Пронајдено во пластична кеса: Украденото ремек-дело на Тицијан e продадено за 20,6 милиони евра

Ремек-дело на италијанскиот сликар Тицијан / Фото: PA Images / Alamy / Alamy / Profimedia

Уметничкото дело со наслов „Одмор на патувањето кон Египет“ / „Riposo durante la fuga in Egitto“ на италијанскиот мајстор Тицијан има драматична историја на кражби, вклучувајќи ја и онаа кога било оставено во пластична кеса на автобуска станица во Лондон.

Сега, ова ремек-дело беше продадено на аукција од аукциската куќа „Кристи“ за неверојатни 20,6 милиони евра (17,5 милиони фунти) со што достигна рекордна цена за делата на Тицијан, пренесува „Еуроњус“.

На сликата е прикажана Марија како го лула Исус додека Јосиф ги гледа. Таа е широка 60 сантиметри и е насликана на дрвена плоча.

Сликата која се верува дека е насликана во 1510 година, првпат била преземена од трупите на Наполеон од палатата Белведере во Виена на почетокот на 19 век. Потоа, во 1995 година, била украдена од Лонглеат Хаус во Англија, каде што била изложена откако била во сопственост на 4-от Маркиз од Бат во 1878 година. Тогаш, за нејзиното пронаѓање била понудена награда од 100.000 фунти.

Пронајдена е седум години подоцна без рамката, во пластична кеса на автобуска станица во Лондон. Поранешниот детектив Чарлс Хил, од Скотланд Јард, кој ја пронашол сликата, е исто така заслужен за помошта за враќањето и на други познати уметнички дела, вклучувајќи го и „Врисок“ на Едвард Мунк.

Глобалниот шеф на Одделот за стари мајстори на „Кристи“, Ендрју Флечер, вели дека сликата е „навистина извонреден пример за пионерскиот пристап на уметникот и за употребата на бојата и за претставувањето на човечката форма во природниот свет“.

Тој смета дека сликата е најважното дело на Тицијан што се појавило на аукцискиот пазар „повеќе од една генерација“.

Лордот Бат, кој го наследил имотото Лонглеат од својот татко како Маркиз од Бат во 2020 година, рекол дека сликата – која го прикажува Светото семејство кое запира на своето патување во Египет – има „извонредна историја“.

„Имаме значителна долгорочна инвестициска стратегија во Лонглеат и решивме да го продадеме ова дело за да ја продолжиме оваа агенда во време кога пазарот за слики од таква уникатна реткост е толку силен“, изјавил тој пред продажбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот