Разговор со Ненад Георгиевски, директор на „Скопје синема сити“: Елементот на изненадување е најважен на фестивалот

Ненад Георгиевски, директор на „Скопје синема сити“ / Фотографија: Маја Аргакијева

Музичкиот новинар Ненад Георгиевски пред десет години го основаше фестивалот на музички документарни филмови „Скопје синема сити“ како платформа со која дава придонес за македонската музичка сцена, а истовремено во Скопје претставува и филмови со светски музички ѕвезди.

Фестивалот на музички документарни филмови „Скопје синема сити“ стигна до своето јубилејно десетто издание. Филмската програма ќе биде прикажана од 1 до 4 јули во Кинотеката во Скопје, а јубилејното издание беше отворено на 26 јуни со групна изложба на фотографии со гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, поставена во „Мала станица“.

Пред да го основа филмскиот фестивал, Ненад Георгиевски е познат по долгогодишната работа како музички новинар кој посетил огромен број концерти, направил интервјуа со големи музички ѕвезди, а голем дел од интервјуата ги објавил за значајни светски музички медиуми. Фестивалот на музички документарци е само последица на неговата претходна работа.

Имајќи предвид дека сам го конципираше и раководеше со фестивалот, како ти изгледаат овие десет години погледнато наназад?

– Иако ова е десетто издание на фестивалот сѐ уште не ми дошло при свест дека станува збор за еден мал јубилеј. За мене ова е повторно некое ново издание и е нова планина за искачување. Сепак, десет години не се малку… тоа што ми е важно е дека успеавме да ја одржиме оваа мултимедијална платформа што ја замислив и успеав да ја реализирам. Во изминативе десет години беа сѐ само не мирни и спокојни. Во исто време, изградивме интересна публика која доаѓа да ги види и доживее содржините што ги претставуваме. Мислам дека елементот на изненадување е најважен на фестивалот и дека тоа е тоа што успеавме да го одржиме.

Изминативе десет години беа сѐ само не мирни и спокојни / Фотографија: Стефан Рајхл

Зошто се одлучи за специфичен филмски жанр посветен на музичките документарци и какво е нивното место во пошироката филмска индустрија?

– Како што ти е познато, веќе долга низа години работам како музички новинар со активности што често ме носат далеку од Македонија. Во овие динамични и променливи времиња, многу форми на традиционалното новинарство полека исчезнуваат или други форми ги заземаат нивните места. Една од релативно новите форми на музичко новинарство се и музичките документарци. Тоа е еден аспект.

Од друга страна, како некој што режирал или бил автор на музички документарци, ова се многу забавни работи за мене. Обожувам да читам, следам, гледам сѐ во врска со музиката. Документарците од кој било вид се многу интересна уметничка форма и ви ги отвораат очите за светот во кој живеете. Од тој аспект, тие се забавен начин на доживување на светот за нас љубопитните.

Инаку, во Македонија веќе постојат многубројни филмски фестивали што се специјализирани за одредени области и ова е нешто што е препознатливо за мене. На овој начин градам свој идентитет и го насочувам фестивалот кон нови предизвици, а сепак да си остане препознатливо свој.

Фестивалот вообичаено се отвора со фотоизложба, која годинава е посветена на Влатко Стефановски. Каков предизвик беше овој настан?

– „Скопје синема сити“ го замислив како платформа што ќе ги отвори вратите за разни гранки од креативните индустрии – дизајн, фотографија, мастер класови, промоции. Мислам дека музичката фотографија кај нас, иако е популарна, сепак ретко кога е присутна во форма на изложби. Обично тие се вовед во „Скопје синема сити“. Инаку, Влатко Стефановски годинава слави 50 години од својата кариера и се одлучив дека групна изложба со фотографии би дала еден мал увид во тој негов опус и случувања. Ова е втора изложба со него, но таа првата пред неколку години беше со концертни плакати. Изложбата е трибјут каде што секој од учесниците дава свое видување за дел од концертите што ги фотографирале или меморабилијата што одбележала некои настани или изданија сѐ со цел да се видат трагите што некој ги оставил зад себе.

Самата изложба има околу 170 фотографии и многубројна меморабилија, вклучувајќи и ретка презентација на музичките звучници кои тој ги дизајнирал со „Теохаров аудио“. Предизвикот со подготовката на изложбата е во немањето поддршка од институциите кои обично даваат поддршка за вакви настани, а и во немањето соодветна логистика. Меѓутоа, со многу труд и љубов, и со добри пријатели се надминуваат овие препреки.

Влатко Стефановски и Ненад Георгиевски во „Мала станица“

Со каков фокус и програма ќе се одржи јубилејното издание на „Скопје синема сити“?

– Фокусот на фестивалот секогаш е насочен кон разновидност со убави искуства и забава, како и кон едукација. Фестивалот секогаш гледа да биде шарен и интересен. Оваа година го отвораме со филмот „Карлос“ за гитаристот Сантана. Потоа следат филмови за џезерот Чет Бејкер и панкерот Џо Страмер.

Главната фестивалска награда за животно дело годинава е посветена на полскиот филмски композитор Збигњев Прајснер. Што значи тоа во програмската смисла на фестивалот?

– Оваа година земја во фокус е Полска и ќе прикажеме два филма од опусот на Грегор Брзозович, кој ќе дојде како гостин на фестивалот. Посетителите ќе имаат можност да слушаат негова презентација таа вечер. Добивме и поддршка од амбасадата на Полска во Македонија. Другиот гостин, Прајснер, мораше да откаже поради обврските што ги има во периодов. Но затоа, наградата му е испратена во Полска.

Во изминативе три години се случи трипати да го интервјуирам Прајснер и беше соодветно да му биде врачена оваа фестивалска награда. Тој е еден од најголемите современи композитори и ова е трибјут за неговата музика што нам многу ни значи. Меѓутоа, тоа не нѐ спречува да го поканиме повторно како гостин во некое друго издание. Наградата има симболично значење. Фестивалот нема натпреварувачки карактер, туку ревијален и таа е единствениот тип награда што го доделуваме. Обично прикажуваме филм за уметникот кој е во фокус, но бидејќи нема филм за Прајснер, ќе прикажеме една кратка видеопрезентација.

Филмската програма на фестивалот ќе се одржи од 1 до 4 јули во Кинотеката

Со кого соработуваш во реализацијата на фестивалот тука и какви се конекциите со сродните фестивали во регионот?

– Годинава добивме поддршка од Агенцијата за филм, здружението „Блуз фамилија“, потоа и од Националната галерија со објектот „Мала станица“. Директорката Дита Старова Ќерими и многу други пријатели се најдоа да помогнат. Главниот фестивал од регионот со кој комуницираме е „Докенритам“ од Белград под раководство на Сандра Ранчиќ и сите филмови со македонска тематика веднаш ѝ се праќаат како сугестија, а многу од филмовите веќе се прикажани на репертоарот таму. Пред три години дури и организиравме Денови на македонски музички филмови во Белград.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 237, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот