РЕВИЗОРИТЕ ОТКРИВААТ: ЕСМ дал милиони евра за проекти што се започнати и до никаде не стигнале

АД ЕСМ / МИА

Во периодот од 2011 до 2020 година Електростопанство на Македонија (ЕСМ) инвестирало во проекти 21,5 милиони евра, а проектите останале незавршени и набавената опрема фаќа прашина. Ова го констатирал Државниот завод за ревизија. Овие проекти се однесуваат на: имплементирање Интегриран компјутерски систем, опрема за подобрување на телекомуникациите и вмрежување, систем за следење на движење на јаглен, изградба на брана и акумулација на ХЕ Бошков Мост, подготовка на предлог-проект за Луково Поле, изградба на деловната заграда на ЕСМ и расходи за консултантски услуги и физибилити студии за проекти што не се реализирани.

Во секој од овие проекти може да се откријат многу недоследности и неодговорност. Колку за илустрација, еве ја „приказната“ за опремата за подобрување на вмрежување за телекомуникациска опрема. Во 2014 година склучен е договор, а потоа од 2015 година до 2020 година, дури 8 анекси!

„Врз основа на доставената документација за статусот на реализацијата на договорот од јуни 2020 година, вкупната вредност на договорите и анексите изнесува 10 милиони евра, без вклучен ДДВ. Договорот требало да биде реализиран најдоцна до ноември 2015 година, а со последниот Анекс бр. 8 од ноември 2020 година, неговото времетраење е продолжено до целосно реализирање, но не подоцна од 30 ноември 2020 година. Договорот не е реализиран целосно, а опремата е евидентирана на сметката материјали во подготовка во износ од 541 милион денари“, пишува во Извештајот.

Ревизорите утврдиле дека за 10 години не е реализирана и модернизацијата на РЕК Битола 1, а  се направени трошоци од 21 милион евра.

„Најголем дел од расходите, или 55 проценти, претставуваат адвокатски трошоци за застапување во арбитражна постапка и трошоци што произлегуваат од изгубената постапка, за кои АД ЕСМ Скопје нема признаено резервирање. Дополнително, 39 проценти од расходите се врз основа на исплатен аванс и повлечени кредитни средства за осигурување на кредитот и 6 проценти платената провизија за неповлечени, а одобрени средства од кредитна линија за финансирање на овој проект“, забележа ревизорот.

Во Извештајот на Државниот завод за ревизија констатирано е дека и ИТ-системот е стар и дека „претставува висок ризик за нормално функционирање и може да доведе до отежнато работење.

Во однос на јавните набавки, наведено е дека „во огласот од јавниот повик за набавка на 18.000 тони мазут за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј не е побарано добавувачот да поседува документи за докажување на способноста (економска и финансиска состојба и техничка и професионална способност). Потоа за оглас за набавка на 15.200 тони мазут за РЕК Битола и за Осломеј, не е побарано добавувачот да поседува сертификат за квалитет на производот, посебно ако се има предвид дека набавувачот навел дека мазутот треба да биде од Грција, а во изјавата за сообразност на нафтените деривати, која е во прилог на фактурата, пишува дека е од Бугарија.

Конечната оценка на ДЗР е:

„Со извршената ревизија за 2020 година, изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2020 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот