Се задолжуваме 550 милиони евра кај ММФ и Светската банка, Собранието ги изгласа законите

Собранието попладнево ги донесе законите за задолжување на земјава кај Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) со кредитна линија за претпазливост и ликвидност и за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светската банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за градење на ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии. И двата закони беа донесени по скратена постапка.

Пред редовната пауза до 15:30 часот, пратениците дебатираа за предлог-законот за задолжување на земјава со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за градење на ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии, по скратена постапка.

Со кредитната линија за претпазливост и ликвидност од ММФ за поддршка на државниот Буџет треба да се обезбедат 530 милиони евра. Целта на кредитната линија е да обезбеди ефективна заштита од криза за оние земји членки на ММФ кои имаат здрави економски основи, односно политики.

Бојан Стојановски од ВМРО ДПМНЕ истакна дека тие ќе гласаат воздржано за ова задолжување. Стојановски реле дека со ова задолжување повторно се зголемува долгот на земјата. – Вакви кредити од ММФ земаат само Мароко, Панама и Македонија, рече Стојановски, кој ја обвини власта дека ништо не направила за граѓаните додека се на власт. Пратеникот повика на одржување парламентарни избор како излез од ситуацијата.

Пратеникот Панчо Минов му реплицираше на Стојановски, посочувајќи дека сумата од 530 милиони евра е вкупна рамка на можни повлекувања на средства, додека првичните рамка е 84 милиони, а 181 наредниот пат, по првиот преглед за реализација на средствата од страна на ММФ. – Другите пари се резерва, рече Минов.

Во расправата за предлог-законот за задолжување на земјава со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за градење на ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии, по скратена постапка се вклучија, главно, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои ја критикуваа работата на Владата.

За Проектот за градење ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии, пак, се планирани 24,9 милиони евра, од кои заем од Светска банка во износ од 20 милиони евра и 4,9 милиони евра грант од ЕУ кој ќе се администрира преку СБ. Проектот ќе се имплементира преку Единица за управување со проектот, која ќе биде формирана во Министерството за финансии.

По завршување на 92. седница, Собранието ја продолжи 88. пленарна седница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот