Работа од дома – нов модерен животен стил

Никола Тодоров. / Фото: Архива на Слободен печат

Внимателната реформа на работните односи би била клучен фактор за привлекување странски инвестиции и зголемување на вработеноста во приватниот сектор и постепеното намалување на вработените во јавниот сектор.

Системот на регулирање на работните односи е клучен за деловната клима, привлекувањето странски инвестиции и развојот на пазарот на трудот. Понекогаш ригидноста на регулативата може да ги одбие инвеститорите повеќе од повисоките даночни стапки. Оваа тема често предизвикува дебати бидејќи изгледа дека директно ги спротивставува работодавачите и работниците. Сепак, денешната реалност покажува дека работниците сè почесто недостасуваат, па работодавачите ретко би сакале да се ослободат од добар работник. Од друга страна, искуството говори дека кога е потребно да се ослободат од токсичен или непродуктивен работник, тоа е тешко и создава фрустрација кај работодавачите. Внимателната реформа на работните односи би била клучен фактор за привлекување странски инвестиции и зголемување на вработеноста во приватниот сектор и постепеното намалување на вработените во јавниот сектор, бидејќи, според мене, еден од клучните чекори за забрзан развој на Македонија е да се намали бројот на вработени во јавниот сектор, кој сега изнесува околу 200.000, и да се зголеми вработеноста во приватниот сектор. Преку мораториум на нови вработувања во јавниот сектор и подобрување на условите за работа во приватниот сектор, би можеле да го преполовиме овој број во следните 8-10 години. Со тоа, јавната администрација би станала поефикасна, а средствата би се пренасочиле кон капитални инвестиции, што би предизвикало економски раст и подобрување на стандардот во приватниот, но и јавниот сектор.

Работа од далечина: европска правна рамка и состојбата во Македонија

Пандемијата на ковид-19 драстично ја промени работната средина, ставајќи ја работата на далечина во центарот на вниманието. Во ЕУ, работата на далечина добива сè поголемо внимание и регулација, додека во Македонија, иако многу компании ја применуваат оваа практика, регулативите сè уште не се доволно прецизни.
Европскиот рамковен договор за работа на далечина од 2002 година постави основа за доброволната природа на работа на далечина, заштитата на податоците и еднаквиот третман на сите работници. Во ЕУ, работата на далечина е доброволна за двете страни. Оваа флексибилност им дозволува на работниците да ја изберат работната средина што им одговара. Дополнително, работниците на далечина уживаат еднакви права како и оние што се присутни на работното место – еднаков пристап до обука, развој на кариера и социјална сигурност. Регулативите исто така ставаат акцент на здравјето и безбедноста на работниците, обврзувајќи ги работодавачите да обезбедат соодветна ергономска опрема и да ги покријат трошоците за работа од дома. Најважно во овој поглед е правото на исклучување-дисконектирање како една од последните значајни реформи во трудовото право на ЕУ. Неколку европски земји веќе донесоа закони што ги штитат вработените од очекувањето да бидат достапни за комуникација поврзана со работата и надвор од работното време. Оваа мерка е од витално значење за да се спречи исцрпеност и да се обезбеди здрава рамнотежа помеѓу работата и животот, особено за работниците на далечина, на кои може да им биде тешко да ја одвојат работата од личниот живот.
Кај нас членот 50 од Законот за работни односи ја регулира работата од дома. Иако оваа регулатива дефинира некои основни права и обврски, ѝ недостигаат многу од деталните заштити што ги нуди европската регулатива, како, на пример, правото на исклучување, прецизното следење на работното време, заштита на приватноста и заштита на личните податоци. Воведувањето на овие одредби би ја подобрило правната заштита на работниците на далечина и би ја зголемило привлечноста на приватниот сектор за работна сила.

Работа на странци: даночни предности

Една од значајните можности што Македонија може да ја искористи е привлекувањето странски работници на далечина. Со рамниот данок на личен доход од 10%, земјата може да стане атрактивна дестинација за странски граѓани што бараат пониски даноци. Ова би помогнало да се зајакне локалната економија преку прилив на странски капитал. Сепак, за да се овозможи ова, потребно е да се приспособи даночната регулатива и да се воспостави јасен правен статус за странските работници на далечина. Регулативите за социјално осигурување исто така треба да се приспособат за да овозможат лесно работење на странските работници, кои би живееле во Македонија, а би работеле за странски компании.

Препораки за подобрување на законодавството во Македонија

Право на исклучување-дисконектирање: Законска измена што ќе им овозможи на работниците да се исклучат од работни обврски по завршување на работното време, слично на регулативите во ЕУ. Ова ќе помогне да се спречи прекумерната работа и да се обезбеди здрав баланс меѓу работата и личниот живот.
Следење на работното време: Законот треба да прецизира како се следи работното време на работниците на далечина, со цел да се обезбеди праведност и отчетност, но истовремено и флексибилност.
Привлекување дигитални номади, работници на далечина: Македонија би можела да воведе виза за дигитални номади или слична виза за работа на далечина што ќе им овозможи на граѓаните на ЕУ да живеат во Македонија и од тука да работат на далечина, а истовремено да имаат корист од поволните даночни услови. Ова успешно е направено од Хрватска и Естонија, каде што странските работници можат да престојуваат подолго и да имаат бенефит од пониски даноци. Покрај ова треба да се изработат јасни насоки за т.н. даночен престој, со што ќе им се олесни на работниците од далечина да разберат кога стануваат даночни резиденти во Македонија. На пример, ако граѓанин на ЕУ помине повеќе од 183 дена во Македонија, може да има корист од рамниот данок на личен доход во Македонија од 10%. Покрај рамниот данок Македонија нуди пониски трошоци за живот во споредба со повеќето земји од ЕУ, што нè прави атрактивна дестинација за дигиталните номади и работниците на далечина кои потекнуваат од земјите со повисоки трошоци.
Работата на далечина има многу предности за работниците, како флексибилност и заштеда на трошоци, но и за компаниите преку зголемена продуктивност и намалени трошоци за канцелариски простор. Вештачката интелигенција (ВИ) и забрзаната дигитализација овозможуваат поефикасна работа на далечина преку автоматизација на процеси, подобра комуникација и управување со тимови. ВИ алатките, како виртуелни асистенти и платформи за соработка, ја подобруваат продуктивноста и овозможуваат пофлексибилна работа без физичка присутност. Сепак, за да се ублажат слабостите како изолација и прекумерна работа, потребни се јасни регулативи кои ќе ги заштитат работниците и ќе обезбедат флексибилност, без да се нарушат основните права.
Со овие мерки, Македонија може да стане атрактивна дестинација за работа на далечина, не само за домашните, туку и за странските работници, што ќе ја зајакне економијата и ќе ја направи поконкурентна на глобалниот пазар на труд.

Дојче веле

(Авторот е политичар и правник)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот