Раздор во Владата поради ЗНАМ(е) по само 8 дена

Координација, министри Вреди Фото: Фејсбук Изет Меџити

Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, откако се закани дека ќе излезат од Владата ако албанското знаме остане како декор во владините кабинети на министрите Албанци од Вреди, по 24 часа се пишмани и сега ќе им остави простор на министрите да се коригираат.

Уште нераспределени позициите во третиот владин ешалон и само по осум дена од формирањето на Владата на Христијан Мицкоски, почнаа несогласувањата помеѓу владините партнери ЗНАМ и коалицијата Вреди. Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, откако се закани дека ќе излезат од Владата ако албанското знаме остане како декор во владините кабинети на министрите Албанци од Вреди, по 24 часа се пишмани и сега ќе им остави простор на министрите да се коригираат. Од Вреди не им е јасно зошто на Димитриевски му пречи албанското знаме и ги поканија министрите на ЗНАМ на координација кај првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, не им дава приоритет на етничките прашања, зашто за него и ВМРО-ДПМНЕ најважни се проектите за граѓаните. Најголемиот партнер во Владата порача сите прашања да се решаваат со дијалог во самата Влада.

Максим Димитриевски/Фото: Слободен печат

Димитриевски: Продолжува ДУИ-наративот

Димитриевски во гостување на поткастот на Канал 5 „На кавга со Иван“, се закани дека ЗНАМ ќе излезе од Владата ако албанското знаме остане во кабинетите на министрите Албанци.

– Исто како што реагирав кога новиот претседател на Собранието направи нешто слично, и ова е само ДУИ-наратив што продолжува во континуитет. Ако продолжи таквиот однос, непочитување, таквото однесување, нема да бидеме дел од Владата. Нормално дека ќе излеземе. Нема да дозволувам како лидер на нова политичка партија да ни се случуваат вакви нешта со кои се покажува елементарно непочитување на државата и на македонскиот народ – рече Димитриевски.

Заканата на Димитриевски сега стана предупредување дека ЗНАМ ќе продолжи да биде коректив во новата влада, без конкретен одговор дали предупредувањата ќе траат цел мандат, односно дека немале намера да ја напуштат „Илинденска“. На прашањето – дали ќе излезат од Владата ако таквата практика продолжи, портпаролот на партијата Никола Мемов ги повтори принципите по кои ЗНАМ влегла во владино партнерство со ВМРО-ДПМНЕ. А тие се дека при преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за влез на ЗНАМ во Владата, прифатена е нивната политичката платформа, стратегиските определби, политичките начела, како и конкретните програмски определби на партијата и дека тие се составен дел на владината програма. Тој додаде дека се прифатени и усогласени принципите и начинот на функционирање на Владата врз рамноправни, автономни и партнерски односи со заемна одговорност.

Никола Мемов/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

– ЗНАМ ќе биде гарантот дека никогаш повеќе нема да може никој да го уценува со непристојни предлози поголемиот партнер во Владата и коишто ќе одат на штета на македонските национални интереси. ЗНАМ ќе биде коректив во Владата и, како во случајот со заклетвата на претседателот на Собранието, ќе реагира во сите други случаи кога ќе има нарушување на Законот за употреба на јазиците и на знамиња на етничките заедници. Не сакам да го релативизирам прашањето, секој има право на координација во рамките на Владата, тие не се ништо ново. Не спориме дека може да има координација, но да не се сфати како провокација. Ова се процеси на кои ЗНАМ ќе укажува во владината коалиција, тие процеси се бавни, но работните навики ќе се менуваат – рече Мемов.

Тој додаде дека за тие прашања се разговара во владината коалиција.

Вреди: Кампањата одамна е завршена

Од Вреди му порачаа на Димитриевски дека предизборната кампања одамна е завршена и дека ваквата реторика никому не оди во прилог.

Арбен Таравари, министер за здравство Фото:Фејсбук Таравари

– Подобро ќе беше претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, пред да одлучи да коментира јавно, да се информира што е целта на средбата на првиот вицепремиер Меџити со министрите на Вреди. Сметам дека е таков „куќниот ред“ во една заедничка Влада. Не гледаме ништо спорно во редовната координација на нашите министри заради обезбедување ефикасност во спроведувањето на програмските заложби. Еве, може да ги поканиме и министрите на ЗНАМ на следната координација за да се уверат во ова што го говориме. Што се однесува до албанското знаме, имаме само една порака – не ја оспорувај употребата на симболите на албанскиот идентитет, како што не сакаш да бидат оспорувани симболите на македонскиот идентитет. Впрочем, заложбите за меѓусебно разбирање и соживот со Албанците, не смеат да важат само за време на кампањите за локални избори – велат од Вреди.

Од ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ велат дека се фокусирани на граѓаните.

Христијан Мицкоски, премиер Фото: ВМРО-ДПМНЕ

-Оваа Влада решава проблеми на граѓаните и е силно посветена на прашањата поради кои е избрана. Етничките прашања не треба да бидат во преден план. Сите прашања треба со дијалог да се решат во рамките на самата Влада. ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ имаат одлична соработка – велат од партијата на Мицкоски.

Меџити пред неколку дена соопшти дека почнува практика на редовна координација со министрите, замениците министри и другите избрани и именувани кадри на коалицијата Вреди. Тој информира дека редовната координација се воспоставува за да се обезбеди висок степен на ефикасност во спроведувањето на нивните програмски заложби.

-Остануваме целосно посветени на спроведување на предизборните ветувања и спроведување на политики кои ќе ги решаваат проблемите на граѓаните, ќе го подигнат животниот стандард и ќе обезбедат сигурна иднина. Фокусирани сме на динамизирањето на ЕУ-перспективите, борбата против корупцијата, економскиот развој и децентрализацијата на власта кон општините како прв непосреден сервис за граѓаните. Имаме план и визија за испорачување на резултати во прецизно утврдени рокови. Заедно со претседателот на Собранието и пратениците од владејачката коалиција ќе предлагаме и усвојуваме соодветни законски решенија – соопшти Вреди по координацијата.

На фотографијата што ја сподели Меџити од координацијата, може да се види дека во неговиот кабинет е истакнато и албанското знаме. Етничкото или албанското знаме веќе е декор и во кабинетите на министрите за социјала и за здравство Фатмир Лимани и Арбен Таравари.

Фатмир Лимани, министер за социјала Фото: Фејсбук Лимани

По потпишувањето на Рамковниот договор, стана практика во кабинетите на министрите, градоначалниците и на другите функционери Албанци да бидат истакнати освен државното и знамињата на ЕУ, на САД, како и албанското знаме, а неретко и знамето на УЧК. Албанското знаме беше редовен декор и во кабинетот на поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери, но и на актуелниот Африм Гаши.

Африм Гаши, претседател на Собрание Фото: Фејсбук Гаши

Реагираа и од Европскиот фронт дека никој не може да им забрани на Албанците да го користат нивното национално знаме.

-Димитриевски може да дозволи или да забрани знамиња во неговиот приватен дом. Владата е дом на сите граѓани на Северна Македонија, а следствено и на 1/3 од вкупното население, во овој случај Албанците. Сите заедници може да го користат своето знаме, а кои се дел од преамбулата на оваа држава, како турското, бошњачкото, влашкото, ромското, египетското итн. Државното знаме на Северна Македонија е почитувано од сите и затоа сите треба да ги почитуваат соодветните симболи. Таканаречениот српски етноцентризам се појавува како црн облак над нашата земја, и е лош знак, затоа запрете ги експериментите врз државата која секој ден сè повеќе се обидувате да ја поделите и разедините. Засукајте ги ракавите и работете за иднината на оваа земја, доста со постизборна кампања – велат од Европскиот фронт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот