Сезона e на комарци, а овие намирници треба да ги избегнувате ако сакате да спречите убоди

Фото: Eastbayecho

Летните вечери се најдоброто нешто во лето – нема ништо поубаво од тоа да седите на тераса или балкон навечер и да се разладите по топлиот ден. Меѓутоа, тоа доживување често ни го расипуваат комарците кои здодевно зујат околу нас и кои, се чини, веќе не ги одбива ниту еден спреј против комарци.

Овие инсекти не само што предизвикуваат непријатни каснувања што чешаат, туку можат да донесат и низа болести, а ако сте природен магнет за комарци и не ви помагаат ниту спрејови, спирали или што било друго, можеби треба да ја промените исхраната.

Имено, одредени намирници што ги јадеме повеќе ги привлекуваат комарците, а во продолжение дознајте што треба да јадете, а што да избегнувате.

Што всушност ги привлекува комарците?

Познато е дека комарците ги привлекува јаглерод диоксидот што го издишуваме, топлината на нашето тело и хемикалиите на нашата кожа, во нашата пот и здивот. Комарците ги „намирисуваат“ луѓето, а мирисот е едно од главните сетила што комарците ги користат за да најдат храна. Храната за комарците се разликува во зависноста од полот – возрасните женки комарци се хранат со крв и нектар, а возрасните мажјаци само со нектар.

Во принцип, сè што е слатко ќе ги привлече комарците (веројатно затоа што сладоста сугерира дека нектар има во близина), заедно со мирисот на вашето тело и одредени хемикалии. Повисоките концентрации на урична киселина, млечна киселина и амонијачна киселина во вашата пот, исто така, можат да ги привлечат комарците, а истражувањата исто така откриваат дека луѓето со крвна група нулта повеќе ги привлекуваат комарците.

Која храна да се избегнува?

Комарците ги привлекуваат слатките работи, па слатките се првото нешто што треба да го избегнувате ако не сакате да станете мета на комарците. Комарците ги привлекуваат одредени цветни мириси на растенијата кои произведуваат нектар, па ако некоја храна (или дури и пијалак) има сладок, цветен мирис, комарецот не само што може да биде привлечен од таа храна, туку и од личноста што ја јаде.

Понатаму, иако сè уште нема доволно докази за ова, едно истражување покажало дека луѓето кои јаделе банани биле попривлечни за комарците отколку луѓето кои јаделе грозје. Но, ова е само едно истражување и тестирало само два вида комарци, а треба да се напомене дека во светот постојат повеќе од 3.000 видови комарци.

Комарците ги привлекуваат и карбоксилните киселини кои ги произведуваат бактериите на нашата кожа, но карбоксилните киселини вклучуваат и маслена киселина, а тоа соединение е присутно во некои „смрдливи“ сирења, па затоа и нив треба да ги избегнувате. Освен тоа, ако не сакате да привлекувате комарци, треба да избегнувате и пиво, бидејќи две истражувања открија дека луѓето кои пиеле пиво повеќе ги привлекувале комарците од оние кои не пиеле.

Што да јадеме за да ги држиме комарците подалеку од нас?

Како што постојат одредени намирници кои ги привлекуваат комарците, постојат докази дека јадењето одредена храна ќе ги оддалечи од вас. За почеток, тоа е секоја храна во која има лук или кромид. Тие го содржат соединението алицин, а истражувањата го поврзуваат алицинот со намален ризик од заразување со маларија, сериозна инфекција која се пренесува со каснување од комарец. Сепак, не е јасно колку лук и кромид треба да изедете за да го постигнете овој ефект.

Уште едно истражување за комарците и човечкиот мирис открило дека комарците ги одбиваат луѓе со високи концентрации на мирис на еукалиптол на нивната кожа. Еукалиптол е ароматично соединение кое се наоѓа во слаткиот босилек, жалфијата, рузмаринот и кардамонот, а истражувачите заклучиле дека оваа висока концентрација најверојатно е последица од исхраната.

На самиот крај, постои едно овошје што треба да го јадете ако сакате да избегнете каснување од комарец, а тоа е грејпфрутот. Грејпфрутот содржи соединение наречено нооткатон, кое му ја дава единствената арома, а едно истражување за ова соединение открило дека тој е ефикасен во одбивањето на комарците со брзина споредлива со две вообичаени состојки кои одбиваат инсекти.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот