Ремонт на Судскиот совет: Амбасадорите да не се мешаат во внатрешните работи на државата, порача Мицкоски

Седница на судски совет / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

На премиерот Христијан Мицкоски му пречи алармот што го вклучуваат амбасадорите за состојбите во правосудството, за политичките притисоци со кои се соочува судско-обвинителската фела и тоа што нагласија дека распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители го сметаат за директно мешање во независноста на судската власт. Но Мицкоски останува на ставот од предизборието за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, доколку во меѓувреме не се изнајде подобро решение, зашто, како што вели – вака не бива.

– Некако стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата. Но во ред, и да е така, 600.000 граѓани гласаа за оваа коалиција. Очигледно тоа за нив не значи ништо, и за политиките и за програмата на оваа влада. Истовремено сите тие велат дека е катастрофална состојбата со владеењето на правото, велат во своите извештаи дека цути криминалот и корупцијата, довербата во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители е на 2-3 проценти кај граѓаните. Очигледно е дека работите не функционираат. Логично е како човек кој е рационален и конструктивен, кога ќе видите проблем да барате решение за тој проблем. Еве ние понудивме решение. Во ред, не се битни 600.000 гласа за амбасадорите, не е битна програмата на владата, еве ако тие знаат подобро решение нека дојдат и нека кажат. Подготвен сум да разговарам за истото и доколку е тоа решение, подобро веднаш да го прифатам и истото да го примениме, еднаш засекогаш да ја вратиме довербата на граѓаните во судско-обвинителските институции затоа што вака очигледно не бива. Видете кои се нови членови на Судскиот совет и се ви е јасно – порача Мицкоски од Гевгелија.

Од Министерството за правда, пак, соопштија дека тие подготвиле нацрт верзија на Законот за Судски совет за кој веќе на ЕНЕР е дадено известување за процесот на подготовка на законот.

„Откако ќе се финализира од страна на експертската група, текстот на законот ќе биде прикачен на ЕНЕР при што сите заинтересирани ќе имаат можност да дадат свои мислења и забелешки. По ова, министерот за правда Игор Филков планира да отвори широка и јавна дебата во која ќе бидат слушнати мислењата на експертската јавноста со цел да се дојде до најдобро заедничко прифатливо решение. По завршување на целиот процес текстот на законот ќе биде доставен на мислење на Европската комисија и Венецијанската комисија “, изјавија за „Слободен печат“ од Министерството за правда.

Оттаму додаваат дека министерот Филков ги поздравува изјавите на евроамбасадорот Дејвид Гир и амбасадорката на САД, Анџела Агелер изнесени во однос на статусот и функционирањето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и очекува да се интензивира соработката во периодот кој претстои.

Европската Унија преку Оценската мисија веќе ги кажа своите конкретни забелешки за работата на Судскиот совет и тие, според академик Владо Камбовски кој раководи со Работната група за реформи во судството при Министерството за правда веќе се вклучени во новите измени на Законот за Судски совет и предупреди дека разрешувањето на ова уставно тело не е добро решение.

– Законот обезбедува механизми како може, не само самото Собрание, туку и други иницијатори на таа постапка да доведат до одговорност и разрешување на член на Судскиот совет за разлика од еден период кога фактички имавме еден неверојатен имунитет на членовите на Судскиот совет. Тоа беше тело кое не одговараше пред никого и де факто и процедурите на покренување на постапки, иницијативи за утврдување на одговорност и разрешување не беа законски добро уредени. По мое мислење, затоа треба да се оди по тој пат, да не се пребрзува со некои такви решенија. Се сеќавате дека на почетокот на онаа претходна влада имаше најава дека ќе дојде до генерален реизбор на сите судии. Лесно е да ги разрешите сите, но проблемот е после каде и како на кој начин ќе ги изберете оние кои треба да бидат на тие места – изјави Камбовски.

Вчера претседателката на Судскиот совет Весна Дамева во однос на одговорноста се заложи за лична, а не за колективна одговорност. Тоа е мислењето и на правните експерти кои се залагаат за индивидуална одговорност, која ќе биде строго и прецизно утврдена.

– Како правник пред сѐ, не ја поддржувам тезата на колективна одговорност. Сепак мојот личен став е дека треба да има индивидуална одговорност и таа да биде точно детектирана и санкционирана. Секоја одговорност има име и презиме, нека се детектира и секој нека си сноси индивидуална санкција, ако нешто сторил противзаконски, го нарушил угледот и интегритетот на Судскиот совет, донел одлука под влијание на разни емоции и слично – рече Дамева.

Ставот за индивидуална, а не колективна одговорност го делат и правниците вклучени во Работната група при Министерството за правда со напомена дека таа треба да биде строго и прецизно утврдена. Премиерот Мицкоски, исто така се заложи за посочување со име и презиме на одговорните и ги повика и амбасадорите и експертите да помогнат да се најде најдобро законско решение.

– Сите бевме сведоци на сите оние драмолетки коишто се случуваа изминатиов период, а поврзани со Судскиот совет, со Советот на јавни обвинители. Еве во ред, јас сум подготвен, секој оној што има подобра идеја, и експертската јавност ја повикувам и амбасадорите да дојдат и да кажат како треба, само да не биде како досега, затоа што видовме што значи тоа како досега. Монтирани случаи, политички нарачки, луѓе коишто се жртви на прогон, луѓе коишто од криминалци стануваат чесни граѓани, ете таква е моменталната состојба во обвинителството и во судството. Точно е тоа дека вината треба да има име и презиме. Ајде заедно да ги лоцираме кои се тие што имаат име и презиме. Еве видовме како врховен судија добива мито и како да имаат граѓаните доверба во институциите? Еве јас сум подготвен. Цел ден да седиме, да се затвориме и да работиме додека не најдеме решение како да биде подобро само да не биде како досега затоа што како досега не е добро – рече Мицкоски.

Правните експерти вчера, дискутирајќи за измените во Кривичниот законик од септември 2023 година кои тогашното раководство во Министерство за правда ги подготви без консултации со експертската јавност апелираа вакви клучни закони да не се носат без да се чуе мислењето на експертите од правната сфера како најкомпетенти и најповикани. Токму тие измени во Кривичниот законик составени во политичките кујни штетно влијаеа врз правосудниот систем и врз исходот на кривичните постапки поврзани со случаи на висока корупција кои беа запрени поради застарување.

Истакнати правници, а не партиски војници

Според академик Владо Камбовски, фокусот на новите измени во Законот за Судски совет треба да се насочи во рамки на оние предложени решенија за зајакнување на одговорноста на членовите и процедурите предвидени за обезбедување на, до крај објективизирани постапки за избор на членови, транспарентност, одговорност, отчетност на работата на Судскиот совет.

– Петте члена што ќе се избираат во Собранието треба да бидат од редот на универзитетските професори по право, адвокати и други истакнати правници, што не е случај со постојниот Судски совет и второ да се избираат во постапка аналогна на изборот на членови на ДКСК. Сепак, во препораките немаше мислење дека постојниот Судски совет треба да се разреши. Исто така, треба да се изнајде механизам како да оневозможи преку овие членови на Судскиот совет кои ги избира Собранието да не дојде до активни, живи, непосредни политички или партиски влијанија врз работата на Советот – нагласи Камбовски минатата недела пред почетокот на завршната конференција на проектот „За правда – Граѓанските организации за независно и ефикасно правосудство“.

Инаку експертите од Работната група посочија дека за да се обезбеди квалитет во работата на Судскиот совет и на членовите, истакнати правници треба да се лица кои имаат во своето професионално правно портфолио посебен придонес во академско – научната дејност, во активности кои се израз на општествена одговорност, истакната легислативна активност и посветеност на развој на системот. Истакнатите правници треба да се луѓе со интегритет, познати на јавноста и во правничката фела и надвор од строго правосудната за да се чувствуваат присутно и застапено во институцијата.

Уставот предвидува членовите на Советот што ги избира Собранието на Република Македонија, односно што ги предлага претседателот на Република Северна Македонија, да се од редот на универзитетските професори по право, адвокатите и други истакнати правници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот