Синдикалците повлекуваат „црвена линија“ – неработната недела не смее да се проширува и да се растегнува

Градежници работници / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Граѓанските здруженија и претходно оценија дека денот за одмор мора да остане во актуелните рамки, а самоволието на одредени дејности го нарекоа „кршење на законот и анархија на капиталот“

Не смее да се чепка денот за одмор, реагираа синдикалците по најавата дека градежниот сектор бара да се работи и во недела и на празник. Од гранковиот Синдикат за градежништво при ССМ се загрижени по барањето на Здружението на градежништво при Стопанската комора, со што би се намалил бројот на неработни денови, како и од интервенцијата во Законот за недела неработен ден.

– Во никој случај проблемите во градежништвото не смеат и не може да се решаваат на грбот на градежните работници со намалување на и онака малите работнички права. Градежниот работник е задолжен со тешка физичка работа, која најчесто се одвива на отворено и во екстремни временски услови. На овие работници не смее да им се намалат неработните денови, ниту пак да им се скрати неделата како неработен ден. Редовното работно време од 40 часа неделно мора да се почитува, и во време кога предлагаме 35-часовна работна недела сосема е несериозно некој да предвидува 48-часовно редовно работно време, а да не заборавиме дека на стратегиски проекти од национален интерес може да се работи и до 72 часа неделно – поентираа од ССМ.

Граѓанските здруженија и претходно оценија дека денот за одмор мора да остане во актуелните рамки, а самоволието на одредени дејности го нарекоа „кршење на законот и анархија на капиталот“. Последниот ваков пробив се случи на 31 декември лани, а по жестоките критики се спречи отворањето на маркетите на 1 и 7 јануари годинава, кои се паднаа во недела и во неработен ден, а плус беа и празници.

Ако им се дозволи на градежниците да работат и во неделите и на празник, тоа ќе биде уште едно раситнување на Законот за трговија во двете години, откако неделата стана неработен ден за најголемиот дел од трговците. Првиот пат без дискусија се зголеми бројот на дуќани што се отворени и во тој ден, иако Законот дозволува дека трговците може да работат во недела, само ако се во рамките на трговски центар од 8.000 квадрати! Но, на ден пред новата 2023 година беше објавен нов Правилник за исполнување на минимално-техничките услови (Службен весник бр. 290 од 30.12.2022 година). Во меѓувреме, дел од кафе-баровите сè уште работат во недела врз база на интерни мислења на надлежни институции, кои не се никаде јавно објавени. Имаше полемики и околу работата во туристичките места, по што се објави листа за опфат на туристички места, а подоцна и таа одредба се редефинираше. Во првите шест месеци откако почна да се применува, Законот за трговија беше дополнет и изменет во однос на одредбите за денот недела.

– Дискусијата за Законот за работни односи со кој неделата се прогласи за неработен ден за 92 отсто од вработените, ќе продолжи и оваа година, јас се надевам дека доколку бидат правени измени коишто ги бараат дел од индустријата и другите дејности, тие ќе бидат на задоволство и на работодавачите, но и на работниците, бидејќи се однесува за двете страни. Овој закон беше проследен со прилично голема дебата, а различни индустрии имаа различни видувања – рече лани тогашниот премиер Димитар Ковачевски.

Од „Гласен текстилец“ се секогаш најгласни противници за обидите неработењето во недела постојано да се проширува и да се растегнува.

– Барам да се почитува законот со кој се вели дека недела е неработен ден – реагираше Кристина Ампева, претседателка на „Гласен текстилец“.

 Лека-полека неделата не е неработна за многу дејности

Неделата како неработен ден стапи на сила од 1 јануари 2022 година, а законските измени беа изгласани во Собранието на 20 декември 2021. Исклучок има за оние работни места каде што не може да се прекине работниот процес.

Во мај годинава списокот на оние претприемачи што може да работат во неделите беше проширен со занаетчиската дејност, но само за трговци поединци и физички лица запишани во посебен регистар. Се додадоа и дејностите производство на масла и масти. Немаше детално образложение зошто се вратија дејностите како производство на цемент, вар и гипс и производство на цигли, ќерамиди и производи од печена глина за градежништвото. Во денот недела се врати и откупот на земјоделски производи и производство на винo, само во процесите поврзани со прием, обработка и процесирање на грозје и гроздова каша, ферментација, стабилизација, филтрација, анализа и следење и техничка и енергетска поддршка на овие процеси.

Без образложение остана барањето на занаетчиите, кои алармираат дека поради неработната недела значително им се намалуваат можностите за остварување профит. Министерството за економија дозволи во туристичките места сите трговци на мало да можат да работат во недела и за време на празници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот