Широк Сокак преплавен од туристи

Туристи во Битола/ Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

Во овие пеколни јулски денови, кога најголемиот број битолчани заминаа на годишен одмор во туристичките места надвор од Македонија, Битола врие од гости.

Широк сокак и преку денот, и во вечерните часови е претесен да ги прими сите оние гости и туристи коишто допатуваа во Битола.

Но, најбројни се туристите од Турција кои деновиве буквално го „окупираа“ Широк Сокак.

Турските туристи организирано од туристичките тур-оператори на неколку саати ја посетуваат Битола.

Задолжително ја посетуваат спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк во Заводот и музеј Битола, најамбиенталната улица Широк Сокак, џамиите, Офицерскиот дом, Старата битолска чаршијата и Градското шеталиште каде се разладуваат после туристичката обиколка на градот.

Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

Турските туристи не ја пропуштаат приликата да се фотографираат пред куќата каде што живеела убавата Елени Каринте, најголемата љубов на Мустафа Кемал Ататурк, таткото на модерна Турција.

Но, тие во Битола се задржуваат само еден ден.

Ретко преноќуваат, па туроператорите и угостителите треба да изнајдат начини како да ги задржат повеќе дена да престојуваат во Битола.

Инаку, еден од проблемите со кои се соочуваат туристите при посетата на Битола е немањето на Туристички информативен центар, којшто за првпат бил отворен во 2006 година, но, цели 18 години не функционира. Туристичките водичи сметаат дека таков инфо центар е неопходен за развој на туризмот, да биде место каде што туристите одблиску ќе се информираат за сите атрактивни содржини, квалитетна промоција и презентација на севкупната туристичка понуда на Битола.

– Тоа што Битола долги години нема Туристички информативен центар претставува голем проблем не само за нас како туристички работници, туку и за градот Битола-велат туристичките работници.

Инаку, големиот број на повратници битолчани од САД, Канада и Австралија ги подигна и цените на издавањето на станови во Битола.

Во градот под Пелистер голем број битолчани се ориентираат за издавање на станови за повратниците од странство.

Во овие жешки летни јулски денови тријат раце и агенциите за продажба на станови, бидејќи добар дел од иселениците покажуваат интерес да си купат станови во новите згради кај поранешната Касарна.

Но, тоа што загрижува е што истите тие полни станови, од септември повторно се заклучени и седат празни, бидејќи од септември Битола ја напуштаат и странците, но, и битолчани, особено младите кои својата среќа во сè поголем број ја бараат во странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот