Сиљановска – Давкова: Ја потсетуваме ЕУ на темелните вредности, не може историјата, културата, јазикот да бидат предмет на разговор

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова/Фото: Кабинет на претседателката на државата

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во интервју за МИА не одговори конкретно дали може да дојде до реализација на „францускиот предлог плус“ и ставот на Владата во однос на уставните измени, кој неодамна беше презентиран во Брисел.

Сиљановска Давкова повторува дека во Договор за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот и потенцира дека не може да има бидејќи таа се врзува со историските комисии и нивните разговори. Сепак, вели таа, можеме на друг начин да пристапиме кон Договорот.

– Не би можела точно да одговорам иако на маргините имав пријателска средба и со претседателот на Бугарија, господинот Радев. Најповторуваната синтагма од сите е дека ние треба да ги почитуваме договорите, се разбира дека секој кој знае меѓународно право па и право знае дека во Договорот за добрососедство и пријателство нема одредба којашто вели дека треба да се смени Уставот и не може ни да има, тоа се врзува за фамозните историски комисии и нивните разговори и преговори. Се разбира дека тоа јас го истакнувам. Она што го истакнувам јас не е директен одговор на прашањето дали ќе ја смените Преговарачката рамка и дали сте свесни дека не може да се смени Преговарачката рамка, мојот коментар е дека е важно како ќе се однесуваме кон Преговарачката рамка, бидејќи видете низ интерпретацијата ако ние се договориме пријателски дека ќе ги почитуваме Копехангенските критериуми, и ако велиме Pacta sunt servanda, а мислиме на Преспанскиот договор каде што јасно си пишува што значи Македонија за втората страна – територија, значи народ со сопствена историја и јазик, а за што разговараме ние во тие историски комисии за ова што е дел од пактот на којшто се повикува Преспански договор – истакнува Сиљановска Давкова.

Претседателката потенцира дека не може историјата, културата, јазикот, да бидат предмет на разговор.

– Тогаш ние што правиме, всушност ја потсетуваме ЕУ на темелните вредности и принципи на уставното право на ЕУ. Сето ова што го зборувам јас, културен идентитет, национален идентитет, договори засновани на реципроцитет, немешање во внатрешни работи, почитување на дигнитетот и интегритетот е дел од европското уставно право. Тогаш можеме на друг начин да пристапиме кон договорот – посочува Сиљановска Давкова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот