Разговор со рок-бендот „Културно уметнички работници“: Сѐ уште нѐ држи истата страст и радост како пред 25 години

Фотографија: Зденко Петровски

На 25 мај во денсинг-салата „25 Мај“ во МКЦ рок-бендот „Културно уметнички работници“ ќе одржи јубилеен концерт по повод 25 години активна работа на музичката сцена. Бендот планира да изведе четириесетина песни од сите периоди на групата во чест на 25 години постоење.

Нивните концерти секогаш се рокерски настроени, долгосвиречки, жестоки и истовремено забавни. Со прославата на јубилејот веројатно планираат да се надминат самите себеси. Тоа ќе може да го потврди публиката што ќе го гледа нивниот концерт на 25 мај во денсинг-салата „25 Мај“ во МКЦ.

Во групата свират и пеат Мирослав Тодоровски (вокал), Трајче Митрески (гитара, вокал), Марјан Китановски (гитара, вокал, усна армоника), Божо Вучиниќ (гитара, вокал), Владимир Стојчевски (бас-гитара) и Слободан Хаџи Илиев (тапани).

Кај нас нема многу примери на групи што успеале во ист состав да опстојат 25 години, затоа одлучивме да го претставиме феноменот на групата „Културно уметнички работници“.

Кој е рецептот една рок-група да опстои 25 години?

– Рецептот за долгогодишното опстојување на „Културно уметнички работници“ се наоѓа во љубовта кон музиката и вредната работа. Она што најмногу нѐ држи се редовните проби секој четврток. Тоа е денот што со години наназад не смее да се пропушти и ни овозможува континуитет.

Следствено, нашата дружба не се одвива само во гаража или на концерт, бидејќи комуникацијата помеѓу нас е секојдневна. Во изминатите 25 години заедно сме ги споделувале сите убави, весели, но и тажни моменти и групата за нас стана еден вид семејство и прибежиште, кое ни помага да останеме нормални во едни ненормални времиња.

Каква животна и музичка филозофија применувате во активностите / албумите и концертите на бендот?

– Не може да се каже дека имаме некоја посебна животна филозофија, работите ги правиме спонтано, но сѐ уште не држи истата страст и радост како пред 25 години. Бендот е составен од креативни личности, тука посебно би ги истакнал Трајче и Марјан, кои секогаш носат нови идеи за песни на проба, уживаме во процесот на заедничко обликување на песните и креирање нова музика и, секако, во нашата дружба. Се надеваме дека тие страст и животна радост ќе траат и сѐ додека тоа трае, ќе траат и „Работниците“.

Бендот работи 25 години во континуитет, со редовни проби, настапи и објавување нови албуми / Фотографија: Зденко Петровски

Низ какви промени, или постави, помина бендот низ годините?

– „Културно уметнички работници“ се еден од ретките бендови на македонската сцена, па можеби и пошироко во регионот, кој нема направено пауза и не сме имале прекин во делувањето, па потоа да правиме „рејунион“ и повратнички концерти. Едноставно бендот работи во континуитет, со редовни проби, редовни настапи и редовно објавување нови албуми.

За 25 години имаме објавено шест студиски, еден анплагд и сега еден концертен албум, за првпат во форма на винилна плоча. Од шест члена на бендот, пет се истите од 1999 година. Имаме неколку промени на тапанарското столче, но среќни сме што последниот тапанар – Данко, е веќе 10 години со нас и се надеваме дека нема да имаме промена на оваа позиција.

Со концертот на 25 мај ќе промовирате винилна плоча објавена по повод јубилејот. Што содржи плочата и со каква цел ја објавивте?

– На јубилејниот концерт ќе ја промовираме плочата „25 Мај“. Станува збор за концертен албум, сниман во живо на кој е направен репертоарски пресек на нашата кариера и одбрани/отсвирени се по две до три песни од сите наши студиски албуми. Името произлегува од датумот на кој е отсвирен концертот, односно 25 мај 2021 година, и истиот се одржа во „Кино Фросина“ при МКЦ, во време на ковид-пандемијата.

Концертот беше организиран согласно тогашните здравствени протоколи, за публика лимитирана на 30 отсто од капацитетот на салата, односно за 70 посетители, со максимално траење од 40 минути. Првпат свиревме концерт што не е во траење на вообичаените два часа и на кој публиката седи, што нам ни овозможи поголема фокусираност во изведбата на песните отколку кон самиот сценски настап и комуникација со публиката.

Од друга страна, лимитираното времетраење соодветствуваше со траење на ЛП плоча, така што имавме идеални, може да се рече студиски услови за снимање албум во живо. Тон-снимател на албумот е Ненад Трифуновски Трипе, миксот и мастерингот се на Дени Крстев од студиото „1060“, а издавачи се „Корпус Деликти Рекордс“ и „Кичма Рекордс“.

Насловна корица на албумот „25 Мај“

Каков концепт ќе има славеничкиот концерт?

– На славеничкиот концерт ќе настапуваме само ние, без предгрупи и други гости коишто вообичаено ги имаме на вакви настапи. Овој пат сакаме јубилејот да го прославиме така што „Културно уметнички работници“ ќе се прикажат во вистинско светло. Планот ни е да отсвириме подолг сет од вообичаено и да опфатиме четириесетина песни од сите периоди на нашата кариера. На концертот ги каниме сите наши фанови и сите љубители на квалитетен и автохтон македонски рок.

Воедно би сакале да ја искористиме оваа можност да се заблагодариме на Младинскиот културен центар, каде што го имавме нашиот прв настап во 1999 година и од тогаш сите најзначајни концерти, јубилеи и промоции сме ги имале токму таму. Тоа е институцијата што секогаш нѐ поддржувала и со која имаме беспрекорна соработка. Исто така, би сакале да спомнеме дека концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура, кое втора година по ред ги поддржува нашите активности во и вон Македонија.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 231, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.5.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот