Разговор со музичарот и композитор Михаил Парушев пред концертот на „Скопско лето“: Се радувам што ќе настапам во Куршумли ан

Михаил Парушев, композитор и музичар на ударни инструменти

Во рамките на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“ на 30 јули во Куршумли ан ќе се одржи концерт на групата „Парусион“, предводена од музичарот и композитор Михаил Мишко Парушев.

Џез-музичарот Михаил Мишко Парушев е композитор и свири на ударни инструменти. Роден е во Скопје во 1976 година во семејство на музичари. Веќе на четиригодишна возраст покажува интерес за ударни инструменти. Почнал да свири на тапани на шестгодишна возраст.

Во 1992 година е прогласен за најдобар тапанар на Скопскиот рок-фестивал. Истата година се запишал во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ во Скопје, каде изучува класични ударни инструменти. Академија за класична музика завршил на ФМУ во Скопје.

Парушев е член на познатиот музички бенд „Леб и сол“. Тој компонира и своја музика. Почнувајќи од 1989 година, па сѐ досега, тој настапувал низ целиот свет со врвни музичари.

На концертот во Куршумли ан ќе бидат изведени композиции од новиот материјал „Feel The Grooves“, познати нумери од повеќе фази од неговото творештво, како и композиции од албумот „Агол“.

Со „Парусион груп“ на 30 јули ќе одржиш концерт на „Скопско лето“. Каква програма подготвувате за изведба на концертот?

– Да, точно, во рамките на „Скопско лето“ ќе настапиме со групата „Парусион“, која е веќе со нова формација. За тој летен топол ден сме спремни да ја изненадиме публиката со модерна македонска музика со звук на денешницата, но во амбиент кој ќе го создаде самиот простор. Новата формација ги утврди композициите во периодот со неколку настапи на фестивалите во Македонија. Во Штип имавме фри-џез концепт, а исто така и во Скопје во „Паблик рум“ и на фестивалот „Видик“ во „Литература.мк“. Претходно настапивме и во Домот на културата „Билјана Беличанец“ по повод Денот на жената во Општина Кисела Вода, која веќе некое време се грижи за концертни активности на македонските бендови.

Настап на групата „Парусион“ на фестивалот „Видик“ во „Литература.мк“

„Парусион груп“ постои веќе 20 години, а минатата година имаше неколку настапи за промоција на албумот „Агол“ со новата формација. Кои се актуелните членови на групата?

– Албумот „Агол“ беше снимен и излезе во јуни 2022 година. Долго работевме и го снимивме „Агол“ со тогашните членови на групата. Денешната група доживеа целосна персонална промена. На гитара е најдобриот музичар на планетата Земја, а е во Македонија, Ѓоле Грујовски, мој долгогодишен пријател и колега од средношколските дружби и бендови. Јован Цветковиќ на пијано е прогласен за еден од најталентираните пијанисти во Македонија и Европа. Дионис Стратров на бас-гитара, со кого соработувам веќе 20 години, е правник по професија, но несомнено е одличен музичар. На кларинет и сопран саксофон е Петар Христов, еден од најдобрите кларинетисти во Македонија и пошироко. Тој е член на безброј бендови.

Концертот на „Скопско лето“ е планирано да се случи во Куршумли ан. Со други состави имаш настапувано во концертни сали и објекти низ целиот свет. Колку амбиентот на самиот објект дава додадена вредност на музиката што се изведува?

– Се радувам што ќе настапам во Куршумли ан. Тоа е простор во кој се случиле голем број мои настапи, што ме потсетува на едно убаво, чисто и искрено време, кога растевме безгрижно, свиревме и слушавме добра музика. Многу е убава енергијата на тој простор и едвај чекам да ги слушнам изведбите на „Лулка“, „Лебед“, „Петкана“, „Елтера“, едни од најзначајните мои композиции, како и „Фолки“, која е поврзана со тој период и простор, и која содржи еден транс од звукот што се слушал во тој 16-ти век, кога е изграден објектот на Куршумли ан.

Традиционалниот македонски ритам е во основата на твоите композиции, но инспирациите се движат во правец на современите џез-рок и фјужн тенденции. Како тече музичката мисла при создавањето на одредена композиција?

– Компонирањето е прекрасна работа. Решив уште пред 25 години да почнам со создавање композиции. Ние композициите ги нарекувавме песни. Не мислев дека тоа ќе биде етно или џез-рок фјужн. Сами се случија такви како што звучат. Никогаш не барав стил, туку сѐ само си дојде како звук од вселената. Дел од нив беа тешка електроника во периодот кога сите слушавме џез, ама и одевме на таканаречени електронски компјутерски музики или продукции. Тоа беше тренд и се радувам што престана, барем за мене. Без да сакам се вратив на почетоците кога слушав народно и џез, а тоа за мене е едно исто. Ако знаеш да свириш џез и ја познаваш таа музика, тогаш сѐ ти е лесно. Сето етно што се случи во мојата музика, исто така, беше природно, затоа што јас сум Македонец, а таа музика тече во нашите вени. Многу е силна македонската музика и вреди повеќе од дијамант.

Сето етно што се случи во мојата музика беше природно, затоа што јас сум Македонец, а таа музика тече во нашите вени

Покрај концертот во Скопје, какви други музички ангажмани имаш/е летово?

– Лето низ соседните држави. Веќе бев на неколку џез-фестивали во Хрватска со гитаристот Џо Пандур, басистот Ерик Маренче и вокалистката Хабиба на „Џез анд вајн фестивал“ во Стари град на Хвар, во „Орсула парк“ во Дубровник и уште на неколку дестинации. Кон крајот на септември ќе славам 40 години дружење со музиката. На тој концерт ќе изненадам неколку мои стари соработници и колеги. Словенија е во план за настап на „Парусион груп“ во ноември со концерти во Љубљана, Марибор и други. Планот за октомври е да го снимиме новиот проект на „Парусион груп“.

На концертот премиерно ќе биде изведен новиот материјал на бендот. Какви се следните планови со тој материјал?

– Тоа се композиции коишто веќе се свират со новата екипа. Беа свирени и пред 20 години. Станува збор за „Фолки“, „Лулка“, „Лебед“, „Слетување“ и „Електро џез“. Насловот на проектот е „За арно, за убаво“. Ќе биде весело и нека ни е со среќа концертот на „Скопско лето“ и понатамошните снимања и концертни настани.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 241, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.7.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот