Само 46 онколози ги лекуваат болните од рак во Македонија – дисперзијата е невозможна мисија

Онкологија /Фото: / ''Слободен печат''/ Слободан Ѓуриќ

Новиот директор на Клиниката за онкологија доктор Игор Стојковски заедно со вработени од клиниката, денеска им предочуваа на министерот за здравство Арбен Таравари и на директорот на ФЗОМ Сашо Клековски дека очајно кубурат со кадар. Додека се движеше во болничките ходници, Таравари го застануваа пациенти да му кажат дека 4 месеци после операција биле без терапија.

– Треба нешто да преземете за тоа – му рече еден од пациентите на министерот на поминување.

Таравари беше да ја посети дневната болница. Таму има 50 кревети за примање хемотерапија, а може да се случи и по 400 луѓе да чекаат да примат терапија во еден ден. Во просек има по 500 пациенти на ден кои влегуваат во дневната амбуланта. Поради ова, директорот Стојковски направил сменско работење на дневната болница.

Таа сега работи до 20 часот навечер наместо до 15 часот. Но, состојбата со кадарот е алармантна. Во цела Македонија има само 46 онколози од кои дел се во приватните болници.

Нема профункционирано онколошкото одделение во ГОБ „8 Септември“ поради немање кадар и алоцирани пари за лекови.

Вработените го сардисаа Таравари со информации за кадарот што недостасува на Клиниката за онкологија.

Дневната болница работи со само четири-пет медицински сестри. Петнаесетина сестри заминале во странство и најголемиот проблем со организирањето на дневната болница на Клиниката за онкологија е тоа што нема персонал.

И радиолошките технолози му кажаа на Таравари дека платата им е 36 илјади денари и дека оваа специјализација е атрактивна за „извоз“ во Германија, каде што платите се четири и пол илјади евра. Во Германија македонската диплома се нострифицира без преполагање испити, што уште повеќе им олеснува на радиолошките технолози да заминуваат таму.

Има 21 радиолошки технолог на Клиниката за онкологија со фреквенција од 200 пациенти дневно кои доаѓаат на радиотерапија. Освен тоа, огромен дел од радиолошките технолози имаат над 55 години, што значи дека државата мора да почне да развива стратегија да создаде кадар за кога тие ќе заминат во пензија.

– Во моментов имаме исклучено една смена на еден апарат, зашто немаме персонал – истакна радиолошки технолог при средбата со Таравари.

На Онкологија има седум физичари,  а светските препораки се да бидат над 20.

– Низ мои раце поминале десетина физичари кои сакале да останат тука, ама не сме им дале можност. Учеле и си оделе. Имаме две физичарки на договор за дело, но нив им треба две години обука за да се вклучат во работниот процес. Тоа се главните проблеми – му беше кажано на министерот од вработениот физичар на Клиниката.

Вработените му кажаа на Таравари дека КАТО системот не им треба иако е платен од државни пари, а Таравари и Клековски не го оспоруваа ова излагање. Системот од 2017 година е изваден од употреба а со него се оневозможува манипулација со дозата на терапијата, и впрочем, се следи лекот од влезот во болницата до излезот кај пациентот.  Претходникот на Таравари, Фатмир Меџити распиша тендер за системот да се стави во употреба, ама Илир Демири го раскина. За системот „Слободен печат“ детално информираше.

Таравари истакна дека ќе подготви специјален извештај со кој на владина седница ќе бара итни вработувања на Клиниката за онкологија, а ќе бара чаре и како да ги активира амбулантите во Тетово, Битола и во ГОБ „8 Септември“.

 – Имам информација дека нема повеќе од 50 онколози во целата држава, што е мала бројка. Истото важи и за патолозите. Веројатно ќе треба да се направи мораториум за одредени специјализации и да им дадеме предност или да ги мотивираме докторите да специјализираат онкологија или патологија – изјави Таравари.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот