Пропадна тендерот за пругата од Коридорот 8 кон Бугарија

Пруга / Фото МИА

Доколку земјата не успее да најде изведувач на тендерот за изградба на делницата Крива Паланка – Деве Баир тежок 560 милиони евра, каде Брисел учествува со 210 милиони евра, средствата, ќе почнат да се повлекуваат, изјави раководителот за соработка во Делегацијата на ЕУ Штефан Худолин во интервју за 360 степени.

– Навистина, теренот на оваа трета фаза е изискувачки, сложен, но тоа не е нешто што не може да се надмине со денешната технологија. Ако ова продолжи, а Коридорот 8 е значителен дел од таквите инфраструктурни проекти, ќе се соочиме со ново губење на повеќе од 40 милиони евра. Сумирано, тоа се 120 милиони евра во грантови кои повеќе нема да бидат достапни за земјата од пакетот кој е скроен во моментов, вели Худолин.

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски уверуваше дека Македонија не се откажува од идејата за изградба на пруга со Бугарија, но според него тендерот е пропаднат и нема повторно да се распише во истата форма, бидејќи она што е понудено е неизводливо за реализација. Иако имало седум понуди за изградба и финансирање на проектот, според Николоски, тие не доаѓале од сериозни земји членки на ЕУ. Следен чекор, рече е да се направи заеднички проект со Бугарија.

– Ова е проект кој што не е изводлив. Со самото тоа што од 7 понуди има само една понуда од компанија од земја членка на ЕУ и таа е за 250 милиони евра поскапа од проценетата вредност мислам дека се кажува кон изводливоста на проектот. Ние мора со Бугарија да договориме заеднички проект, затоа што и оваа траса да ја избереме ако пругата заврши во тунел кој што од другата не излегува никаде што сме направиле – рече Николоски.

Тендерот за изградбата на делницата 3 од пругата од Куманово до бугарската граница беше распишан на крајот на 2023 година. Токму неделава истекуваат и 90 те дена во кои се валидни понудите за финансирање и изградба, чии рок за поднесување истече на 26 јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот