Сакате да живеете до 100 години? Експертите ги препорачуваат овие четири навики

Фото: Pexels / Andrea Piacquadio

Бројот на стогодишници ширум светот се зголеми од 151.000 во 2000 година на 573.000 во 2021 година. Луѓето живеат подолго и се очекува во наредниот период уште повеќе да се зголеми бројот на оние кои ја „поминуваат“ стотата година.

Стогодишниците се пример за успешно, квалитетно стареење, тие често имаат помалку хронични болести и ја одржуваат независноста во секојдневниот живот до своите деведесетти. Додека генетиката придонесува за долговечноста, модифицираните фактори се одговорни за повеќе од 60 проценти од „успешното“ стареење, пишува „Саенс алерт“.

Но, кои фактори особено придонесуваат за доживување сто години? Увид во начинот на живот и здравствените навики на стогодишниците и скоро стогодишниците (оние на возраст од 95 до 99 години) ширум светот може да даде одговори.

Неодамнешниот преглед опфати 34 набљудувачки студии објавени од 2000 година.

Следи преглед на четири клучни фактори кои епидемиологот Заоли Даи Кеплер од Факултетот за фармација на Универзитетот во Сиднеј и Пермајндер Сачду, професор по невропсихијатрија, од Центарот за здраво стареење на мозокот на истиот универзитет , откриле дека придонесуваат за долговечноста.

Разновидна исхрана со контролиран внес на сол

Стогодишниците и скоро стогодишниците обично имаат урамнотежена и разновидна исхрана. Истражувачите од Универзитетот во Сиднеј откриле дека, во просек, консумирале помеѓу 57 и 65 отсто од нивните калории од јаглени хидрати, 12 до 32 отсто од протеини и 27 до 31 отсто од масти.

Нивната исхрана вклучува основна храна (како ориз и пченица), овошје, зеленчук и храна богата со протеини како живина, риба и мешунки, со умерена потрошувачка на црвено месо.

Овој начин на исхрана, слично на медитеранската исхрана, е поврзан со помал ризик од нарушена физичка функција и смрт.

Преферираниот внес на сол е во рамките на препораките на Светската здравствена организација за помалку од два грама натриум дневно (што одговара на количина од околу пет грама сол).

Научниците од Австралија открија дека луѓето со поголем внес на сол (оние кои претпочитаат солена храна или додаваат дополнителна сол во оброците) имаат 3,6 пати поголем ризик од оштетување на некои физички функции во споредба со оние кои не претпочитаат сол.

Практично, овие наоди сугерираат дека треба да вклучиме многу интегрални житарки, коренест зеленчук, грав, мешунки, овошје и зеленчук во нашата исхрана, да ја минимизираме потрошувачката на црвено месо и да се одлучиме за посна живина, риба и растителни протеини и да ја ограничиме солта во нашата храна.

Помала употреба на лекови

Стогодишниците не се ослободени од хронични болести, но тие обично ги развиваат многу подоцна од просечниот возрасен. Повеќе од половина од луѓето во студијата на истражувачите од Сиднеј имале вообичаени проблеми како хипертензија (висок крвен притисок), деменција или некое когнитивно оштетување.

Тие откриле дека луѓето кои учествувале во студијата земале во просек 4,6 лекови. Најчесто користени лекови се лекови за крвен притисок и оние за срцеви заболувања. Луѓето кои не се стогодишници земале во просек по 6,7 лекови.

Полифармацијата често се дефинира како земање пет или повеќе лекови во исто време и е честа појава кај постарите лица. Несоодветната полифармација е поврзана со зголемен ризик од несакани ефекти како што се паѓање, когнитивно оштетување, па дури и хоспитализација поради несакани интеракции со лекови.

Иако видот или бројот на препишаните лекови можеби не е под контрола на пациентот, важно е лекарите да препишуваат лекови само кога е потребно, целосно да ги информираат пациентите за придобивките и ризиците и редовно да ги ревидираат, доколку е потребно, плановите за лекување.

Добар сон

Квалитетот и квантитетот на спиењето влијаат на имунолошкиот систем, хормоните на стрес и кардиометаболните функции, а со тоа и на појавата на дебелина, висок крвен притисок и дијабетес. Добриот сон е поврзан со старост, добро здравје и помал ризик од хронични болести.

Во анализата спроведена од Кепелр и Сачду, 68 отсто од стогодишниците биле задоволни со квалитетот на својот сон. Во истражувањето за задоволство од сонот кај возрасните во 13 земји во 2020 година, задоволството се движело од 29 до 67 проценти.

Оптималното времетраење на спиењето е помеѓу седум и осум часа навечер. Советите за постигнување подобар сон вклучуваат одржување на редовна рутина за спиење, создавање мирна средина, редовно вежбање и управување со стресот.

Животна средина

Повеќе од 75 проценти од стогодишниците и скоро стогодишниците во истражувањето на студијата живееле во рурални области. Тоа е шема која се рефлектира во „сините зони“, области познати по нивните високи концентрации на стогодишници, како што се Окинава во Јапонија, Сардинија во Италија, полуостровот Никоја во Костарика и Икарија во Грција.

Ова може делумно да биде поврзано со врската помеѓу природата и здравјето и благосостојбата. На пример, изложеноста на зелени површини е поврзана со помал стрес, депресија, крвен притисок, дијабетес тип 2 и срцеви заболувања, што потенцијално го зголемува животниот век.

Други важни фактори

Истражувањата исто така покажуваат дека непушењето, избегнувањето алкохол или умереното пиење, физичката активност и одржувањето на социјалните врски се важни за зголемување на шансите на човекот да живее до 100 години.

Се разбира, усвојувањето на промените во животниот стил за кои се зборува во оваа статија нема да гарантира дека ќе наполните 100 години. Од друга страна, некои стогодишници имаат сомнителни здравствени навики.

Но, многу постари луѓе се стремат да усвојат поздрави животни стилови за да спречат и да управуваат со хроничните проблематични состојби, додека здравствените работници на сличен начин ја препознаваат важноста на начинот на живот.

Колку порано усвоите позитивни промени во животниот стил и поздрави навики, толку подобра позиција ќе имате за да постигнете долг и здрав живот. Да се ​​стане стогодишник е цел живот, велат научниците.

Статијата е објавена во списанието „Конврсејшн“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот