СДСМ не дозволува законот за унгарскиот заем да се најде на собраниска комисија, Мицкоски одговара Деловникот е јасен

Мицкоски и Орбан

Претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет е Сања Лукаревска од СДСМ, а опозиционерите инсистираат на носење закон по редовна постапка со дебата

Ваков каков што е Предлог законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност по договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, по скратена постапка, нема да биде поставен на собраниската комисија за финансирање и буџет, дециден е претседателот на СДСМ Венко Филипче кој вчера одржа прес-конференција. Со Комисијата за финансирање и буџет, собраниско тело низ кое мора да помине Предлог-законот, раководи Сања Лукаревска од редовите на СДСМ, а опозиционерите инсистираат на носње на закон по редовна постапка, со дебата. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ има можност Предлог-законот да се стави на дневен ред. Во членот 126 од новиот собраниски деловник за работа на работните тела од Собранието пишува: „Ако претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори, или ако работното тело нема претседател, седницата ја свикува претседателот на Собранието и со седницата претседава членот на работното телото што ќе го определи претседателот на собранието, до завршување на седницата“. Значи клучот за овој закон сега е во рацете на собранискиот спикер Африм Гаши.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека очекувал опозицијата да ја опструира работата на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која треба да се разгледува Предлог-законот за задолжувањето.

-Добив информација дека денеска нема претседателот на Комисијата за финансирање и буџет оваа точка да ја стави на дневен ред, тоа е Сања Лукаревска. Таков став заземале во СДСМ. Деловникот е јасен, има таму период кога треба да се стави оваа точка, доколку не се стави, што се прави итн. Тоа ќе прави. Опозицијата, претпоставувам Левица – ДУИ – СДСМ, ќе се обидат, дури мислам дека и на недемократски начин, да ја опструираат работата на Комисијата –рече Мицкоски.

Според премиерот „вистинската намера на опозицијата е стравот бидејќи ако овие средства ќе се вложат на начин на кој планираме да ги вложиме, ние ќе добиеме политички бенефит од сето ова и на тој начин преку реализација на проектите во општините и поддршка на бизнисот конечно, после долго време застој и уназадување, државата ќе почне да чекори напред“.

Мицкоски ја искористи и можноста за да се поправи во однос на пресметките на процентот на провизијата што ќе ја платиме за правните услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка. Тоа немало да биде 0,1 процент како што рече вчера, туку 0,014 процент и тоа е за адвокатски услуги, процес што според изјавата на Мицкоски е стандарден за ваков тип на заеми. Во апсолутен износ овој трошок е 70.000 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот