Сите патишта водат кон неизбежниот дебакл за британските конзервативци

Карикатура за британските избори со Сунак и Стармер / Фото Peter Brookes / News Licensing / Profimedia

Британците утре излегуваат да гласаат на парламентарните избори, на кои, според речиси сите анкети, се предвидува историски најлошиот резултат за владејачката Конзервативна партија предводена од премиерот Риши Сунак. Бројните незадоволства и скандали кои ја потресоа партијата во последниве пет години се очекува да се пресликаат со конечниот резултат на изборите.

Британските конзервативци (познати и како ториевци) влегуваат во изборниот ден откако загубија повеќе од половина од поддршката. Затоа, воопшто не чуди фактот што опозициската Лабуристичка партија се очекува на голема врата да се врати на Даунинг стрит (улица на која се сместени канцелариите и резиденциите на премиерот и министрите) по 14 години во опозиција.

Она што најмногу ги изненади експертите е подемот на десничарската партија Реформа ОК, предводена од Најџел Фараж, контроверзниот политичар и телевизиски водител кој е познат по своите антимуслимански, антимигрантски и анти-ЕУ ставови.

Најџел Фараж / Фото EPA-EFE/TOLGA AKMEN

Популарноста на партијата во еден момент ја постави и на второто место во предизборните анкети, иако со голем јаз помеѓу нив и лабуристите. Но, по неколку скандали во последниве денови пред изборите, партијата на Фараж повторно е трета во анкетите, што во секој случај е изненадувачки знаејќи ја политичката историја на нејзиниот лидер.

Сериозен проблем за ториевците е што тие ја загубија поддршката во градови и региони кои со децении се сметале за сигурни гласови. Граѓаните на градовите како Борнмут (каде „лежат“ две парламентарни места) според најновите анкети се свртеле кон Лабуристичката партија, иако со децении тоа место ѝ припаѓало на Конзервативната партија.

Политички предвидувања

Експертите кои детално ја следат британската политика се двоумат околу неколку прашања кои веројатно ќе се одговорат на денешните избори.

Едно од нив е дали Лабуристичката партија ќе ги врати изгубените места во Парламентот без кои постепено остануваше од 2015 година. „Црвениот ѕид“ кој ториевците го изградија во Парламентот од 2019 година, ќе биде клучен предизвик за лабуристите, бидејќи тие не можат да освојат апсолутно мнозинство доколку не го срушат тој ѕид.

Лидерот на Лабуристичката партија, Кир Стармер може да освои парламентарни места кои партијата не ги освоила ниту во времето на премиерот Тони Блер.

Втора дилема на експертите е околу гласовите во Шкотска. Според најновите анкети во Шкотска, Шкотската национална партија (СНП) е над Лабуристичката партија, но иако двете партии ветија соработка на неколку прашања, јазот околу политичката идеологија останува голема. На лабуристите ќе им е од клучно значење доколку добијат силна поддршка во Шкотска, бидејќи многу места во Парламентот кои беа во рацете на СНП, сега може да завршат кај друга партија.

Експертите предвидуваат дека овие избори ќе бидат од клучна важност и за британската Либерал-демократска партија. Партијата е четвртопласирана на анкетите, но нивната битка за да се изборат за глас во Парламентот е на добар пат. Тие уживаат добри односи со лабуристите, а на локално ниво се доста популарни поради нивните политики.

Нивниот план е да станат трета политичка сила во земјата, што доколку дојдат до сериозен резултат на изборите, е остварлива желба.

Кир Стармер / Фото EPA-EFE/ANDY RAIN

Младите не сакаат да гласаат

Голем број од младите Британци не се заинтересирани за гласањето, покажаа анкетите на британскиот весник „Индепендент“. Тие велат дека се разочарани од политиките на Конзервативната партија и не очекуваат големи промени со доаѓањето на лабуристите. Особено е значајно што голем дел од младите со сигурност нема да гласаат за ториевците, а останатите се уште се двоумат.

Друг загрижувачки знак за ториевците е тоа што секој петти гласач кој гласал за заминување од ЕУ во 2016 година е толку разочаран од политиките на партијата што решил да не гласа на парламентарните избори.

Владејачката партија заостанува во анкетите и во уште една клучна група на граѓани, а тоа се пензионерите. И покрај тврдењето дека лабуристите ќе почнат да ги оданочуваат пензиите за прв пат во историјата, пензионерите во Британија се решени да им ја дадат поддршката.

Мнозинството анкети во Британија сугерираат дека довербата во Конзервативната партија е спуштена на историско ниско ниво.

Лондон, Англија / Фото EPA-EFE/NEIL HALL

Комична политика

Британската политика во последниве години знаела да биде тема на потсмев меѓу набљудувачите. Од тензичните парламентарни седници, гафовите на премиерите и министрите, политчките скандали и случувања секогаш наидуваат на коментари на социјалните мрежи.

Истото се случи и во неделите пред почетокот на изборите. Самата најава на премиерот дека изборите ќе се одржат на 4 јули беше тема на потсмев.

Дождот кој врнеше тој ден не го спречи премиерот Сунак да излезе пред вратата на Даунинг стрит 10 и да држи прес-конференција најавувајќи ги изборите. Нему не му беше потребен чадор, оделото му се направи утоп, а откако го заврши говорот само се сврте и влезе назад во резиденцијата. Таа снимка наиде на бројни коментари кои го исмеаја премиерот.

Целиот настан изгледаше како сцена од комично шоу.

– Тоа е британска работа. Да стоиш таму дури те врне и ништо да не преземеш околу тоа. Тоа е како метафора за државата – вели Мет Форд, водител на комичниот поткаст „Политикал парти“.

Но, Сунак не единствениот британски премиер кој бил тема на потсмев во последниве години. Борис Џонсон, уште кога беше градоначалник на Лондон, се заглави висејќи на една од атракциите на забавниот парк во главниот град, по што мораа со јаже да го довлечкаат на сигурно.

Или пак Тереза Меј, поранешната премиерка која не успеа да ја извади нејзината земја од ЕУ, за време на официјална посета во Африка, почна да танцува со тамошното население, снимка која до ден денес се користи за потсмев на социјалните мрежи.

Но, малку кој може да ја надмине неславната Лиз Трас. Премиерката со најкратко владеење во историјата на Велика Британија, која беше толку драматична во своите говори, беше споредена од еден британски таблоид со зелка. Прашањето на таблоидот беше што издржува повеќе, Лиз Трас или една зелка, а на крајот сепак зелката победи.

– Политичката сцена во Британија е навистина посмешна од било каде во светот – вели Стив Гимбел, професор по филозофија на Колеџот Гетисбург во Пенсилванија.

„Бо-џо ис бек“

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон, во вторникот се обиде да направи последен напор за да ги убеди граѓаните да гласаат за Конезрвативната партија. Џонсон, чиј мандат заврши неславно поради бројни скандали, се појави на митинг заедно со премиерот Риши Сунак. Иако Сунак беше министер во кабинетот на Џонсон, двајцата не се согласуваа за многу прашања, особено откако Џонсон си поднесе оставка од лидерската позиција во Конзервативната партија.

Критичарите го опишаа потегот како „ново дно“ за партијата. Џонсон го нападна лидерот на Лабурситите, Кир Стармер, тврдејќи дека неговата партија е „полна со хорори“.

За оние поддржувачи на Конзервативната партија кои се свртеа кон Најџел Фараж, Џонсон рече дека гласот за него е „глас за Кремљ и Русија“.

– Ако сакате неконтролирана миграција, безмислено плеткање на односите со Брисел и уништување на целата работа која ја направивме, тогаш гласајте за Лабуристите – изјави Џонсон пред толпата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот