Скопјани да ги отстранат дефектите до 15 октомври за да не останат со ладни радијатори

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Како што е познато, секоја година на стартот на грејната сезона голем број објекти остануваат без греење токму поради тоа што навреме не се санирани дефектите на инсталацијата или поради неплатени сметки за струја во потстаницата.

За две недели, односно на 15 октомври, официјално започнува новата грејна сезона, во која граѓаните чии домови се загреваат на парно, очекуваат топли радијатори и редовно и квалитетно греење без оглед на тоа каква ќе биде претстојната зима.

Од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад информираат дека грејната сезона завршува на 15 април наредната година, но согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија во зависност од надворешните температури може да почне порано и да заврши подоцна. Доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 ºС, тогаш грејната сезона може најрано да започне на 1 октомври и да заврши најдоцна на 30 април.

Оттаму додаваат дека снабдувачот е должен во грејните простории во текот на денот во периодот од 6 наутро до 22 часот да обезбеди температура на греење од 20+1 º C.

Но, за непречено топлинската енергија да стигне до сите потрошувачи потребно е навремено да се поправат сите дефекти на радијаторите и на другите инсталации. Како што е познато, секоја година на стартот на грејната сезона голем број објекти остануваат без греење токму поради тоа што навреме не се санирани дефектите на инсталацијата или поради неплатени сметки за струја во потстаницата.

РКЕ апелира до станарите, односно заедниците на станари да ги проверат внатрешните инсталации и инсталациите во објектите, и да ги подмират сметките за електрична енергија за топлинските потстаници. Во исто време РКЕ и со официјален писмен допис побара од снабдувачите со топлинска енергија информација за спремност за старт на грејната сезона – велат од Регулаторна.

И оваа грејна сезона ќе започне без да се постават цевките од топловодот под мостот „Беласица“, преку кои треба да се испорачуваат поголеми количества топлинска енергија од „Те-То“.

Од АД ЕСМ сѐ уште нема најава кога ќе се монтираат новите цевки, кои по демонтажата на опожарените, речиси цела година стојат под мостот. Но, како што тврдат вложуваат сериозни напори да обезбедат сигурна и непрекината испорака на парно до сите потрошувачи.

Новото раководство на компанијата, веднаш по назначувањето, ги презема сите потребни активности со цел да се надминат сите пречки што предизвикаа застој во поставување на цевководот. Испораката на топлинската енергија кон централниот дел од градот и понатаму ќе се врши преку функционалниот крак на примарниот топловод „А“, вклучувајќи ги и количините што ги испорачува „Те-То“. Со ова целосно ќе се задоволат потребите на потрошувачите на топлинска енергија, дури и во случај на ниски надворешни температури – тврдат од ЕСМ.

Цевководот под мостот „Беласица“ мора да се монтира за „Те-То“ да испорачува повеќе топлинска енергија за Скопје

Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски неодамна апелираше да се постави цевководот и да се овозможи што повеќе топлинска енергија да се испорачува од „Те-То“.

Да не оставаме на случајности, да бидеме подготвени за следната грејна сезона и за испорака на топлинска енергија во најекстремни услови. Ова го апелирам со цел за завршување на цевководот, за што повеќе количини топлинска енергија да добиваме од „Те-То“, која во моментов е за 35-36 проценти поевтина од цената на топлинската енергија што ја даваат топланите – рече Бисломоски.

„Те-То“ годинава е задолжен да обезбедува 60 проценти од топлинската енергија за Скопје, но тоа тешко ќе се спроведе доколку не се постави топловодот под мостот.

Инаку, скопјани оваа грејна сезона ја започнуваат со минимално пониски цени за парно. Согласно последната одлука од 1 август 2024, сметките за топлинска енергија за домаќинствата се пониски за 3,16 отсто, додека околу 1200 фирми, училиштата и институции кои се приклучени на централното градско греење имаат пониска цена за 17 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот