснија постапката за сечење и кастрење дрвја.

Физичко/правно лице поднесува барање до Град Скопје – Сектор за комунални работи (барање за сечење дрвја, грмушки и жива ограда на јавна или дворна површина). Стручни лица со увид на терен ја утврдуваат состојбата и потребата за сечење, односно кастрење на дрвото и донесуваат Решение. ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје ја најавува активноста во Град Скопје и постапува според издаденото Решение – информираат од претпријатието.

Сепак, граѓаните сега се оневозможени да вршат еден вид контрола на тоа колку и какви дрвја се сечат низ градот и евентуално да ја спречат постапката. А во Скопје, каде зелените површини на прсти можат да се избројат, секое дрво е вистинска скапоценост. Затоа неопходно е Град Скопје што побрзо да ја стави страницата во функција и да ги објавува донесените решенија како што тоа се правеше во изминатата година и половина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот