Што ако се распушти Судскиот совет: Нови членови со интегритет и квалитет, задолжителна евалуација и одговорност

Пратеникот Љупчо Пренџов на дебатата „Парламент 2024-2028: Нови заложби во борбата против корупцијата“/Фото: Слободен печат

По сè погласните најави за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, пратеникот  и претседател на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, Љупчо Пренџов, на денешната седница посветена на улогата на Собранието во зајакнување на борбата против корупцијата даде појасна слика како би изгледал овој процес на распуштање на двете контролни институции во правосудството.

Целта е, рече Пренџов, пратенците да донесат системски решенија за транформирање на правосудните органи за да има независни, транспарентни и одговорни органи и ефикасно правосудство, воведување на европски стандарди и вредности во текстот на сите закони по принципот „rule of law check list“, како и одговорност на секој што се огрешил пред Уставот и законите на оваа држава, осебено за оние кои незаконски се богатат цел изминат период врз грбот на граѓаните.

– Сметам дека треба да има распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а во тој преоден период Владата да иницира законски измени заедно со Собранието со кои ќе утврди строги и објективни мерки и мерливи критериуми кои треба да ги исполнат новите членови избрани од Собранието и предложени од претседателот. Јавна и транспрентна постапка која ќе гарантира интегритет и квалитет на избраните кандидати. Да иницираме процес во којшто изборот на членовите на Судскиот и на обвинителскиот совет ќе треба да исполнуваат високи лични и професионални критериуми и при процесот на законска реформа на Судскиот совет да се земат предвид сите препораки на ЕУ и добрите европски практики – рече Пренџов.

Тој повика и на утврдување на јасно дефинирана постапка за избор и разрешување на претседател на Судски совет и задолжително образложение на донесените одлуки на Судскиот совет.

– За она што го гледав во Судскиот совет во изминатиот период како опозиција, морам да кажам дека јас не ликував, но сите ние бевме понижени, поразени независно која професија ја имаме во ова наше општество и тоа не смее да се повтори и мора да се промени. Унапредувањето на судии мора да биде преку задолжителна евалуација. Ние во оваа држава евалуација не правиме за ништо. Ниту правиме евалуација на донесените законски решенија, ниту евалуација на предложени законски решенија, едноставно од денес за утре, од ден за ден и тоа треба да се промени – рече пратеникот.

За тоа како практичарите ја перцепираат работа на Судскиот совет зборуваше адвокатот Благоја Пандовски, претседател на Транспарентност Македонија.

– Секогаш кога сум се обраќал до Судскиот совет со одредени претставки, тие имаат некои формати за тоа како истите ги одбиваат, не одлучуваат, ја префрлаат топката на повисоките судови, на пример на Апелација и навистина една неефикасност и неефективност која мора да се смени. Не се согласувам со тоа дека овие два Совети треба да бидат распуштени од страна на политичките субјекти, бидејќи такво нешто или од Собранието или од извршната власт не постои согласно Законот за судски совет. Таму е точно наведено кога престануваат мандатите на членовите на Судскиот совет, дали ќе си дадат оставка, поради смрт и таксативно се наведени. Можеби со промената на Законот за Судски Совет и Законот за Совет за јавни обвинители која треба да се случи, е предвидена и некоја друга можност, рече Пандовски.

Тој повика на внимателност во тој процес поради острите реакции од странските амбасадори кои укажаа дека распуштањето на Судскиот совет претставува директно мешање во работата на судството.

– Затоа треба да се направат законски основи со коишто евентуално би се спровеле овие механизми – нагласи Пандовски.

Миша Поповиќ од Институтот за демократија која ја организираше дебатата нагласи дека треба да се постапи внимателно со почитување на препораките од меѓународните авторитети за да не се наруши независноста на судството.

– Ќе треба да видиме кои се ограничувањата и кои се можностите за тоа да се направи како што треба во смисла на две димензии: како да се заштити независноста на правосудството и истовремено да се поттикне да бидат избрани оние коишто го спроведуваат оценувањето на судиите и истовремено да го заштитат правосудството и ограничувањата што постојат од меѓународните авторитети коишто за претходната пракса на други земји имаат кажано како може да се распушти, кога истекува мандатот. Меѓутоа мислам дека постојат и наоди во рамките на она што сега е работено во невладниот сектор, навистина се потребни многу појасни критериуми за тоа како ќе се избираат оние претставници на судскиот совет кои не доаѓаат од правосудството – рече Поповиќ.

Во однос на Советот на јавни обвинители адвокатот Пандовски нагласи дека новиот парламентарен состав треба да ги земе препораките на ГРЕКО и да се направи точна дистинкиција, односно да се дефинираат дисциплинските одговорности на обвинителите, односно постапките коишто ќе се водат во овој контекст.

-Законот за Совет на јавни обвинители мора да трпи промени и мора да се направат законски измени во делот на тоа Јавното обвинителство конечно да се задолжи да постапува по иницијативите на ДКСК, а не само да ги третираат како обични пријави, бидејќи во постапките кои ги води Антикорупциската комисија тие заедно веќе ги обработуваат овие околности, потоа иницијативата од страна на Обвинителството треба да се сфати многу сериозно и да се поведат постапки што мора да бидат регулирани со одредени законски измени – рече Пандовски.

– Лично сметам дека Советот на јавни обвинители воопшто нема кредибилитет. Од она што го гледавме во медиумите, на обвинители што им се прави таму, како и на начинот и односот на нив кон вакви или слични обвинители, мора да имаме високи критериуми и таму и она што е многу важно се законските рокови за постапување во предистрага и одговорноста на обвинителите коишто не постапиле во законскиот рок. Тоа според мене е голема корупција. Ако некој ти прати абер дека кај тој обвинител имаш предмет и ти е во предистрага која може да трае две-три години, тој обвинител може да ја држи до застарување и може што сака да ти прави во тие 3 години и притоа ти да не бидеш заштитен во тие 3 години од страна на државата – рече пратеникот Пренџов.

Тој пред новинарите ја нагласи неопходноста од системски решенија за сузбивање на криминалот и високата корупција која царува во државата.

– Тој систем мора да биде променет со систем на робустни реформи кадешто ќе имаме мерливи критериуми. Каде нема да ставаме луѓе на витални клучни позиции и ќе пишуваме „истакнат правник“. Што е тоа? Во програмата на Владата имаме целосен сликовит опис за тоа како и на кој начин да ги направиме тие реформи и да го промениме тој систем кој продуцира криминал и корупција бидејќи на крајот на денот, криминалот и корупцијата и правната несигурност на било кој од нас многу влијаат на тоа колку луѓе се иселуваат од Република Македонија на кои им е преку глава овој систем и тој мора да биде променет – потенцираше пратеникот Пренџов од владејачката коалиција.

 

Ремонт на Судскиот совет: Амбасадорите да не се мешаат во внатрешните работи на државата, порача Мицкоски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот