Само Нуредини поднел барање за апанажа, парите ќе ги донира во добротворна организација

Насер Нуредини министер за животна средина / Фото: ,,Слободен печат" - Драган Митрески

Поранешниот министер за животна средина Насер Нуредини е еднинствениот ексфункционер кој до денеска побарал апанажа. Претседателката на собраниската Комисија за избори и именувања Марија Георгиевска потврди за „Слободен печат“ дека е стасано само едно барање за апанажа и тоа од Нуредини. Ексминистерот за „Слободен печат“ вели дека парите од апанажата ќе ги донира на добротворна организација.

При неодамнешната реконструкција на Владата двајца министри – Нуредини и поранешниот министер за правда Никола Тупанчевски поднесоа оставки, како и замениците министри за здравство и за правда Александар Рендевски и Агим Нухиу. Нухиу сега е заменик министер во ресорот образование.

Тројца министри и тоа за здравство, информатичко општество и администрација и за дијаспора, Беким Сали, Адмирим Алити и Џемаил Чупи беа разрешени, а Собранието разреши и тројца заменици министри и тоа Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу.

Ако до објавувањето во „Службен весник“ на одлуката на Уставен суд – апанажа да не следува за функционерите кои дале оставка или биле разрешени пред истекот на мандатот, некои од функционерите не побараат паричен надоместок, тогаш од вкупно девет кои беа сменети при реконструкцијата, само еден ќе добива панажа.

Георгиевска вели дека утрово се информирала дека одлуката на Уставен суд се` уште не е објавена во „Службен весник“.

Ексминистерот Нуредини пак, ни изјави:

„Побарав апанажа, но парите кои ми следуваат ќе ги донирам на добротворна организација, бидејќи за жал во Македонија има многу на кои им треба помош. По оставката од министерската функција се уште не сум одлучил каде ќе го продолжам мојот професионален ангажман. Сега извесен период ќе се посветам на семејството“, ни изјави Нуредини.

На ексминистерот му следува да прима една година апанажа, бидејќи функцијата ја извршува од 2019 година.

Нуредини на предлог на лидерот на ДУИ Али Ахмети беше министер и во Владата на Зоран Заев и во актуелната на Димитар Ковачевски. Нуредини на министерската позиција за животна средина во 2019 година дојде од Австрија, каде работел како директор на финансиска фирма во Виена. Тој е банкар од Виена, син на австрискиот бизнисмен Аки Нуредини и зет на академикот Абдулменаф Беџети. Неговиот татко е сопственик на ресторанот „Соле“ во Виена, а потеклото му е од тетовското село Камењане.

Нуредини ја изградил својата кариера во областа на финансиите во Лондон и Виена, најпрво како аналитичар, а потоа и како инвестициски менаџер за пазарите во Централна и Источна Европа.

Впечатливо беше дека Нуредини кога стана министер во Владата на Заев не зборуваше македонски јазик, а тешко комуницираше и на албански јазик, па прес конференциите и јавните настапи ги држеше на англиски јазик. Тој во време на министерувањето го научи македонскиот јазик.

Уставниот суд минатата недела го укина членот 22 од Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани функционери. Членот 22, кој е укинат, предвидуваше функционерите, пратениците и раководните лица што дале оставка или биле предвреме разрешени од функцијата, да ги имаат истите права како и сите други функционери, во тие рамки и правото на апанажа.

Законот за плата и другите надоместоци на пратеници во Собранието и другите избрани и именувани лица предвидува пратеник и други функционери да може да остваруваат плата и по престанувањето на мандатот за време до една година, и тоа: три месеци ако мандатот на функционерот траел до шест месеци, шест месеци доколку мандатот траел од шест месеци и еден ден до 12 месеци, девет месеци ако мандатот траел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци, и 12 месеци ако мандатот на функционерот траел 24 месеци и еден ден и повеќе. Надоместокот е во висина на платата што ја примал функционерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот