Први на агендата – растот на минималната плата и мерките против ценовниот шок, новиот министер за економија и труд се претстави пред новинарите

Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Во Министерството за економија немало ревизија цели 9 години и тоа мора итно да се направи, но не се работи за недоверба во работата на претходниот министер Крешник Бектеши. Ќе има одговорност за секоја евентуална злоупотреба или криминал во секторот, рече Бесар Дурмиши, министер за економија и труд

Новиот министер за економија и труд Беса Дурмиши најавува ревизија во секторот што го раководи за да се видело како се работело низ годините во еден од најклучните економски ресори. Ова, според Дурмиши, не значи дека тој се сомнева во работењето на неговиот претходник Крешник Бектеши, туку дека таква проверка на институцијата немало од 2015 година.

– Во Министерството за економија немало ревизија цели 9 години и тоа мора итно да се направи, така што не се работи за недоверба во работата на мојот претходник. Ќе има одговорност за секоја евентуална злоупотреба или криминал во секторот – истакна Дурмиши.

Министерот за економија и труд им најави на новинарите дека на првата средба на Економско-социјалниот совет ќе се разговара за барањето на ССМ за зголемување на минималната плата на 450 евра, што Синдикатот го лоцира уште во првите 100 дена од новата влада. Според него, ќе се работи на подобрување на бизнис-климата и на заштитата на правата на работниците. Прашан како во иднина ќе се справуваме со инфлацијата и цените, Дурмиши најави итна средба и со коморите и производителите на храната, на која ќе се разгледа списокот од над 2.600 производи што треба да добијат ограничени маржи. Овој список ќе служи како Правилник, а производите ќе имаат ограничена маржа до 10 отсто. Списокот го разгледуваа и од Стопанската комора и Организацијата на потрошувачи.

– Дали ќе има зголемување на минималната плата ќе се дискутира на првата седница на Советот и ќе ги разгледаме сите опции што се во интерес на работниците, но и на работодавачите, а ќе ги разгледаме и сугестиите од коморите и производителите на храна – додаде Дурмиши и вети дека неуморно ќе се посвети за остварување на целите во насока на подобрување на економијата на државата.

Во таа насока ќе се ревидира и државната помош, што ќе значи поголема сума за домашните извозни компании.

– Ќе бидеме силен глас на бизнисот во Владата, бидејќи 13 отсто од БДП се прави во индустријата, а 99 отсто од претпријатијата се мали и средни – потсети Дурмиши.

Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Министерот порача дека Владата и МЕТ ќе ги поддржат сите иницијативи што доаѓаат од стопанските комори, иницијативи што ќе значат подобрување на економскиот амбиент во државата, како и подобрување на животните услови на сите граѓани во Македонија, односно додадена вредност во квалитетот на нивниот живот.
Дурмиши потенцираше дека соработката на Министерството за економија и труд со претставници на коморите во иднина ќе се одвива во сите фази на изготвување на закони, програми, стратешки документи и слично. Оваа соработка, како што посочуваат, вклучува земање предвид и вградување нивни сугестии, предлози и укажувања во сите документи и законски акти што се изработуваат. Годинава ќе се работи на новите закони за работни односи и за безбедност при работа, додаде Дурмиши.

Инаку, Дурмиши ја почна првата средба со новинарите на албански јазик, а му се заблагодари и на лидерот на БЕСА, Билал Касами, за довербата што му ја укажал, номинирајќи го за министер за економија и труд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот