Ретроспективи, јубилеи и едукација се дел од програмата во текот на 2024 година во Националната галерија

Сликарот Мирослав Масин и Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија / Фотографија: Маја Аргакијева

Презентација на врвни мајстори на модерната и на современата национална уметност со ретроспективи, јубилеи и самостојни изложби, како и едукативни проекти и конзерваторски зафати се дел од програмата за 2024 година во Националната галерија.

Министерството за култура ја препознава мисијата и визијата на Националната галерија и соодветно дава поддршка за повеќе проекти од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот.

Својата општествено одговорна мисија Националната галерија ја продолжува со едукативни проекти за подигнување на свеста за сеопшто вклучување лица со аутистичен спектар на нарушувања, надминување на тешкотиите во создавањето и одржувањето на врските, задржување на работата и извршувањето на секојдневните задачи.

Имено, во објектот Чифте амам, во април ќе биде презентирана изложба по повод 140-годишнината од првото издание на книгата „Авантурите на Пинокио – Приказна за куклата“ од Карло Колоди, најпреведуваната италијанска книга во светот. Во соработка со Италијанската амбасада, изложбата на Музејот за дизајн АДИ од Милано пред македонската публика ќе го претстави дизајнерскиот проект „Најдрагиот Пинокио, италијанските графички дизајнери ја редизајнираат најпознатата кукла на светот“, курирана од Џулио Јакети. Едукатор во проектот е Маја Димитрова.

Мајската програма во Националната галерија ќе ги опфати ретроспективната изложба на Драган Верговски Алпи, кој досега немал пообемно претставување на неговото творештво на овие простори, самостојната изложба на Мирослав Масин, како еден од најзначајните проекти што ќе биде реализиран оваа година, а планирана е презентација и на документарно-акцискиот еколошки проект „Бостание“, како и отворањето на 15. Младински пролетен салон, кој ќе биде со тема „Мал формат“, а едукатор е Ацо Таневски.

Томо Владимирски – „Пејзаж од Прага“ (1933)

Во рамките на програмата за 2024-та во август ќе биде организирана изложба по повод јубилејот 120 години од раѓањето на Томо Владимирски (1904-1971). Владимирски бил македонски сликар, сценограф и еден од основоположниците на модерното македонско сликарство, кој првите сликарски поуки ги добил од својот учител, зографот Димитар Андонов Папрадишки.

Септемвриската програма ќе биде отворена со ретроспективна изложба на Златко Трајковски Хинки, по која ќе следува интердисциплинарниот истражувачки проект „На работ“ на Гоце Наневски во соработка со Доријан Миловановиќ. Во септември ќе се одржи и јубилејна изложба по повод 120 години од раѓањето на Вангел Коџоман.

Дело од Вангел Коџоман

Ретроспективна изложба на Беди Ибрахим ќе ја отвори програмата во октомври, а во текот на месецот ќе бидат поставени и Годишната изложба на основни училишта, самостојната изложба „Сенки“ на Емил Шулајковски и јубилејната изложба по повод 100 години од раѓањето на Ристо Лозаноски (1923-2023).

Во ноември ќе бидат поставени изложбите „Parodia Divina“ на Страхил Петровски, jубилејната изложба по повод 90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934-2024), како и јубилејната изложба 30 години творештво на Башким Меџити. За декември е планирана самостојната изложба „Метаморфоза 2“ на Љуљзиме Лека – Мулаку.

Дело од Ристо Лозаноски

Меѓу проектите од областа на музејската дејност и заштитата на нематеријалното културно наследство за 2024 се надополнувањето на Колекцијата на Националната галерија со откупи на дела од Илија Аџиевски, Душан Перчинков и Газанфер Бајрам.

Нови проекти и проекти за заштита на културното наследство што се реализираат во континуитет се конзерваторските истражувања и изработка на проект за конзервација и реставрација на библиотечното движно културно наследство од „Спомен-куќата на Лазар Личеноски“, конзервација и реставрација на 16 дела од Проектот за конзерваторско-реставраторските зафати врз 122 ликовни дела (слики, цртежи и акварели) од „Спомен-куќата на Лазар Личеноски“, конзервација на две загрозени дела од колекцијата на Национална галерија, конзервација на една скулптура од Петар Хаџи Бошков во „Спомен-куќата на Лазар Личеноски“, конзервација на приоритетни дела од поставката на галеријата, конзервација и реставрација на скулптурите од паркот на скулптури, како и три скулптури од поставката на Станко Павлески.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 220, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот