Првата жена што пловела низ светот: Морала да се облекува како маж за да ги следи своите соништа

Жана Баре
Жана Баре / Фото: Profimedia

Жана Баре го следела својот сон и се качила на брод на француската морнарица, во време кога на жените не им било дозволено такво нешто, облечена како маж, пишува „Национална географија“.

Таа била родена на 27 јули 1740 година, во францускиот регион Бургундија. Детството го поминала меѓу растенија, кои научила да ги разликува уште од рана возраст. Иако никогаш не добила формално образование, таа имала големо познавање од ботаниката. Помеѓу 1760 и 1764 година, таа се вработила како домашна помошничка во куќата на натуралистот Филберт Комерсон. Наскоро неговата сопруга починала, а Баре станала негова љубовница и соработничка. Со него имала и син, кој бил даден на посвојување.

Кога Комерсон станал официјален ботаничар на францускиот двор, Баре заминала него во Париз и продолжила да работи како негова куќна помошничка и лична медицинска сестра.

Во 1765 година, француската влада, плашејќи се дека ќе биде престигната од нејзините големи ривали, Велика Британија и Шпанија, му наредила на адмиралот и истражувач Луј Антоан де Бугенвил да открие нови територии.

Бугенвил веднаш се сетил на Комерсон и го замолил да го придружува на неговото патување. Комерсон рекол дека ќе го прифати предизвикот само доколку неговиот помошник дојде со нив. Бидејќи било незамисливо за жена да тргне во таква експедиција, Комерсон и Баре смислиле план: Таа се преправила во маж и го сменила своето име во Жан.

Се појавиле гласини

Експедицијата на Бугенвил се состоела од два брода: Будуз и Етоал, кои испловиле од Нант во 1766 година. Една од првите постојки била во Монтевидео (денешен Уругвај), каде гадење и чир на ногата го спречиле Комерсон да си ја заврши работата. Но, тука била Баре, која самата ја работела речиси целата работа додека ботаничарот одмарал во кабината што му ја позајмил капетанот на Етоал.

Во Бразил, таа направила откритие што ја фасцинирало: спектакуларно растение кое го нарече бугенвила, по водачот на експедицијата. На крајот, младата жена успеала да собере меѓу 3.000 и 6.000 нови растенија. Комерсон, како ботаничар на експедицијата, го задржал правото да именува 70 од нив по него, иако ѝ дозволил на Баре да именува еден по себе.

И покрај фактот дека експедицијата била полн погодок, патувањето било сè само не едноставно. Баре, како и целата екипа, морала да се соочи со страшни бури за време на преминувањето на Магеланскиот теснец. Исто така, таа морала да биде многу внимателна за да не биде откриена. Но, во толку мала средина, тоа беше речиси невозможно и многу морнари почнале да го вперуваат прстот кон неа. Еден од членовите на експедицијата подоцна напишал во своите мемоари дека таа им раскажала дека била кастрирана од страна на отоманските пирати, во што тие очигледно верувале.

„Жена на бродот!“

Иако не е познато како дошло до тоа, идентитетот на жената бил откриен по нејзиното пристигнување на Тахити. Некои велат дека самите староседелци на островот ја предале на екипажот кога го откриле нејзиниот статус, други, пак, велат дека членови на екипажот ги разоткриле нејзините лаги. На крајот, таа, наводно, била соблечена гола и, според некои верзии на приказната, силувана, додека во неа бил вперен пиштол. Бугенвил, не сакајќи да ризикува да се врати во Франција со жена на бродот, донел контроверзна одлука – ги оставил неа и Комерсон во Маурициус.

За време на нивниот престој во Маурициус, на покана на гувернерот на островот, Пјер Пуав, парот патувал неколку пати до Мадагаскар, кој Комерсон го опишал како „ветената земја за натуралистите“.

Баре продолжила да служи како негова куќна помошничка и медицинска сестра до неговата смрт во март 1773 година.

Малку се знае за животот на Жана Баре по смртта на Комерсон. Некои од нејзините биографи сугерираат дека таа можеби работела во таверна на островот, каде што се запознала со офицерот Жан Дуберн, со кого се омажила на 17 мај 1774 година. Потоа, двајцата патувале низ светот и се вратиле во Франција, каде што таа открила дека Комерсон ја именувал за своја наследничка и ѝ оставил значително наследство. Една деценија подоцна, таа добила и доживотна пензија од француската влада и признание за учеството во првата француска експедиција што ја обиколи земјината топка.

Починала на 67-годишна возраст во Сен Антоан, Франција, на 5 август 1807 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот