СДСМ на „мускули“ ќе бира лидер

Колаж: Слободен печат

Избори за нов лидер на СДСМ ќе има, рече Викторија Аврамовска-Мадиќ, претседателка на Централниот изборен штаб на партијата, иако од трката се повлече Славјанка Петровска поради, според неа, нефер изборен процес и низа нерегуларности.

Тројца кандидати остануваат во трката за избор на претседател на СДСМ откако вчера од изборната трка се повлече Славјанка Петровска поради, според неа, нефер изборен процес и низа нерегуларности.
Избори за нов лидер на СДСМ в недела ќе има, категорична е Викторија Аврамовска-Мадиќ, претседателка на Централниот изборен штаб на партијата, бидејќи „процесот се одвивал во фер и демократска атмосфера, а кандидатите што остануваат во трката, Венко Филипче, Јован Деспотовски и Александар Бајдевски, веќе назначиле свои контролори за изборниот ден в недела“.

Нов претседател на СДСМ ќе биде кандидатот што ќе освои половина од излезените гласачи од 27.373 регистрирани. Доколку ниту еден од кандидатите не освои 50 отсто плус 1 од излезените партиски членови, на 7 јуни во трка остануваат двајца кандидати што освоиле најмногу гласови.

Пред да соопшти дека се повлекува од изборната трка, Петровска на состанок за одложување на изборите и формирање привремено партиско раководство, ги информирала и за тоа побарала поддршка од противкандидатите. На состанокот не дошол само Филипче.

сдсм Славјанка Петровска/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

– Денеска е претпоследниот ден пред одржувањето на изборите за претседател на СДСМ и како еден од кандидатите водев кампања за таа позиција. За жал, морам да констатирам одредени пропусти и слабости што ми беа посочени во изминатиов период и кои ми даваат право да бидам загрижена дали гласањето в недела ќе биде онака како што сите ние социјалдемократи посакуваме. Денеска имавме средба со членовите на Централната изборна комисија и посочив на определени пропусти во Избирачкиот список, кои до мене стигнаа и од членови, но и од општински организации и кои го потврдија мојот сомнеж. Бидејќи СДСМ ни е премногу важен за да го ставиме пред чии било лични интереси ги повикувам противкандидатите в недела да не се одржат изборите и да се договориме да избереме времено раководство кое ќе спроведе фер и демократски избори кога ќе се создадат услови за тоа – изјави Петровска.

Според неа, тоа раководство треба да има полн легитимитет да носи одлуки во интерес на партијата. Петровска рече дека таа ќе биде на избирачкото ливче, бидејќи материјалите се веќе отпечатени, но дека нема да излезе да гласа.

– Сметам дека тоа треба да го направат и другите. Не е прашањето кој од нас ќе биде избран за претседател, во прашање е СДСМ и легитимитетот на одлуките што во иднина треба да бидат донесени – рече Петровска.

Според неа, ако и другите кандидати се откажат, можно е да нема избори. Таа одби да коментира дали противкандидатите ќе го прифатат предлогот изборите да се одложат и тврди дека со нив не разговарала за тоа, туку за аномалиите на Избирачкиот список.
Како најсериозни забелешки Петровска укажа дека имало одреден број, или 140 гласачи во една општинска организација кои се дел од членството, но не се регистрирале сами, туку во нивно име тоа го сторил некој друг. Злоупотреба на лични податоци од еден од кандидатите преку праќање илјадници пораки и таков скандал не смее да биде премолчан, рече Петровска која смета дека се водела нефер кампања.

Викторија Аврамовска -Мадиќ/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

За претседателката на Изборната комисија Мадиќ, повикот на Петровска не значи и одложување на изборите. Таа смета дека имало фер изборен процес.

– СДСМ целосно е подготвен за демократски внатрепартиски избори за претседател на партијата што ќе се одржат в недела. Централната изборна комисија во изминатиов период работеше напорно за да спроведе легитимен и демократски процес, пред сè за регистрација на членовите, како и промоција на програмите на кандидатите. Избирачкиот список ќе брои 23.373 акредитирани членови на СДСМ и ќе можат да го остварат своето право на гласање на 77 избирачки места – рече Мадиќ.

Таа се повика на Статутот на партијата.

– Никаде во Статутот не е регулирано која би била основата да прекине овој процес, а како ќе се произнесат кандидатите, јас не можам да кажам. По состанокот не добив впечаток дека тројцата ќе се откажат, бидејќи доставија и предлог-контролори за избирачките места – рече Мадиќ.

Изборниот процес за нов лидер на СДСМ речиси од самиот почеток го тресеа повеќе контроверзии, обвинувања за регистрација на членството, но и влијанија и фаворизирање на експретседателот Зоран Заев на кандидатот Венко Филипче. Јован Деспотовски директно го апострофира влијанието и фаворизирањето на Филипче од страна на Заев.

Јован Деспотовски – директор на ТИРЗ / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

– Станува збор за влијанието на поранешниот претседател врз изборниот процес и сметам дека тоа не води кон впечаток и кај членовите и кај општата јавност дека изборите се сосема слободни и се без влијание од никакви притисоци. И тоа навистина пречи. Фактот дека постои тоа влијание, како што се случи пред десетина дена со појавувањето на еден кандидат со експретседателот на партијата на настанот во Атина, каде што повторно имавме слична ситуација како пред три години со Клубот на пратеници. По ова, коментарите се дека Атина е како втор Клуб на пратеници (алузија кога Заев го октроираше за лидер Димитар Ковачевски) и тоа не е во ред. Сметам дека уште не е доцна поранешниот претседател да се произнесе и да каже дека нема никакво влијание врз изборите, ако на два дена пред одржувањето воопшто може нешто да поправи – вели за „Слободен печат“ Деспотовски.

Според него, се пропушта шанса да има процес во кој впечатокот ќе биде дека луѓето самостојно без никакво влијание избрале претседател на партијата.
Деспотовски останува во изборната трка и вели дека му се важни две прашања, и тоа на денот на изборите да се дозволи гласање на сите членови на партијата што ќе дојдат со важечка лична карта и политичкиот момент со влијанието на поранешниот претседател.

Филипче не одговори на критиките, но според објавата на Фејсбук, за него изборниот процес е легитимен.

Венко Филипче
Венко Филипче / Фото: Скриншот, Фејсбук

– Идниот претседател на СДСМ ќе има целосен легитимитет затоа што го црпи од членовите. СДСМ е демократска партија која уште еднаш тоа го потврдува преку организирање на внатрепартиски непосредни избори. Повеќе од 23 илјади гласачи в недела ќе може да изберат кој сакаат да ја води партијата и ги повикувам масовно да го сторат тоа – рече Филипче.

Тој кампањата ја оцени како фер и демократска и очекува во недела да се заокружи овој процес со легитимен избор на новиот претседател. Филипче уште еднаш се осврна на обединувањето како предуслов за успешно закрепнување на СДСМ и спречување на натамошни поделби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот