Сиљаноска Давкова: Македонија се однесува одговорно кон Договорот од Преспа, за Грција не сум сигурна

Сиљановска и Мицкоски - доделување мандат/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова уверува дека власта одговорно се однесувала кон Преспанскиот договор, но не била сигурна дали Грција исто така се однесува, правејќи паралела дека јажето има два краја и обично двајца го влечат. Таа посочи на обврските на Грција во врска со патоказите кај јужниот сосед, каде пишува „Скопиа“, „фиром“, но не и Северна Македонија.

Во гостувањето на „Само интервју“, таа непомена дека тоа што го кажа Коцијас држи – Грција имаше посебна обврска да ја потсетува ЕУ, тие во Советот и Комисијата, дека треба да отвориме поглавја за примената на Преспанскиот договор, зашто со неа го склучивме Договорот.

Додаде и дека Грција или ЕУ треба да ја советува Бугарија, зашто се тврди дека нема преговори за историја, култура, наследство и јазик, а ние, како што рече, токму тоа го правиме во историските комисии.

Во врска со тоа што на заклетвата за шеф на државата не кажа Северна Македонија, Сиљаноска Давкова нагласи дека не терала инает, ниту сакала некого да нервира, туку се однесувала сократовски. Потсети и дека во Изборниот законик името не е сменето, а дали грчката амбасадорка ја напуштила инаугурацијата, не забележала, зашто, како што потенцира, била преокупирана со чинот и воопшто не размислувала кој е на галеријата.

-Името е најголемиот идентитетски знак и тоа излезе од мене. Знам што е право, но кога се пее химна луѓето плачат, држат раце на срце. Со името е нешто слично. Не разбирам како некои не сфаќаат дека со некои нешта не може да се биде рационален, има некоја нераскинлива врска меѓу срцето и умот и јас тоа го изговарам. Не сакам некого да нервирам, тоа е дел од мојот хабитус. Ако 60 години секогаш било Република Македонија, тоа е тоа, не дека терам инает, се однесував сократовски – рече претседателката.

Претседателката уште еднаш кажа дека не го крши Преспанскиот договор.

-Деновиве слушам дека мора да се почитуваат двата договора, Преспанскиот договор јас не го кршам, во него пишува дека ние докуметите треба да ги смениме ама и по отворањето на првото и другите поглавја. Кој отвора поглавје, кој одлучува за тоа? ЕУ. Дали тоа некој го кажа? Требаше да го каже Грција. Не само што не отворивме поглевје, туку сега треба да го смениме Уставот за да почнеме преговори. Во ниту еден член во Договорот со Бугарија не пишува дека ние треба да го менуваме Уставот. На Макрон му реков дека му е извонредна филозофската теза за ЕУ, но филзоофијата не може да биде без принципи и вредости. ЕУ во самите договори предвидела санкции ако некоја членка ги крши темелните вредности и принципи. Без темелни вредности нема ЕУ како филозофија на демократија – додаде Сиљаноска Давкова.

Таа е децидна дека со премиерот Христијан Мицкоски не го толкуваат различно Преспанскиот договор.

Во Швајцарија на средбата со Мицотакис, рекла дека очекува двете земји да се однесуваат добрососедски, а изјавата на Нимиц дека треба да бидеме горди на новото име, ѝ создала конфузија.

-Нимиц ми создаде конфузија со изјавата. Да речете некому да го прави горд името што не го избрал сам, зашто референдумот не беше успешен, мислам дека е неетички – истакна Сиљаноска Давкова.

На прашањето дали во следните пет години нема да го каже името Северна Македонија, Сиљаноска Давкова нагласи: Сите знаете дека сум претседателка на оваа држава која во Уставот се вика така, зошто тоа да го повторувам? Зарем нашите грчки колеги постојано велат Хеленска репунблика? Не. Ги почитувам договорите. Не е точно дека ние ги кршиме, туку некој друг ги крши, заклучи Сиљаноска Давкова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот