„Шарла рекордс“ ќе организира летни музички сесии во „Ла Кања“

Првиот настан од серијалот со концертни вечери во „Ла Кања“ ќе се одржи на 5 јули

Независната дискографска куќа „Шарла рекордс“ стигна до сто музички изданија, а во следниов период планира да одржи неколку лајв-сесии во „Ла Кања“ (во Старата скопска чаршија), на кои ќе бидат претставени дел од артистите чии албуми се објавени под оваа етикета.

– Дојдовме до сто изданија. Малку подоцна од што планиравме, но многу поскоро од нашиот влез во ЕУ, секако. Стопати е изречен зборот „ново“ со извичник, а тоа во средина што знае да биде отпорна на изјави од таков вид, и не е баш малку. Затоа, цениме дека сите овие години труд, љубов и заедништво треба да ги прославиме на адекватен начин, и со радост.

Прво, подготвивме славеничка компилација со наслов „Разни изведувачи – 100 врати отворени“, составена од музика на наши артисти и бендови како современ пресек во времето низ кое пловиме како пијан морнар во сѐ поплитка вода. Нашата цел постојано да отвораме врати кон нови и нови музички хоризонти се чини е тврдоглаво упорна и отпорна на сите штетни влијанија на општествено-политичката реалност во која се случуваме.

Во тоа име, почнуваме со серијал од концертни вечери во барот „Ла Кања“ под заедничко име – „Шарла летни сесии во живо“. Првиот настан ќе се случи на 5 јули (петок), со почеток од 21 часот, како промоција на компилацијата „Разни изведувачи – 100 врати отворени“ со акустични настапи во живо на три Шарла-артисти: „Дејание“, Сашо Митревски и „Свит рапскалионс“ (Sweet Rapscallions) – најави Давид Ангелевски од „Шарла рекордс“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 237, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот