Ревизорите и антикорупционерите клучни во борбата со корупцијата

Фото: Државен завод за ревизија

Две години во Собранието не е донесен Законот за државна ревизија, ниту пак државната ревизија стана уставна категорија како што бараа ревизорите.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се двете институции со најголема доверба кај граѓаните и со конкретни резултати во борбата со корупцијата и судир на интереси. Но две години во Собранието не е донесен Законот за државна ревизија, ниту пак државната ревизија стана уставна категорија како што бараа ревизорите.

Токму во тој правец може да се движи натамошната соработка на ДЗР и Собранието, а пред матичните собраниски комисии почесто може да се разгледуваат ревизорските извештаи, побара директорот на ДЗР Максим Ацевски на дебатата на тема „Парламент 2024-2028: Нови заложби во борбата против корупцијата“. Минатата година пред пратениците во екот на скандалот со цитостатиците на Онкологија се најде ревизорскиот извештај за оваа клиника.

– Конечниот ревизорски извештаи и зборните извештаи ќе бидат предмет на разгледување во соодветните комисии и ќе се воспостави пракса да се повикуваат менаџерите на одредени институции за да дадат свој одговор и свое видување зошто и на кој начин управувале со јавните средства на даночните обврзници – нагласи Ацевски.

Тој потенцираше дека се извршени 66 видови на ревизии, издадени се 100 ревизорски извештаи во коишто, постапувајќи согласно стандардите, може да се констатира дека додадената вредност на ДЗР во однос на буџетот на државата и буџетот на општините е 1 : 60, односно ако државата издвоила 1 денар, ДЗР вратил во буџетот на државата и во буџетот на општините 60 денари, а тоа според Ацевски значи дека ДЗР утврдила дека во државниот и во општинските буџети има помалку уплатени средства некаде над 8 милијарди денари, односно 140 милиони евра.

ДЗР во последните 2 години има одлична соработка со Јавното обвинителство, а минатата година од процентот на прифатени ревизорски извештаи од ЈО се зголемил на 91 процент.

– Ако како ДЗР имаме констатирано неправилности или имаме изразено сомнеж за несоодветно користење на средствата, таквите извештаи ги доставуваме до ЈО. Ако во 2021 година не можевме да добиеме информации за степенот за преземни мерки по конечните ревизорски извештаи во текот на оваа година таквите информации ги добивме за 5 дена и соработката со Јавното обвинителство е одлична. Според податоците и според мојата анализа, од вкупно доставените ревизорски извештаи степенот на прифатени конечни ревизорски извештаи за кои се преземни мерки и активности е 85%, што укажува на квалитетот на работењето на ДЗР – рече Ацевски.

Членот на ДКСК, Орхан Демири истакна дека Комисијата има потпишано меморандум за соработка со обвинителите и очекува таков документ наскоро да потпише и со судските органи, и ги повика сите институции да соработуваат со ДСКС особено во делот кога бараат податоци за нивните предмети, бидејќи со некои комуникацијта оди многу бавно, а тие имаат законски рокови.

– Многу важна е политиката на интегритет како главна алатка за секое лице кога седи некоја  функција да внимава и да ги почитува законот и Уставот особено Законот за спречување на корупција и судир на интереси бидејќи секој од нас мора да сноси одговорност, да се почитуваат сите законски прописи и буџетските пари да се трошат согласно законите за добро на граѓаните, кои очекуваат од плаќањето даноци да имаат општо добро – рече Демири.

Во однос на незаконските трошења, директорот на ДЗР укажа на незаконското дејство при јавните набавки како и пеналите кои се трошат поради нереализирани средства од странски кредити и заеми, а незавршените проекти како Клиничката болница Штип, неизградениот автопатот Кичево – Охрид, пругата кон Бугарија се типичен пример за недомаќинско работење со државната каса.

– Ако се погледне износот на незаконски користени средства исто така во континиутет износот е висок, а ако се погледнат неправилностите во доделувањето на јавни набави продолжува тој висок износ и она што сакам да истакнам во делот на изгубени средства од грантови од ЕУ и други меѓународни донатори, навистина е многу жалосно кога некој ќе ви даде одредени грантови, вие немате сили и знаење да ги реализирате таквите грантови. Според годишниот ревизорски извештај државата во претходниот период има платено милијарда и 600 милиони денари или 26 милиони евра на име казнени пенали и трошоци за неповлечени кредити и заеми. Дали ова не е активност која сериозно треба да се земе во предвид и да се преземат активности за надминување  на ваквите состојби и дали ако ова се средства од домашниот буџет ќе се однесуваат така како што се однесуваат со средствата на даночните обврзници – праша Ацевски.

За да се спречат злоупотребите во државните и јавните институции, пратеникот Љупчо Пренџов најави целосно нов Кривичен законик откако со измените во септември минатата година се смени исходот на кривичните постапки поврзани со случаи на висока корупција, се намали казните, а поголем дел од постапките беа запрени поради застарување.

-Програмата за работа на владата со која победи на изборите имаме иницирање на целосно нов кривичен законик по примерот на сродни правни системи на оној коишто го имаме ние. Мораме да обезбедиме таму и целосна заштита на судир на интереси во правосудството. Неколку примери имаме кадешто многу блиски роднини се соодветно распоредени, кој е во обвинителство, кој е во судство, кој е адвокатот, кој нотар… и имаат еден круг во кој недај боже некој да влезе, човек тешко може да излезе, а тој човек може да бидам и јас и вие и кој било во државата – рече Пренџов.

Новите реформи во оваа сфера кои треба да го поминат собранискиот филтер во наредниот период, според Пренџов ќе ја опфатат и Академијата за судии и обвинители, ќе има и дигитализација во правосудството и измени во делот на изрекување на притвор за осомничени за кривични дела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот