Штајнмаер до косовската колешка: Мора да работите на создавање услови за напредок кон ЕУ

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер /Фото: EPA-EFE/ANDRE PAIN

Претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер ѝ порача на неговата косовска колешка, Вјоса Османи дека Косово мора да работи на создавање услови за напредување на патот кон членство во Европската унија и во Советот на Европа, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на социјалните мрежи од кабинетот на германскиот претседател, која ја пренесоа косовските медиуми, Штајнмаер по денешната средба со Османи во Берлин порача дека Германија е многу заинтересирана за стабилноста на Западен Балкан и ги поддржува аспирациите на Косово за членство во европските организации.

„Германија е многу заинтересирана за стабилноста на регионот и го поддржува членството на Косово во Европската унија и во Советот на Европа, нагласи сојузниот претседател за време на разговорите. Земјата мора да работи на создавање на потребните услови за ова“, се вели во соопштението на германското Претседателство.

Во исто време, во соопштението на кабинетот на Османи за средбата, се наведува дека косовската претседателка изразила „длабока благодарност за поддршката на Германија во процесот на ослободувањето и државноста“, но и на евроатлантскиот пат на Косово.

„Косово и Германија имаат силно и стабилно партнерство засновано на заедничките вредности на демократијата, мирот и напредокот. Германија е стратешки сојузник во патувањето на Косово кон зајакнување и меѓународна интеграција, така што очекуваме уште повеќе да го зацврстиме ова партнерство во наредните години“, нагласила Османи според соопштението.

Османи го оцени Берлинскиот процес како моќен поттик за европската перспектива на Западен Балкан и во тој контекст ја повтори нејзината целосна поддршка за договорите кои произлегуваат од овој процес.

„На средбата со претседателот Штајнмаер, претседателката Османи, меѓу другото, ја истакна улогата и придонесот на албанската дијаспора во Германија, која е моќен мост за односите меѓу двете земји. Двајцата претседатели разговарале и за потенцијалот за проширување на соработката во области од заемен интерес“, се наведува во соопштението од кабинетот на косовската претседателка.

Османи допатува во Германија во вторникот и првично се сретна со министерката за надворешни работи, Аналена Баербок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот