Се бара решение за Студенчишко Блато: Газдите на имотите задоволни, но не и еколозите

фото Архива

На јавната расправа е поддржано законското решение, но сопствениците на парцели во таа зона побараа зачувување на вредноста на имотите, усогласување на заедничките интереси и овозможување одржливо користење и активности заради нивниот економски просперитет.

Сопствениците на имотите во заштитениот појас Студенчишко Блато крај Охридското Езеро го поддржаа законот што е усогласен со препораките на УНЕСКО, но побараа зачувување на вредноста на имотите, усогласување на заедничките интереси и овозможување одржливо користење и активности заради нивниот економски просперитет.

И градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков е на иста линија со своите сограѓани. Тој за „Слободен печат“ вели дека од јавната расправа на таа тема, задоволни се и Министерството за животна средина и сопствениците на имотите.

– Тие нема да ги изгубат имотите, најголем дел од нивните имоти се во третата зона, каде што ќе биде дозволено изградба на мали објекти, но не и станбени згради. Дел од сопствениците на имотите пред неколку години имале такви планови, но откако децидно им било кажано дека станува збор за заштитено подрачје и може да се развива само во насока на одржлив развој на самото Студенчишко Блато, сите се откажале од првичните намери. Студенчишко Блато мора да ја добие онаа форма на заштита што ја заслужува не само поради препораките на УНЕСКО, туку затоа што има редок растителен свет – вели Пецаков.

Општина Охрид, која ќе управува со Студенчишко Блато, е должна да обезбеди постојан мониторинг. Ќе се формираат и консултативни општински тела, совет на засегнати страни и научен совет.

Студенчишко Блато во Охрид ќе биде прогласено за заштитено подрачје од четврта категорија – Парк на природата поради геолошките и биолошки вредности и присуството на живеалишта и видови од национално и европско значење, беше кажано на јавната расправа за нацрт-законот. Во зоната на строга заштита, која зафаќа 5,33 хектари или 8,85 отсто од вкупната површина, ќе бидат забранети активности со кои се загрозува изворноста на природата и се нарушува природната рамнотежа. Дозволени ќе бидат само научноистражувачки активности по претходно добиена дозвола.

Од Министерството за животна средина потенцираа дека со Законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата, ќе се овозможи зачувување на природната состојба на локалитетот, спречување дејства што можат да ги нарушат живеалиштата и екосистемите и одржливо користење на природните ресурси. Вкупната површина на локалитетот што ќе биде ставен под заштита изнесува 60,23 хектари. Предвидени се три зони: зона на строга заштита, зона на активно управување и зона на одржливо користење.

Драгана Велковска од СОС Охрид вели дека е разочарана од излагањата на јавната расправа.

– Она што го чувме на расправата беше разочарувачки доказ за децениско отсуство на институционална заштита и институционална едукација за значењето и за вредноста на нашиот единствен УНЕСКО-регион, за начините на кои сме според закон обврзани да се грижиме за него и да си го обезбедиме сопствениот одржлив развој. На расправата беше присутна група сопственици на приватни имоти, кои се грабаа да градат во граници на заштитеното подрачје. Приватната сопственост не е неприкосновена. Во Уставот е јасно дефинирано дека правото на сопственост може да се ограничи кога станува збор за јавен интерес утврден со закон, а во член 2 од Законот за заштита на природата е сторено токму тоа, со одредба која гласи: заштитата на природата претставува дејност од јавен интерес – објаснува Велковска.

Таа додава дека во член 116 од Законот за заштита на природата е утврдена можноста за експропријација на приватен имот заради заштита на природата.

Блатото е во загрозена состојба поради присуството на депонија, прекината комуникација со езерото, палење и уништување на вегетацијата и формирање обработливи површини. Поради ваквата негрижа, исчезнале голем број видови птици и риби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот