Само 1 процент од отпадот се рециклира, а фирмите увезуваат отпад

pixabay

Во Македонија во 2019 година се собрани 632 илјади тони комунален отпад. Од него, 9.100 тони, или 1,4 проценти, е пластичен отпад, од целиот собран комунален отпад се рециклираат само 1 процент, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија: „Ефикасно третирање и справување со пластичен отпад“.

Во Македонија има фирми што се занимаваат со рециклирање на пластичниот отпад, но тие немаат доволна суровина за рециклирање од домашниот пазар, па увезуваат отпад.

– Количината на собраниот селектиран пластичен отпад во однос на вкупниот собран отпад во една година е незначителна. Правните лица што вршат третман и преработка за да постигнат ефикасно работење на своите капацитети увезуваат отпад, а по извршени операции за негов третман и преработка најчесто го извезуваат на меѓународниот пазар, пишува во Извештајот.

Ревизорите забележуваат дека е доведена во прашање профитабилноста на компаниите што рециклираат пластика поради падот на цената на таканаречената нова пластика и намалување на побарувачката за рециклираната пластика на меѓународниот пазар, како и високата откупна цена на пластичниот отпад на националниот пазар.

Од ревизорскиот извештај може да се заклучи дека граѓаните немаат навика да го селектираат отпадот, но и дека нема доволно јавни садови за селектираниот отпад, а јавните комунални претпријатија, пак, немаат доволно специјализирани возила за транспорт на селектиран отпад.

– Политиките, мерките и активностите преземени од надлежните институции за воспоставување интегриран систем за управување со пластичен отпад не се ефективни и не овозможуваат избегнување и намалување на количеството на создаден пластичен отпад, ефикасно искористување на употребливите состојки на отпадот и целосно почитување на начелата за управување со отпад, пишува во Извештајот.

Илјадници граѓани собираат отпад

Во однос на неформалниот сектор, во Извештајот се вели дека во собирањето отпад се вклучени неколку илјади граѓани, меѓу кои и деца.

– Од содржината на студијата за Вклучување на неформалниот сектор во одржлив систем за управување на отпадот како можност за вработување и за социјално вклучување на ранливите групи’, дојдовме до сознанија дека во постојниот систем, неформалните собирачи на отпад во РСМ се поактивни и поефикасни во активностите за собирање, селектирање и искористување на отпадот како ресурс, во споредба со формалниот сектор, се вели во Извештајот.

Податоците од Извештајот покажуваат дека секторот што се занимава со отпадот не е мал. Само во 2019 година се издадени 37 дозволи за вршење дејност собирање и транспорт на комунален отпад и на други видови неопасен отпад, 35 дозволи за собирање транспорт и/или преработка на отпад и 210 дозволи во дејноста увоз, извоз и транспорт на отпадот.

Сите фирми не склучиле договор за отпадот

Во однос на компаниите, сите оние што произведуваат или што увезуваат производи, а кои се спакувани, треба да имаат склучено договори со „колективни постапувачи“, затоа што според регулативата, тој што загадува, тој и плаќа. Но, ревизорите откриле дека сите фирми немаат склучено такви договори.

Бројот на производители/увозници кои склучиле договор со колективните постапувачи изнесува 1.583 во 2018 година, 1.493 во 2018 година и 1.627 во 2019 година. Од укажувањата од колективните постапувачи, нивниот број е значително поголем, поради што вака воспоставениот систем не обезбедува почитување на начелата „одговорност на произведувачот“ и „загадувачот плаќа“.

Според податоците на Евростат, во Македонија еден жител во 2018 година создал 301 килограм отпад. Најмногу отпад создала Данска, 814 килограми по жител, а најмалку Косово – 226 килограми по жител. Државниот завод за ревизија, пак, забележува дека при правењето на пресметките за оваа табела на Евростат, за Македонија е земен износот на вкупно собраниот отпад, а не процената за вкупно создадениот отпад, па како што вели ревизорот, правилен податок е дека во 2018 година еден граѓанин на Македонија создал 412 килограми комунален отпад.

Се давале пари за хонорари, иако не смеело

По 98 милиони денари се издвојувале во Програмата за инвестирање во животната средина во последните 3 години. Околу 4 проценти од овие пари оделе за проекти и активности поврзани со отпадот и тие пари најчесто биле наменети за подигнување на јавната свест на граѓаните, за едукации и обуки и за поттикнување истражувачки студии за отпад.

– Иако во Програмата е наведено дека средствата не смеат да бидат искористени за покривање плати на вработени, сепак на име хонорари на проект-координатори/асистенти на проекти потрошени се 36 проценти во 2019 година, 54 проценти во 2018 и 43 проценти во 2017 година од вкупно доделените средства за отпад, пишува во Извештајот.

Од ЕУ ќе имаме речиси 40 милиони евра за проекти за животна средина

Во рамките на европскиот инструмент за претпристапна помош ИПА1, за периодот од 2013 до 2016 година, за проекти поврзани со управување со отпадот се склучени договори за 7,3 милиони евра. Најголем дел од парите, 6,3 милиони евра, се за регионални планови за управување со отпадот во државата. Плановите се изготвени, но како што велат ревизорите, не се формирани регионалните центри за управување со отпадот.

Во ИПА2 има Акциска програма на РСМ за животна средина и климатско делување и планираната финансиска поддршка изнесува речиси 40 милиони евра. Еден дел од парите, потенцира Државниот завод за ревизија, е за управување со отпадот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот