Разговор со Иво Сандев: Имам околу 80 освоени медали, таеквондото за мене е многу повеќе од спорт

Македонскиот таеквондист Иво Сандев посакува во иднина класификација на Олимписки игри/фото: facebook/Ivo Sandev

Верувам и знам дека има желба кај најмладите за овој спорт во тоа ме уверува и фактот дека во нашата сала сè поголем е интересот за тренирање од страна на најмладата популација – вели македонскиот таеквондист.

Македонија има уште една перспективна надеж гладна за големи резултати во таеквондото, спорт веќе подолг период е доста популарен кај нас. Со сиот труд, сета љубов и срце бранејќи ги боите на нашата земја, на крајот навистина напорната работа секогаш се исплаќа.

Со резултати кои треба да се почитуваат и вреднуваат, за Иво Сандев кој има освоени околу 80 медали, таеквондото претставува многу повеќе од спорт.

Сандев е член на Таеквондо Клубот „Феникс-Кик“, тим кој настапи минатиот месец на силниот меѓународен натпревар во Ниш (Србија) на кој имаше повеќе од 1600 натпреварувачи од 17 земји. Горјан Секуловски, 29 кг. пионер (8-9) и Сандев сениори -63 кг. беа третопласирани. Сандев освои златен медал на меѓународниот натпревар „Скопје Опен“, а во март беше трет на деветтиот „Шабац Опен“.

Од колку години почна да тренираш таеквондо, што беше причината и што претставува овој спорт за тебе?

– Прв контакт со таеквондото ми беше на моја 6 годишна возраст, кога дознав дека во моето основно училиште „Кочо Рацин“ во општина Петровец постои клуб за таеквондо кој беше воден од страна на мајсторот Ацо Анастасов. Причината поради која и се запишав, е тоа што од мал секогаш повеќе ми привлекувале внимание боречките спортови. Таеквондото за мене претставува многу повеќе од обичен спорт, затоа што покрај тоа што го тренираме физичкиот склоп на личноста, исто толку се развива и менталниот склоп.

На кој клуб си член, колку си задоволен од тренинзите и самите услови кои ги нуди клубот?

– Член сум на таеквондо клубот „Феникс Кик“ кој е под водство на тренерот Александар Велјановски, нашиот клуб поседува најдобри и најсовремени услови за тренирање на таеквондо.

Веруваш ли дека има интерес кај помладите со желбата и волјата да стигнат до врвни резултати, дали се вложува во овој спорт?

– Верувам и знам дека има желба кај најмладите за овој спорт во тоа ме уверува и фактот дека во нашата сала сè поголем е интересот за тренирање од страна на најмладата популација. Исто така верувам дека до тоа многу придонесе нашиот резултат на олимписките игри од страна на Дејан Георгиевски.

Учествуваше на меѓународниот натпревар во Ниш – Астерикс Куп, колку си задоволен од настапот и освојувањето на третото место во категоријата -63 кг?

– Не можам да кажам дека сум задоволен затоа што секогаш може повеќе, со една победена борба стигнав до полуфиналето, каде што бев пречекан од европскиот вицешампион од Србија. Таа борба се одвиваше добро, но нијансите одлучија.

Кои настапи те очекуваат во следниот период?

– На оваа полусезона доаѓа крај каде што ме очекува уште еден настап на домашниот меѓународен натпревар во Охрид во јуни.

Кој е твојот врвен приоритет, кои се твоите цели во таеквондото кои сакаш да ги оствариш во иднина?

– Мојот врвен приоритет, и понатамошни цели ми се добри резултати на турнири од повисок ранг како Г1, Г2, гранд при, европски, светски првенства и секако квалификација на Олимписки игри.

Ја претставуваш Македонија на меѓународните натпреварувања, кои од твоите досегашни успеси ги одвојуваш како најдраги?

– Со оглед на тоа дека имам околу 80 медали освоени под Македонското знаме тешко е да се одлучи, но едни од најдрагите ми се одличните настапи на европските првенства.

Која би била твојата порака кон помладите кои сакаат да започнат да градат спортска кариера?

– Моја порака кон помладите кои сакаат да започнат со спортска кариера е да не чекаат и веднаш да започнат со тренирање на било кој спорт што тие сакаат. да тренираат напорно и посветено, своето време што повеќе да го поминуваат во спортските сали и успесите сами ќе си дојдат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот