Си-eн-eн: Дали САД доживуваат немоќ и понижување на Блискиот Исток?

Американска војска / Фото Архива на Слободен печат

Копнената операција на Израел во Либан се доближува до нови стратешки реалности и ширења на Блискот Исток. Сето тоа се случува во време кога некогаш моќните САД сега не се во можност да му обезбедат сигурност на својот сојузник Израел или во најмала рака да влијаат на другите земји во опкружувањето состојбите да не предизвикаат регионална поголема криза која несомнено има потенцијал да се рашири.

Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во понеделникот ја започна следната фаза од нападот врз Хезболах, или како што ја нарекува „ограничена копнена операција“ во Либан. Инвазијата започна и покрај неколкунеделните барања од Вашингтон за воздржаност и повиците за деескалација.

Нападот на Израел се случи само неколку часа откако претседателот Џо Бајден на прашањето што знае за нападите на израелските специјални сили во Јужен Либан, рече „сега треба да имаме прекин на огнот“ .

„Мило ми е што паузираа“, рече американскиот претседател.

Јазот меѓу САД и Израел сè повеќе е воочлив

Зборовите на Бајден само го истакнаа јазот меѓу владите на САД и Израел на денот кога Нетанјаху при гостување во една емисија им рече на Иранците дека „нема место на Блискиот Исток до кое Израел не може да стигне“, пренесува „Си-ен-ен“.

Слабата координација меѓу Америка и Израел се зголемува бидејќи се совпаѓа со крајот на изборната кампања во САД. Маневарскиот простор на Бајден е ограничен ако сака да избегне влошување на внатрешно политичкото влијание поради војната на Блискиот Исток. За ова влијание врз американската политика секако дека добро го разбира Нетанјаху.

Во исто време потпретседателката Камала Харис во голема мера се држи до добро истапканата траекторија и покрај претходните коментари кои сугерираа дека таа може да заземе малку построга реторика кон израелскиот премиер. Во исто време, сепак таа ги нагласува маката и страдањата на палестинските цивили, наведува американскиот медиум.

Американскиот претседател Џо Бајден/Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Моделот на американската импотенција и израелскиот пркос се повтори по нападите на Хамас на 7 октомври врз Израел, во кои загинаа околу 1.200 луѓе, што го поттикна израелскиот напад врз Газа и последниот обид да го уништи Хезболах во Либан, пренесува српска „Политика“.

Нетанјаху често дејствува прв, а подоцна се консултира со САД, дури и кога е извесно дека неговите постапки сигурно ќе ги попречат американските дипломати, со цел САД да не бидат вовлечени во катастрофална регионална војна.

Инаку САД не беа однапред известени ни за израелскиот воздушен напад во петокот, во кој беше убиен лидерот на Хезболах, Хасан Насрала.

Полковник Седрик Лејтон, воен аналитичар, за Си-ен-ен изјави дека разговорите меѓу израелските и американските претставници пред очекуваниот напад на Израел врз Јужен Либан биле „прилично напнати, особено на повисоките нивоа“.

Тој додадал дека клучната работа што треба да се има на ум е дека Израел во основа намерно ги држеше САД во мрак кога станува збор за деталите од нивните операции.

Нетанјаху свесно ги користи слабостите на Бајден да интервенира без согласност на Вашингтон

Ваквиот израелски пристап често ја ставаше администрацијата на Бајден во позиција на набљудувач, а не на активен играч во настаните, што треба да доликува на една суперсила. Месеците на исцрпувачка шатл-дипломатија на државниот секретар Ентони Блинкен во голема мера беа непродуктивни.

Ова не е само дипломатски срам. Секој пат кога американски претседател беше јавно одбиен, тоа влијаеше не само на неговиот личен престиж, туку и на перцепцијата за глобалната моќ на САД. И сè поверојатно е дека Бајден, кој дојде на функцијата како експерт за надворешна политика, ќе ја напушти Белата куќа за неколку месеци со војна на Блискиот Исток чин кој ќе го извалка неговиот наследник.

Мурал со поддршка за израелската армија во Северна Ирска / Фото: Paul Faith / AFP / Profimedia

САД и нивните сојузници помогнаа да се одбие масовниот ирански ракетен и беспилотен напад врз Израел во април. Нападите уследија по израелскиот напад врз иранскиот дипломатски објект во Дамаск, за кој САД однапред не знаеја, во кој беа убиени осум високи офицери на иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда.

Бајден, кој долго време се гордееше со тоа што е еден од најпроизраелските политичари во историјата на САД, не сакаше да ја искористи моќта што ја има – на пример, трајно прекинување на воените испораки на САД за Израел, потег што би имал огромни политички реперкусии пред изборите.

Се чини дека Нетанјаху често свесно ги користи инстинктите на Бајден, образложувајќи дека тој ќе проголта секое ниво на израелска провокација во регионот.

Националните интереси на Америка не лежат само во зачувувањето на Израел. Белата куќа е очајна да избегне да биде вовлечена во нов жесток конфликт на Блискиот Исток, со оглед на двете децении потребни за да се извлечат американските трупи од Ирак и Авганистан.

Американските воени бази се уште во регионот, вклучително и во Сирија и Ирак кои во исто време остануваат многу ранливи на напади од ирански следбеници, како што се покажа со смртта на тројца американски војници во напад со беспилотно летало во Јордан во јануари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот