Рекордни 268 препишувачи на државната матура, нема закон што може да ги казни

Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

За препишувачите и оние кои дозволиле да се препишува, Јаневска вели дека нема законска одредба со која можат да бидат санкционирани, па затоа работат на законските измени со кои ќе бидат предвидени одговорностите за оние кои препишувале и оние кои дозволиле препишување

Ако минатите години се пријавувале по два до три случаи на препишување на државната матура, годинава првпат има пријави за 268 препишувачи кои за време на испитот биле затекнати со телефон. Директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Билјана Михајлова информираше дека мерката за поништување на испитот била применета во 54 училишта, а дури 32 пати во средното училиште „Арсениј Јовков“.

Повторно препишување на матурскиот испит, се споделувале тестовите по англиски јазик и математика

– Педесет и три проценти од мерките се изречени само во десет од 127 училишта, тоа значи дека во овие десет училишта матурата не се одвивала на највисоко професионално ниво – изјави Михајловска на денешната прес-конференција.

Извор: МОН

Просечната оценка на матурата оваа година е 3,25, иако е пониска од минатите години Михајлова смета дека е пообјективна.

– Оваа оценка е пониска од 3,67 што била минатата година, но ДИЦ и сите ние сметаме дека ова е многу пореална оценка. Што се однесува до мерките што ги преземавме оваа година за полагање во училишни холови и сали и прецизирање на мерките за тестаторите и набљудувачите првпат во овие 15 години од воведување на матурата имаме ситуација каде што пријавени се 268 препишувачи – заклучи директорката на ДИЦ.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Михајловска: На матурски испит само тест, пенкало и вода

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска најави дека од следната година, за да се подобри процесот на спроведување на матура, ќе почнат преговори со ДИЦ и универзитетите да се полага во амфитеатри.

– Спроведувањето во поголеми простори даде резултати, па затоа ќе почнеме преговори да ни ослободат простори, за да може да се спроведува матурата, дополнително обезбедени со блокатори за децата да не можат да ги користат комуникациските уреди, односно телефоните – изјави Јаневска.

За препишувачите и оние кои дозволиле да се препишува Јаневска вели дека нема законска одредба со која можат да бидат санкционирани, па затоа работат на законските измени со кои ќе бидат предвидени одговорностите за оние кои препишувале и оние кои дозволиле препишување.

– Законите за средно и средно стручно образование пред некој ден се повлечени од собраниска процедура и интензивно се работи во овие закони да бидат предвидени и бенефициите и одговорностите. Во овој момент немаме можност да преземеме нешто бидејќи има пропуст во овие два закони – појасни министерката.

Министерката Јаневска и директорката на ДИЦ, Михајловска/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Комисија ќе утврдува нерегуларности во текот на испитот од државната матура

Учениците кои не се задоволни од оценките во понеделник и вторник ќе можат да поднесат приговор, а учениците кои не приговараат од денеска ќе ги добијат дипломите. За учениците кои планираат да студираат во странство, министерката Јаневска вети дека ќе се потрудат резултатите да ги добиваат порано, за да имаат време да поднесат приговор ако не се задоволни од оценката.

На прашањето зошто официјално не се објавуваат тестовите и по кои критериуми се оценува, директорката на Државниот испитен центар појасни дека кога ќе ги добијат резултатите се определува колку поени се потребни за оценка.

– Стручните лица кои го работеле тестот определуваат колку е минималниот број на бодови за да се добие позитивна оценка. Потоа, статистички се распоредуваат оценките од два до пет. Сите ученици кои влегле во одреден ранг, им се определува нивниот резултат и од колку ученици е подобар – додаде таа.

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), организатор на полагањето на државната матура за двата екстерни испити, за јунската сесија се пријавиле 10.088 кандидати за испитот по македонски јазик и литература, 4.189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.

За вториот екстерен испит најмногу пријавени имаше за тестот по англиски јазик – 13.198. Математика полагале 1.356, германски јазик 114, а француски 37. Има и 84 кои одлучиле да полагаат естетика, како и по еден за предметите руски јазик и филозофија.

Според видот на образование, 6.341 матуранти се од гимназии, 8230 од стручно и 263 од уметничко образование.

Матурантите кои не положиле во јунската сесија, ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август.

Оваа година за да се намалат можностите за препишување, матура се полагаше на факултети, сали за физичко и по холовите на училиштата. Ниту новиот начин на полагање на испитите не ги спречи дел од матурантите да не препишуваат. Повторно имаше споделување на тестовите во Вибер групи.

Матура ќе се полага на факултети, сали за физичко и по холовите на училиштата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот