Родители антиваксери им се закануваат на педијатрите дека ќе ги сменат, ако не им дадат „потврда дека детето не може да се вакцинира“

Вакцинирање на деца
Фото: EPA-EFE/MASSIMO PERCOSSI

Родителите кои се противат нивните деца да бидат вакцинирани, најчесто во ординациите на матичните педијатри влегуваат и бараат потврда дека нивните деца „не смее да бидат вакцинирани“, а ако педијатарот не им даде, тогаш се закануваат дека ќе го променат и ќе најдат нов. Вакво е искуството на доктор Лилјана Којиќ, која вели дека најчесто успева со аргументиран разговор да го промени ставот на родителите и да им ги претстави позитивните аспекти на детската вакцинација кои се многубројни.

Стравот на родителите потекнува од неинформираноста за вакцините, но и од студијата на докторот кој остана без лиценца, Ендру Вејкфилд. Тој изработи контроверзна студија со огромни штети, која беше повлечена поради неточност, а во која тврдеше дека вакцините предизвикуваат аутизам. На прашањето дали во својата медицинска пракса доктор Којиќ сретнала деца кои имаат аутизам а не се вакцинирани, таа одговори потврдно.

-Имав 11 пациенти кои се наоѓаат на аутистичниот спектар, а не се вакцинирани, изјави таа на брифингот на тема МРП вакцина.

Доктор Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести, се согласува дека базирано на медицината базирана на докази, не постои ниеден релевантен доказ според кој вакцините предизвикуваат аутизам. Стравот од ова потекнува од дезинформации.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани, истакна дека живеела во делови од светот каде мајките одат 20 километри пеш за да стигнат до пункт за имунизација, додека во Македонија и покрај достапноста на МРП вакцината вакциналниот опфат не е на посакуваното ниво. Таа потенцираше дека во Куманово опфатот со МРП вакцина (против морбили, рубеола и паротит) е 40 проценти, далеку под посакувани 95 проценти.

-Вакцината МРП е најважна за имунизацијата на децата, зашто морбилите се најзаразен вирус. Опфатот треба да биде 95 отсто за да се постигне колективен имунитет. Кај нас на национално ниво опфатот е 70 проценти и има намалување. Куманово има 40 отсто што е многу пониско од очекуваниот процент. Ако децата добијат морбили, тие се во ризик од сериозна болест, можни проблеми со плодноста, други болести, па дури и смрт. Затоа е потребна вакцинацијата, истакна Ди Џовани.

Доктор Кристина Ставридис објаснува дека морбилите се респираторно заболување кое најчесто се јавува во детската возраст, а може да доведе до тешки компликации дури и смрт.

-Најсериозните компликации се пневмонија и воспаление на мозокот. Најголем е ризикот за децата помлади од 5 години, но и лицата кои се имунокомпромитирани како и бремените жени, додаде докторката.

Ставридис посочи дека во државата има опфат од 70 отсто за прва, и 89 отсто за втора доза со МРП вакцина.

-Овој опфат за втора доза, ни покажува дека родителите ја одложуваат вакцинацијата. Низок е опфатот во последните две години и кај нас и во светот (74 отсто за втора доза), со што се соочуваме со зголемен ризик од појава на епидемија. Од почетокот на декември веќе во Романија има епидемија на мали сипаници, со над 1.800 регистрирани случаи кај деца од кои најголемиот дел се до 9 години и главно се невакцинирани, рече Ставридис.

Оние родители што се плашат да ги вакцинираат децата поради тоа што се алергични на јајце, треба да се консултираат со Одделот за имунологија кој се наоѓа на Клиниката за детски болести.

Најдобар начин за превенција на мали сипаници, рубеола и заразни заушки е вакцинација со МРП вакцина. Вакцината е безбедна и ефикасна, а за да се постигне максимална заштита потребни се две дози. Согласно календарот за вакцинација во Македонијаа, првата доза се дава кога детето ќе наполни 12 месеци, а втората доза се дава на возраст од 6 години, односно при започнување на основно образование.

Последната епидемија на мали сипаници во земјава беше во 2019 година со вкупно 1901 заболено лице. Над 80.5 проценти од заболените лица во епидемијата беа невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Епидемијата заврши како резултат на интензивна вакцинална кампања со МРП вакцина со која беа опфатени над 44 илјади деца на возраст до 14 години. Таа година опфатот со МРП вакцина надмина 93 проценти и за прва и за втора доза.  Но веќе следната година со ковид пандемијата, опфатот се намалува на 63 проценти за прва доза и 68 проценти за втора доза.

Вакцината против мали сипаници е воведена во 1963 година. Според СЗО, пред воведувањето на вакцината поголеми епидемии се случувале приближно на секои две до три години и предизвикувале околу 2.6 милиони смртни случаи, секоја година. Се проценува дека вакцинацијата против мали сипаници спречила 56 милиони смртни случаи во периодот од 2000 до 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот