Разговор со славниот виолинист Стефан Миленковиќ: И понатаму ја чувствувам страста кон музиката

Фото: Слободен печат

Во пресрет на концертот во Скопје (петок, 20 септември), светски прочуениот виолинист со српско потекло Стефан Миленковиќ зборуваше за „Слободен печат“ за музиката што влијаеше врз него кога беше млад и кога не беше на сцена, за тоа што научил од соработката со Влатко Стефановски пред неколку години, но и за најголемиот успех во животот.

Пет години по настапот пред скопската публика, Стефан Миленковиќ повторно е меѓу нас. Концертно ќе настапи во Филхармонија, со фантастичниот македонски камерен оркестар „Профундис“, а под дирегентската палка на маестро Ѓурѓица Дашиќ. Вљубениците во класиката ќе уживаат во исклучително тешката програма, која ја сочинуваат делата на Чајковски, Паганини, Сен-Санс, Масне, Бацини и Сарасате.

Одличен повод за куса средба со некогаш „чудото од дете“, чиј настап во македонската престолнина повторно го враќа Скопје на регионалната карта каде што се изведува врвна класика.

Фото: Слободен печат

На посетената прес-конференција, Миленковиќ, иако одамна голема ѕвезда, кому баш и не му се потребни интервјуа, се покажа како исклучителен раскажувач, соговорник што ги следи прашањата, а меморијата која и тоа како го служи, нѐ враќа во времето коа тој вундеркинд на виолина им свиреше на Роналд Реган, Михаил Горбачов, папата Јован Павле Втори…

– Татко ми ми беше учител и ментор, па сѐ беше одлично организирано. Јас знаев дека настапувам пред некои важни луѓе, но, како на дете, многу поважно ми беше дали ќе биде убаво времето за да го возам мојот скејт – се присетува на времето кога бил дете.

Роден е во 1977 година, а на осум години веќе ја имаше својата прва плоча. Со својата божествена интерпретација, со виолината го обиколи светот, долго време живееше и во Америка, за повторно да се стационира во Србија. Последниве години од Нови Сад ги едуцира идните големи виолинисти што ги чекаат светските сцени…

Фото: Слободен печат

– Кој ми е најголемиот успех во животот?! Па, тоа што и понатаму ја чувствувам страста кон музиката. Ја сакам виолината, размислувам што е следно и сакам тој „модел“ да ги мотивира и да ги инспирира другите да успеат – вели Миленковиќ.

Уште како дете Стефан ги уриваше стереотипите на „сериозен“ музичар. Беспрекорен во својата изведба, но, палаво дете „кое го вози својот скејт“ и некој што се стреми кон врвот. Како што Ѓоковиќ ветуваше дека ќе биде „шампион на светот“… Која музика го формираше кога беше млад?

– Јас сега не слушам музика. Кога поминувате часови и часови со класична музика, на крај најмногу уживате во тишината, без никаков звук. Како дете многу ги слушав „Бијело дугме“, Бајага, „Рибља чорба“… „Дугме“ ми беа најдобар бенд и многу ги сакав нивните песни. Подоцна почнав да слушам хип-хоп, рап, а едно време и хеви-метал. Групите „Антракс“ и „Пантера“ на 16 години ми беа омилени, но, на групата „Квин“ секогаш можев да ѝ се вратам.

Тоа ‘што слушате’ било важно некогаш, за жал, не и денес. Тогаш слушавме една група, втора…, па доаѓаме до албум. Денес воопшто не знам што слушаат овие деца? Се слуша сѐ и сешто, оти таков е пристапот. На Спотифај и „Дизер“ има сѐ и сешто и тоа се слуша денес – тоа што е таму.

Фото: Слободен печат

Како некој што израснал со рокенролот, и самиот оставил трага во ексјугословенската музика од тој тип. Кон крајот на 80-тите сите ја потпевнуваа „Америка и Енглеска“, која ја сними со Рамбо Амадеус, Бора Чорба и Мица Трофртаљка. Во овој милениум се гордеевме на она што го свиреше со Влатко Стефановски, а сега со актуелниот проект „Рок ел класико“ со д-р Неле Карајлиќ…

– Тоа со Рамбо беше кога ептен бев дете. Сите тие соработки се дел од мојата личност. Тоа се исчекори што ме збогатија. Многу се учи од луѓето што толку многу дадоа во својот жанр.
Влатко Стефановски е феноменален музичар и јас се нурнав во тој свет во кој тој е мошне долго, откривајќи нов универзум. Тој универзум е фасцинантен, музички тежок, бара многу, забавен и длабок. Мене ми беше чест да го делам тој универзум со некој што него речиси и го дефинираше.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот