Родова (не)еднаквост: Министерствата се намножија, министерките се проретчија

Членовите на владата кај претседателката Гордана Сиљановска-Давкова/ Фото: Кабинет на претседателката

Дури ни изборот на прва жена претседател на Македонија не може да ја поправи актуелната слика за политиката во нашата држава како „машки клуб“.

Може ли Македонија да се гордее што има само три жени министерки во новата влада со 24 министерства? Или со само две градоначалнички од вкупно 81 општина. Секако не може да се гордее ниту со жените пратенички во новиот парламентарен состав, чие учество е 30 проценти. Дури ни изборот на прва жена претседател на Македонија не може да ја поправи актуелната слика за политиката во нашата држава како „машки клуб“.

Бројките кажуваат дека родовата застапеност на жените во политиката уназадува и сè уште е регулирана преку квоти само во репрезентативните политички улоги, но не и на извршните позиции.

Во март 2023 година Комисијата за еднакви можности при Собранието заклучи дека се потребни промени во Изборниот законик и поведе иницијатива за квоти со кои мажите и жените на репрезентативни позиции треба да се застапени во сооднос 50-50.

Но, наместо имплементација, оваа иницијатива сега служи само како параметар преку кој се етаблира јазот меѓу мажите и жените на извршни функции. Жените остануваат „помалку застапен род“ и на градоначалничките и на министерските функции.

Влада на РСМ / фото: Драган Митрески – Слободен печат

Владата на Мицкоски „поженска“ само од таа на Груевски

Во последните десет години оваа влада на Христијан Мицкоски има повеќе жени (3 од 24 министри или 12,5 %) само од владата на Никола Груевски (2 од 26 министри или 8 %). Во владата на Димитар Ковачевски имаше 4 жени од 21 министер (19 %), а во двете влади на Зоран Заев имаше по 4 жени во 26, односно од 20 министерства.

Иако квотите го постигнаа ефектот таму каде што беа применети, не се случи очекуваното прелевање на нивниот ефект и во другите области на политичкото делување. Така на последните локални избори во земјава од вкупно 301 кандидат за градоначалници, само 25 беа жени, а само две од нив успеаја да победат, податок што е поразителен и го покажува недостигот на политичка волја за вклучување на жените во политичкиот живот. Особено во земја во која соодносот на машката и женската популација е близу 50-50.

Во март 2023 година Комисијата за еднакви можности при Собранието заклучи дека се потребни промени во Изборниот законик и поведе иницијатива за квоти со кои мажите и жените на репрезентативни позиции треба да се застапени во сооднос 50-50.

– Заклучоците од седницата на Комисијата беа доставени до тогашниот премиер и претседател на државата. За жал, до овој момент иницијативата не е адресирана и во Изборниот законик не се внесени квоти за жени на извршни позиции, ниту, пак, се ревидирани квотите за репрезентативните позиции, вели за „Слободен печат“ Ана Бојчевска-Митревска, истражувачка во „Реактор“ – истражување од акција, и додава дека како и претходно и во новоформираната влада, гледаме одржување тренд на исклучување на жените од извршната власт.

Наодите на истражувањето на „Реактор“ за учеството на жените во политиката, покажуваат дека е поголема веројатноста жените да изразат повисоки политички амбиции за политичко учество на позиции каде што квотите обезбедуваат нивна застапеност, а тоа се советничките и пратеничките позиции, во споредба со нивните машки колеги.
Ова значи дека жените имаат поголеми аспирации онаму каде што им е посигурно учеството и е во склад со други наоди од истото истражување кои укажуваат дека е поголема веројатноста мажите да добијат целосна поддршка од партијата во која членуваат во споредба со жените.

Родов јаз во самодовербата

Бојчевска-Митревска коментира дека оваа разлика во добиената поддршка може да се должи на повеќе фактори, вклучително и стереотипните размислувања за женските лидерски способности или разликите на видот на прашањата што мажите и жените ги приоретизираат за време на предизборната кампања. Дополнително, постојат индикации дека како резултат на немањето пристап до политички мрежи и ресурси, како и поради разни дискриминаторски ставови и практики, жените се соочуваат со повеќе пречки кон напредокот во рамките на нивните партии.

– Нееднаквоста во пружената поддршка кон мажите и жените во политиката влијае врз мотивациите и амбициите на политичарките, па дури и најамбициозните меѓу нив се помалку самоуверени дека ќе успеат да стигнат до која било од посакуваните позиции во споредба со нивните машки колеги. Овој родов јаз во самодовербата е резултат на недостигот на поддршката и менторството на жените во политиката, како и општествените норми што ги обесхрабруваат жените од целење кон лидерските позиции, па мотивацијата и амбициите неизбежно се намалуваат – анализира Бојчевска-Митревска.

Родова еднаквост/ Илустрација

Во пресрет на изборите годинава во периодот од март до мај, Институтот за комуникациски студии (ИКС) изработи анализа на родово-базирани медиумски содржини „Политичарките и медиумската пристрасност“. Истражувањето покажува дека самото присуство на политичарките во медиумите е доволна основа за нивно стереотипизирање и дискриминација поврзана со традиционалните родови улоги и изгледот на жените, особено преку употребата на сензационалистичкиот јазик. Тоа, според анализата, придонесува за дефокус од клучните политички прашања, ги зајакнува ставовите за традиционалните одговорности и задачи на мажите и жените и ги одржува предрасудите за улогата на жената во јавната сфера.

Во анализата на ИКС, се нотираат и онлајн вознемирувањето, сексистичките коментари и мизогените наративи, кои негативно им влијаат на жените во политиката. На сите овие начини жените во политиката се подложни на понижувачко портретирање, кое ги зајакнува стереотипите за нив како слаби, емотивни или неспособни лидерки. Пред првиот круг од претседателските избори бевме сведоци на навреди и говор на омраза базирани на возраста, изгледот, верската припадност…, кои се реткост кога се во прашање мажите кандидати, а на своја кожа ги почувствуваа трите жени што решија да влезат во трката.

„Овие наративи не само што ги дискредитираат политичките достигнувања на жените, туку и ги обесхрабруваат другите жени да влезат во политичката арена, зацврстувајќи ја идејата дека нивното место не е во политиката. На овој начин, дигиталниот простор служи како моќна алатка за перпетуирање на штетните стереотипи и инхибиција на целосното и еднакво учество на жените во политиката“, се вели во анализата на ИКС.

Поголема толеранција за напади и критики

Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска за „Слободен печат“ вели дека со долготрајното учество во политиката, но и поради нејзиниот карактер, се помирила со тоа дека јавноста на функцијата носи и поголема толеранција за напади и критики. Но, според неа останува фактот, дека на секоја жена политичарка ѝ е многу потешко да се снајде и да се пронајде на политичката сцена, споредено со колегите политичари.

– Тоа е секогаш така бидејќи јавноста кај жените многу почесто отколку кај политичарите го перципира надворешниот изглед, говорот на телото и начин на кој се изразува. На колегите политичари им е дозволена и грешка во облекувањето и грешка во изразувањето. Колку и да се бориме на таа тема, колку и да се зголемува процентот на присуство на жената со загарантирани квоти, нема да можеме да го занемариме фактот дека односот кон политичарките сè уште не е ист. Македонија првпат доби претседателка на државата жена, што е за поздравување и исчекор напред. Се надевам дека ќе биде пример и во другите општествени сфери. Ако го земете бројот на жени лидерки на политички партии, споредено со лидерите на политичките партии, ќе видите еден нарушен сооднос. Дали се должи тоа на менталитетот, веднаш ќе кажам да, но се должи и на предрасудите што ги имаме кон жените. Жената тука се перципира во нејзината традиционална улога да биде мајка и сопруга, а дури потоа да ѝ остане време за професијата. Но пак би рекла, сè зависи од индивидуата и од личноста. Веројатно на жените им треба двојно поголем напор за да го освојат веќе освоениот простор на политиката. Мажите сметаат дека тоа е нивен простор – изјави Бендевска.

Весна Бендевска – член на КСЗД / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Таа активно учествуваше во измените на Изборниот законик кога првпат се воведоа квоти за 30-процентно учество на „помалку застапениот пол“ како што формално правно се наведуваат жените во законите.

– Кога првпат се воведоа квотите во Изборниот законик за 30-процентно учество на помалку застапениот пол, како изгледаа листите на првите следни избори? Жените беа на долниот дел на листите. Со тоа не беше испочитувана целта поради која се направи таа законска измена. Па, потоа се воведе втора измена, со која на секои 3 места требаше да се обезбеди учество на 30 проценти на помалку застапениот пол. Тогаш веќе од 2006 година имаше поинаква дискрепанција. Врв на сето тоа е последната измена, со која ако една жена замине од политика тогаш нема да ја наследи следниот кандидат на листата пријавена пред ДИК туку следната жена за да се запази тој процент. Добар е примерот што поголем број партии во своите статути го зголемуваат минималниот процент на жените од 30 на 40 проценти. Имаме партии каде што се гарантира 50 проценти учество на жените во сите внатрешни органи и на листите со кои настапуваат на избори. Тоа е добро, но суштински не менува ништо. Перцепцијата кон жената политичар, за жал, останува иста. Сакам да бидам и самокритична, ние жените мајки ќе мора да вложуваме двојно поголем напор и да ги воспитуваме своите ќерки, да им всадуваме дека се еднакви и дека за тоа треба да се борат – смета Бендевска.

Прашана дали може Македонија да биде горда што има само три министерки во влада од 24 министерства, таа одговара негативно.

Според неа, проблемот е многу посериозен отколку калкулирање со бројки и мора да се работи на едукација на децата од најмала возраст за тоа што значи еднаквоста меѓу половите.

Ана Бојчевска Митревска, истражувачка „Реактор“ истражување од акција

Истражувачката во „Реактор“ Ана Бојчевска Митревска го коментира и податокот дека само 30 отсто од новите пратеници се жени. Иако од 1994 до 2020 година има постепено зголемување на жените во парламентарната политика, пред афирмативните мерки какви што се квотите воведени во 2002 година, застапеноста на жените во Собранието беше исклучително мала. Првиот парламентарен состав (1991-1994 година) броеше 115 мажи и 5 жени. Во следниот состав (1994-1998 година) бројот на жените во Собранието опадна на 4. Од 1998 година до 2002 само 9 жени седеа во пратеничките фотелји. Оттогаш па наваму, бројот расте во секој следен парламентарен состав од 24, на 36, на 42, 43, 48 и 47 пратенички од вкупно 120 мандати.

– Квотите значително ја подобрија застапеноста на жените низ годините, но сегашниот состав и забележаниот пад на женското политичко учество во споредба со претходната влада, за жал укажуваат на регрес во полето на родовата еднаквост во политиката. Дополнително, значајно е да наведеме дека уште не сме имале жена претседателка на Собранието. Родовата еднаквост во Собранието е од клучно значење за решавање на различните потреби и на жените и на мажите во општеството и неопходно е жените и мажите да можат еднакво да влијаат врз одлуките и на алокацијата на ресурсите што ги засегаат сите граѓани – нотира таа.

Зголемувањето на бројот на жени во Собранието кои претставуваат различни групи во општеството и создавањето можности за влијание врз агендата на законодавната власт, институциите и процесите на одлучување, се суштински чекори кон оваа цел.

Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими членовите на Владата/ Фото: Кабинет на претседателката

Само декларативна поддршка

Бојчевска-Митревска објаснува дека и покрај декларативната поддршка кон женските кандидати од страна на политичките партии, донесувачите на одлуки во партиските тела најчесто се мажи што решаваат дали да поддржат жена или не, па генералното искуство на политичарките е дека жените во најголема мера се поддржани само поради системот на квоти и ретко се охрабрени да се кандидираат за извршни позиции со моќ на индивидуално одлучување.

Таа дава неколку идеи за тоа како да се постигне родовата еднаквост во политичкиот живот, за што е потребно да се исполнат повеќе услови помеѓу засегнатите страни: од клучна важност е да се сменат актуелните родови квоти. Поконкретно, потребно е да се воведат квоти за позиции во извршните гранки на власта и да се наложи пристап 50-50 за репрезентативните позиции (50 % да бидат пополнети од мажи, а 50 % од жени). Овие промени може да влијаат и на законот за политички партии, особено ако се земе предвид дека и самите политички партии се финансирани од државниот буџет. Во тој контекст, потребна е и поголема вклученост на жените во клучните извршни структури во самите политички партии, но и поголема вклученост на мажите во агендата за родова еднаквост како и насочена работа кон поддржување на оние мажи што го препознале родовиот јаз во политиката и веруваат во каузата за еднаква женска вклученост во сите општествени процеси.

За тоа каква е родовата застапеност во политиката, доволно кажуваат и заклучоците од набљудувањето на ОДИХР на претседателските и парламентарните избори годинава, кои упатуваат на „недоволна застапеност на различни избрани и именувани позиции, во комбинација со случаите на притисоци и онлајн-напади врз политичарки, што значи и недоволни напори на властите и политичките партии да се справат со трајните родови стереотипи што го попречуваат учеството на жените во политиката“.

Каква е ситуацијата во регионот

Кога се говори за составот на владите во регионот, Албанија е далеку пред сите други земји со 10 жени министерки во владата која има 17 министерства што претставува високи 58 проценти. Во Словенија процентот на жени во владата е 41 отсто, односно од вкупно 17 жени раководат со 7 ресори.

Српската влада има 10 министерки од 31 ресор или 32 проценти, а во актуелната бугарска влада од 18 министри 4 или 22 % се жени. Потоа следуваат Грција со 4 министерки (19 %) од 21 член на владата и Црна Гора со 4 министерки од вкупно 22 члена на владата или 18 отсто.

На дното на списокот и единствена зад Македонија е Хрватска каде што од 18 министри само 2 (11 %) се жени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот