Шест училишта во Битола ќе добијат фотоволтаични соларни централи

Фото: Васка М.Младеновска

Шест основни училишта во Битола ќе добијат фотоволтаични соларни централи преку проектот „Сончеви училишта“ што локалната самоуправа го реализира во соработка со Фондацијата „Отворено општество“ Македонија.

Според договорот, соларните централи треба да бидат поставени заклучно со ноември оваа година.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски, деновиве потпиша договор за соработка со Фондацијата „Отворено општество“ Македонија, а со проектот се предвидува инсталирање на фотоволтаични соларни централи на основните училишта: „Елпида Караманди“, „Стив Наумов“, „Коле Канински“, „Св. Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ с. Кукуречани и ОУ „Крсте Петков Мисирков“ од с. Бистрица.

-Согласно договорената динамика, соларните централи, треба да бидат поставени заклучно со ноември оваа година. Електричната енергија што ќе ја произведуваат овие централи ќе ја користат училиштата и Општина Битола, со цел да се намали вкупната потрошувачка од јавната мрежа на операторот за дистрибуција на електрична енергија со што ќе се создаде директна заштеда на сметките за електрична енергија-информираше Коњановски.

Од Битолската локална самоуправа додаваат дека еквивалентот во денари од сумата на произведена и заштедена енергија ќе биде ставена на располагање на потребите на училиштата врз основа на проектните идеи, доставени од соодветното училиште.

-Финансиската конструкција целосно е обезбедена од страна на фондацијата која го спроведува проектот „Сончеви училишта“ веќе трета година во Македонија, но, и во другите земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Србија)-велат од Битолската локална самоуправа.

Проектот „Сончеви училишта“ има за цел создавање климатско неутрални училишта преку поставување фотоволтаични панели на крововите на училиштата, едукација и вклученост на учениците и вработените и работа со заедниците за зголемување на знаењето за производство и користење на енергијата од обновливи извори на енергија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот