Што прави денеска: Ана Петановска, пејачка

Фото: Марија Чедомировска/ Приватна архива/ Мартин Чичовски

Матурантката во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ деновиве е посветена на подготовката за матурските испити, но со исто темпо е посветена и на пробите и претстојните снимања со македонската претставничка Андреа Коевска и пејачката Рената Кралевска за овогодинешната Евровизија. Имено, Ана Петановска во улога на бек вокал заедно со Рената ќе ја придружуваат Андреа на евровизиската сцена во Торино, Италија.

Фото: Мирко Табашевиќ

Иако има само 18 години, Ана со својот моќен вокал секогаш одушевува. Тоа го докажа и со минатогодишниот настап на Василичарскиот концерт во Националната опера и балет каде предизвика бура од овации и аплаузи. Лани учествуваше и на Аларм фестивал. Ана досега настапувала на бројни училишни и државни натпревари, интернационални проекти и остварила бројни музички соработки. Нејзината последна песна „Haya“ е објавена во февруари годинава.

Овој пат, талентираната Ана ни долови како изгледа едно нејзино деноноќие.

„Секој ден носи нов буен спектар од активности, што ме радува многу. Си ги сакам дневните обврски исто толку колку што го сакам времето кое го посветувам на себе и на моите најмили.
Во моментов го завршувам средното образование и меѓу обврските гледам да ги приоритизирам училишните, но без да ја запоставам музиката. Се подготвувам за матурските испити, обично дел од викендот го посветувам на тоа.

Паралелно, се одвиваат и пробите за евровизискиот настап. Пробите се случуваат по договор, но обично ги правиме напладне.

Преку неделата, во училиште го поминувам периодот од 7:30 до пладне или од 13:30 до приквечер.
Обично, кога имам по густа агенда на активности (што многу често се случува), практикувам веднаш по наставата да ги завршам дадените школски обврски.

Фото: Приватна архива

Многу го ценат времето „за себе“ – период од денот најчесто наутро, па дури и само половина час, ако не можам повеќе, каде што сум во друштво со себе и можам умствено да се подготвам за преостанатите обврски и тоа ми е од голема важност за да ја задржам енергијата за секоја од нив.

Но, едно нешто секогаш останува исто секој ден – кафе и барем еден час работа на пеењето и музиката – ритуали кои се составен дел од мене и без кои не може да ми помине денот.

Секогаш има нешто ново за учење кога станува збор за пеење, но периодов се посветив повеќе на анализа на сопствениот вокал, подобрување на вокалната техника и интерпретирањето на истата. Покрај вежбите за гласот, пробувам и да слушам многу разновидна музика од инди или попознати бендови што е можно повеќе затоа што сметам дека тоа е исто така еден од најважните елементи од кои се гради креативноста на еден музичар и одличен начин за да се развие музичкиот вокабулар на секој.

Фото: Приватна архива

Откако ќе завршам со пеење, имам слободно време кое го искористувам за спорт и рекреација, што исто така ми е од огромно значење. Активно спортувам во теретана и повремено одам на тренинзи по кик – бокс, а преку викендите обожавам планинарење со семејството или трчање по некој круг по кејот на Вардар.

Се случува да пропуштам некој тренинг поради снимање на вокали или проба за некој проект.

Вечерите се речиси секогаш резервирани за јавни настапи и настани со Стефан Петановски, Дамјана Апостоловски и Стефан Митев, а покрај нив и со Горан Наумовски, кои се едноставно незаменливи, фантастични луѓе и музичари. Јавните настапи исклучително влијаат на мене и навистина многу ме исполнуваат. Можам да кажам дека сум навистина личност со огромна среќа што јавните настапи ми станале толку голем дел од секојдневието, заедно со сите убави работи што тие ги носат, како што се прекрасните познанства, пријателствата, убавото, распеано расположение и поддршката од луѓето.

Не би можела да одредам дали сум ранобудец или „ноќна птица“, но знам дека дефинитивно многу ги сакам утрата и затоа можеби и пролетта ја сакам многу. Зимскиот период го поминувам обично со слично динамично темпо, но во кој било дел од годината секогаш гледам да одвојам доволно време за себе, за друштвото и за моето семејство.“

Фото: Марија Чедомировска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот