Скапите пластични кеси го земаат данокот: Една фабрика се затвори, една го преполови бројот на вработените…

Пластични ќеси за пазарење 3
Пластични кеси за пазарење - фото: Драган Митрески - Слободен печат

Од 600 вработени во 30 производители на кеси, во јануари се отпуштени повеќе од 30 работници, а за февруари се најавуваат уште 20 до 30 отпуштања

Започна урнисувањето на индустријата за производство на пластични кеси, откако со новата еколошка регулатива тие се наплатуваат по 15 денари во трговијата. Една фабрика во Тетово е веќе затворена, со што без работа останаа 6 вработени,  една од Скопје го намалила бројот на вработени од 25 на 10. Намалување на работници има и во другите фабрики. Групацијата за преработувачи и производители на пластични кеси вели дека во јануари се отпуштени повеќе од 30 работници, што е повеќе од 5 отсто од вработените 600 луѓе во оваа дејност. За февруари, пак, фирмите најавуваат уште 20 до 30 отпуштања, а се очекува и понатамошно влошување на состојбата.

– Народот сѐ уште купува пластични кеси и по 15 денари, затоа што сѐ уште нема стекнато навика да носи платнени торби. Но, навиката ќе се стекне, а производителите на кеси ќе имаат уште помалку работа. За жал, кога се носеше регулативата, за ништо не бевме прашани. Дека ќе има таков закон, разбравме во медиумите, а конечната верзија ја прочитавме во „Службен весник“. Јас, кога читав, не верував дека добро разбирам. Прашавме и во околните земји дали има таква регулатива, одговорот беше негативен. Ваква наплата на кеси нема во ЕУ, па ни во Бугарија и Грција како наше блиско опкружување – вели Елисавета Качева, претседателка на Групацијата.

Она што е особено нелогично, вели таа, што во нашата земја се увезуваат вреќи за ѓубре, а не се прави ништо да им се помогне на фабриките за кеси, барем тој дел да отиде во нивни раце, кога веќе се наплатуваат кесите по 15 денари.

– И домашните производители може да произведуваат полиетиленски кеси за ѓубре, но нашата цена ќе биде повисока од оние што ги увезуваме од Бугарија и од Полска и нормално дека нема да се купуваат нашите кеси туку увезените. Цената ќе ни биде повисока затоа што тамошните производители добиваат субвенции од државите за рециклирање. Значи, или Владата треба да воведе увозни царини за овие производи, за да не ни бидат конкуренти, или треба да даде субвенции, за да и ние произведуваме по исти услови. Од друга страна, и овие кеси за ѓубре се со ист состав како и кесите за пазарење. Што е тогаш разликата, дали ѓубрето ќе се спакува во кеса за ѓубре што е увезена, или во кеса за трговија што е произведена од домашните производители? -прашува Качева.

Качева вели дека сега на пазарот владее вистински хаос. Во хартиените кеси не може да се пакува овошје и зеленчук, па „премолчено“ се дозволија кеси без рачки, но иако не се понуди подобро решение, министерот за животна средина Насер Нуредини најави дека и тие ќе се плаќаат, затоа што се со тежина помала од 15 микрони.

– Продавачите на маслинки сега ги продаваат маслинките во пластична амбалажа. Што е таа поинаква од пластичните кеси. И таа ќе заврши на ѓубре – вели Качева.

Качева потсетува и дека од 1 јуни 2023 година сегашните кеси што се продаваат по 15 денари целосно ќе бидат забранети, а место нив треба да се произведуваат кеси од целосно разградлив органски материјал.

– Фирмите и сега не може да опстанат, а не да прават нови инвестиции за приспособување кон овој процес. Од друга страна, колку тоа ќе се исплати, кога сега се најавува и дека тие ќе се наплаќаат 15 денари, што, пак, е надвор од секаква логика затоа што станува збор за органски кеси што ќе се распаднат – заклучува Качева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот