Регрутирање во Украина: Некој мора и тоа да го работи

Регрутација во Украина/ Фото: Sergei SUPINSKY / AFP / Profimedia

Украинската служба за регрутирање е многу непопуларна. Војници за на фронт не е лесно да се најдат, па затоа за регрутација се задолжени ветерани кои биле ранети на фронтот. Репортерот следеше како тоа изгледа во Харков.

„Добар ден, ТЗК – вашите документи, ве молам“. Олександр Кричук и неговите колеги ја кажуваат оваа реченица безброј пати во текот на денот. Тие патролираат по улиците на Харков и им приоѓаат на мажи подобни за воена служба.

Момчето коешто беше запрено има 22 години. Студентот е исто така премлад за да биде повикан во војска. Крајчук и неговите колеги му посакуваат пријатен ден.

Тие работат една од најнепопуларните работи во Украина.Вработени се во Службата за регрутирање на оваа земја (TZK). Крајчук ги крева рамениците: „Секако дека сите се плашат. Но, некој мора и ова да го работи. Ако не ние, кој ќе го направи тоа?”

Разбирање за мажите кои не сакаат да се борат

Крајчук (27) и самиот е ветеран. Тој беше тешко повреден во војната – како и неговите колеги. Тие не се способни за борба.

Колегата Максим Буршчински, поранешен полицаец, се обидува да покаже разбирање за многу Украинци кои не сакаат да се борат: „Веројатно се плашат дека веднаш ќе бидат испратени во војна ако добијат повик. Половина од повиканите прво прашуваат: „Дали ќе има обука, за да се научи барем минимумот потребен за да се преживее во борба?“, што е сосема разбирливо“.

Причината за стравот од регрутирање се бројните видеа кои кружат на интернет. Тие прикажуваат мажи во униформи како брутално апсат цивили на улица и ги вовлекуваат во автомобили. Или жени кои се обидуваат да ги заштитат своите синови или сопрузи од регрутирање.

Едно видео прикажува постара жена со шарена марама на главата. Очајнички удира со стап во автомобилот на работник на ТЗК. Има многу гнев кон Службата за регрутирање.
Не помага ниту одлуката на претседателот Володимир Зеленски да вработува повредени ветерани во Службата за регрутирање. „Можам да ги разберам луѓето, никој не сака да умре“, вели Крајчук.

„Но, тоа не е поентата. Нема да умрат. Сите што ќе бидат испратени во камповите за обука ќе бидат подготвени, ќе добијат обука за да можат да се заштитат“.

Мажите меѓусебно се предупредуваат

Зборовите на Крајчук не допираат до луѓето на улиците на Харков. Само неколку минути откако тој и неговите колеги ќе се појават, улиците наеднаш стануваат забележително празни.

Во групите на Телеграм, мажите меѓусебно се предупредуваат за патролите на ТЗК. Сега речиси само жени туркаат колички низ парковите. На клупите седат пензионери.
И многу од нив се лути, како Евгениј, кој штотуку беше запрен и контролиран. „Прво, јасно се гледа дека имам 64 години. И второ, немаат објаснување зошто патролираат овде и создаваат тензии.Веќе има доволно немир меѓу населението“, вели тој.

Волонтерите се борат против бирократијата

И Свитлана има сличен став за присилното регрутирање на улица. „Гледам негативно на тоа, бидејќи има луѓе кои доброволно се пријавуваат. Но, тогаш ги праќаат од една во друга комисија“.

Така беше и со нејзиниот брат. Волонтирал – три месеци се борел со бирократијата, го праќале од канцеларија во канцеларија пред да стигне на обука, вели Свитлана.
Според Министерството за одбрана, откако стапи на сила новиот Закон за мобилизација, околу два милиони Украинци ги ажурирале своите информации во соодветните служби.
Сепак, регрутирањето на војската сè уште е предмет на критики – има многу кои велат дека системот е неефикасен и нетранспарентен.

Извор: Дојче веле/ Автор: Ребека Барт/ АРД

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот