Разговор со Димитрија Доксевски, актер во Драмски театар: Можноста да се работи „Диши“ дојде сосем спонтано

Димитрија Доксевски, актер во Драмски театар Скопје

Силна мотивација за актерите е кога се оставени на празна сцена, без реквизити, сценографија и музика, а низ своето искуство и талент треба да ги извлечат најдлабоките чувства од текстот што го играат, како што тоа е случајот со претставата „Диши“ во Драмски театар.

Претставата „Диши“ е поставена по текстот „Бели дробови“ од Данкан Мекмилан во режија на Димче Николовски на сцената на Драмски театар Скопје. Во претставата играат актерите Јасмина Василева и Димитрија Доксевски.

Премиерата се случи на 29 декември 2020 година, во екот на ковид-пандемијата што ги затвори сите културни установи. Сепак, претставата успеа да се одржи на театарската сцена веќе четири години благодарение на силната мотивираност на актерите и сѐ уште го привлекува вниманието на публиката. Околу предизвиците поврзани со „Диши“ разговаравме со актерот Димитрија Доксевски.

Што ви дава мотив и толку силен поттик со Јасмина Василева толку долго да ја одржувате претставата „Диши“ на сцената во Драмски театар?

– Претставата „Диши“ почнавме да ја работиме во исклучително тешки околности во пикот на ковид-пандемијата. Пробите и премиерата поминаа со континуирано носење маски. Знаете дека извесен период немаше редовен репертоар. Ние со „Диши“ директно учествувавме во процесот на „враќање“ на публиката во театар. Многу е тешко да добиете објективна слика за она што сте го направиле без да добиете повратен коментар од публиката. Така и со „Диши“ на почетокот не бевме свесни што сме направиле. Како се редеа репризите, така добивавме сѐ поголема потврда и позитивни критики од публиката. Тоа што секогаш има луѓе што имаат потреба да разговараат по претставата или да споделат впечатоци со нас во живо или ќе ни пишат на социјалните мрежи е една од причините кои ја одржуваат оваа за нас, а верувам и за публиката и за театарот, важна претстава од повеќе аспекти.

Секако, тука е темата со која се занимава текстот на одличниот драмски автор Данкан Мекмилан. И секако, на крај е предизвикот да се игра овој текст. Кога ќе застанете на сцена и авторот и режисерот ќе зададат јасни насоки како ќе се гради претставата, во кои актерот работи во процесот, односно игра на празна сцена без сценографија, не смее да користи реквизити, не смее да се користи музика, не смее да се користат знаци со промена на светло за извесни промени во текстот, односно приказната, тогаш се соочувате со еден од најголемите предизвици, како да доловите сѐ, само преку играта. Тој предизвик е високо октанско актерско гориво што движи напред.

Актерите Димитрија Доксевски и Јасмина Василева во сцена од „Диши“

Бидејќи по својата форма е дуодрама, изведувањето на претставата бара цврста и сигурна партнерска комуникација. Како се случи вие двајцата да се најдете во улогите на Тој и Таа?

– Можноста да се работи „Диши“ и да соработуваме заедно дојде сосем спонтано. Со Јасмина изминатава декада, а можеби и повеќе, сме соработувале на многу различни проекти, бевме дел од повеќе претстави во продукции на национални театри и како дел од независната сцена пред да започнеме со процесот на „Диши“ во Драмски театар. Добро се познаваме.

Добрата комуникација на сцена е нешто што се гради на повеќе нивоа. Довербата и почитта се дел од тие неколку важни сегменти во партнерската комуникација. „Тој“ и „таа“ како на сцената, така и во животот, се два карактера полни со љубов, страст, тага, прашања, одговори, копнежи, сомнежи, исчекувања итн. Тоа се теми и состојби што ние луѓето ги живееме и се среќаваме секојдневно. Тоа што го живееме, тоа го мислиме и тоа го бараме или не наоѓа нас. Знам дека се најдовме едно утро, бевме насмеани.

Текстот носи приказна за двајца партнери што посакуваат да добијат дете, а преплетен е со мноштво еколошки пораки за опстојувањето на планетата Земја. Со какво чувство како актери ги прочитавте пораките на текстот за соодветно да ги изразите на сцена?

– Текстот е одлично напишан, актуелен е, комуницира со публиката на еден специфичен начин во кој покрај драмата има латентна, многу фраерска линија на комика. Во неговата структура е цврст и лесно може да се прочитаат сите негови пораки и да се следат сите насоки кои авторот ги задава. Кога ќе се спомне бебе во една фамилија, поточно помеѓу двајца партнери што размислуваат за прво дете, тоа, секако, е процес што отвора многу прашања и дилеми. Значи нов живот во таа фамилија, нов почеток, нови предизвици, нови обврски итн. Сето тоа отвора многу прашања на кои некогаш имаме одговори, а некогаш немаме. Важно е во времето помеѓу прашањето и одговорот на двајца партнери да се најде начин да се егзистира. Тоа знае некогаш да трае долго и да отвора многу потпрашања.

„Тој“ и „Таа“, како на сцената така и во животот, се два карактери полни со љубов, страст, тага, прашања, одговори, копнежи, сомнежи, исчекувања

Каква зрелост треба да има актерот кога само со едно движење на сцената треба да премости цел еден временски период?

– Не би знаел да одговорам на ова прашање. Не знам. Го доживувам само како комплимент затоа што ние во претставата брзо правиме промени на време и простор, па, ете, си земам за право да ти се заблагодарам за тоа што ја гледаш зрелоста и многу ми е драго. Веројатно е потврда за посветеноста, чесната работа, искуството, влегување во зона која не е комфорна, истражување на нови работи, бегање од тоа што веќе е усвоено, веројатно тоа води кон некакви зрели промени. За зрелоста да ја демистифицираме, подобро е да оставиме за некои следни далечни интервјуа…

Освен изведбите на сцената во Драмски театар, каде досега гостувавте со претставата и какви реакции на публиката имаше таму?

– Претпоследната реприза беше на фестивалот РУТА на Бриони, Хрватска, во август, и со тоа го заокруживме третото интернационално гостување во регионов, покрај Приштина (Косово) и Сараево (БиХ). Секаде имавме одличен прием. Убави реакции и позитивни критики. На последната на Бриони, имавме исклучителни разговори по претставата во кои дел од тамошната публика, еминентни актери и режисери, не се воздржуваа од комплименти. Тоа ќе остане убав спомен за нас кој ќе го памтиме уште долго.

Важно е дека Драмски театар со „Диши“ се претставува во оној препознатлив сјај на еден од најдобрите театри на Балканот и во Европа, кој постарите вљубеници на театарот од поранешните југословенски републики добро го паметат.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 249, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.09.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот