Шефот на француската дипломатија во посета на Либан

Либан/фото: Ројтерс

Францускиот министер за надворешни работи Жан Ноел Баро вечерва ќе пристигне во Либан, соопшти француското Министерство за надворешни работи, додека во таа земја продолжуваат израелските напади, особено на јужните предградија на Бејрут.

Министерот Баро ќе разговара со локалните власти и ќе обезбеди француска поддршка, особено хуманитарна, соопшти Министерството.

Според официјалната програма, во текот на вечерта треба да му предаде итна медицинска помош на министерот за здравство на Либан, пред да одржи работен состанок за состојбата со француските граѓани.

Утрешниот ден ќе биде посветен на разговори со премиерот Наџиб Микати, генералот Џозеф Аун, командант на армијата и со Набих Бери, претседател на Собранието.

Министерот ќе се сретне и со специјалниот координатор на ОН за Либан и со силите на ОН во таа земја (УНИФИЛ).

Франција вчера побара итен прекин на израелските напади врз Либан и соопшти дека се противи на каква било копнена операција во таа земја.

Пред тоа, францускиот премиер Мишел Барние ја оцени ситуацијата во Либан како „исклучително сериозна“ и рече дека е загрижен за безбедноста на Французите во таа земја.

Министерството за надворешни работи на Франција засега не ги повика француските граѓани да ја напуштат земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот