Растот на минималната плата ќе ја намали администрацијата!

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Платите во државната администрација, која е огромна и направена според партиски потреби, стануваат сè понепривлечни и помали од оние во приватниот сектор, а тие разлики може да бидат уште поголеми и поважни со растот на минималната плата на 18.000 денари.

Уште кога почна да се субвенционира растот на платите во приватниот сектор, преку субвенционирање на придонесите, Владата рече дека тоа е и мерка со цел приватните фирми да станат поатрактивни од државните. Колку тогаш тоа да изгледаше, да не кажам и смешно, почнува да се овистинува.

Платите во државната администрација стануваат сè понепривлечни и помали од оние во приватниот сектор, а капак на таа состојба е најавениот раст на минималната плата на 18.000 денари, кој во администрацијата и во јавните претпријатија може да доведе оние со средно образование, но со подолг стаж (а во јавниот сектор важи додатокот за стажот, за разлика од приватниот) да ги стигнат, па дури и да ги претркаат оние млади луѓе со универзитетски дипломи.

Лек за тоа е примената на законската регулатива (која досега не се применуваше) за соодветно скалесто зголемување на платите. Но, тоа ќе бара дополнителни средства од Буџетот, а во него такви пари не се предвидени затоа што и не беше предвидено дека минималната плата од март ќе биде 18.000 денари. Значи, ќе треба некаде да се скрати и да се пренамени или со кредит да се плаќа државната администрација?!

Факт е дека администрацијата долго време беше запоставувана во однос на платите, но од друга страна таа зема голем дел од буџетскиот колач. Причината е јасна, направена е огромна администрација според партиски потреби, без водење сметка за нејзината ефикасност, а цехот го плаќаат и вработените во администрацијата (оние што не одат само на работа за да се потпишат, а има и такви) кои земаат мала плата, но и граѓаните кои не добиваат соодветни услуги.

Според Регистарот за вработените во јавниот сектор за 2020 година (во март ќе се објави за 2021 година), во Македонија активни се 1.332 институции, во кои има 131.183 вработени. Од нив, 19.594 се со статус на овластени службени лица и за нив не се водат податоци за структурата. Од останатите 111.589 вработени, 38.493 се со средно образование и 9.218 се со основно образование, или 36,3 проценти се во групата со најниски плати – најголем дел до 18.000 денари. Но, меѓу нив –  како што тврди Синдикатот на работниците од управата, правосудни органи и здруженија на граѓани  – има и такви што не земаат ниту минимална плата. Според нивното тврдење,  помладите референти веќе две години земаат плата 14.500 денари, а референти – 14.980 денари?!

Во Буџетот за 2022 година има издвоено 531 милион евра за плати во администрацијата и  во јавниот сектор, а тоа се 12 проценти од вкупните расходи на државата. Секако во овие плати, покрај платите на службениците, се и оние за лекарите, судиите, министрите, директорите, а таму има и повисоки плати. Годинашниот буџет за плати е потежок за 17,6 милиони евра од она што било потрошено минатата година. Според министерот за финансии Фатмир Бесими, тука влегува зголемувањето на платите во здравство за 5 проценти, поголеми плати во судство за 15 проценти, раст на плати од 15 проценти за обвинителите, 7 проценти поголеми плати во образованието, согласно колективниот договор, раст на плати во културата – согласно колективниот договор во кој растот се поврзува со растот на минималната плата и 10 проценти раст на платите на инспекциските служби во согласност со закон.

Но, во групата вработени во јавен сектор влегуваат и вработени во претпријатија во државна сопственост и во јавни претпријатија основани од Владата кои сами си остваруваат приходи, како и општините со своите општински каси, па така, реално, овие околу 132.000 вработени чинат многу повеќе од 531 милион евра.

Крајната математика ја прави Државниот завод за статистика, а според неа просечната нето-плата во државава, независно дали некој е вработен во приватниот или во јавниот сектор е 29.130 денари. Со ваква плата, за жал, ние сме на крајот од регионалната листа на плати. Растот на минималната плата треба да ја ублажи таа рак-рана за нашиот животен стандард, независно кој каде работи, дали во приватниот или во државниот сектор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот